Ниска свест за сексуалното вознемирување

0
845
Фото: DW

Сексуалното вознемирување и сексуалното насилство врз жените остануваат голем проблем во македонското општество, но за него ретко се говори јавно, анализира Дојче веле на македонски јазик.

Случајот со холивудскиот моќен филмаџија, Харви Вајнстајн кој од позиција на моќ сексуално злоупотребувал и уценувал млади жени во индустријата, не предизвика некои поголеми дебати во Македонија. За сексуалното вознемирување и сексуалните напади во земјата ретко се говори јавно. Жртвите на сексуални напади или ваков вид вознемирување обично го премолчуваат и се плашат или срамат да излезат во јавност со приказната за она што им се случило. Иако и жените во Македонија секојдневно се соочуваат со „некој Харви Вајнстајн“, вознемирувањето се премолчува, се збори меѓу пријателите или пак се релативизира како нормално мачо однесување, велат познавачите.

Адвокатката Павлина Зефиќ за Дојче веле вели дека сексуалното вознемирување е забрането со Законот за работни односи и со Законот за спречување и заштита од дискриминација и истото се третира како дискриминаторско постапување поради полот на жртвата. Според неа, во земјата е ниска свеста за сексуалното вознемирување на работното место, што го покажува и судската пракса.

„Најчесто погодени се жените но за жал истите често не се ни свесни дека се жрвта на сексуално вознемирување. За тоа говори податокот дека досега не постои ниту еден пријавен предмет до надлежните органи ниту пак е поведена постапка за заштита кога постои понижувачко постапување кои го нарушува достоинството. Повеќе од потребни се кампањи за подигнување на свеста и охрабрување на жрвтите да ги пријавуваат ваквите постапки зошто во Македонија се уште сексистичките коментари и ваквиот тип на вознемирување се сметаат како акт преку кој се даваат комплименти“, вели Зефиќ.
Примери на неказнети злоупотреби има многу и во различни сфери на општествениот живот вели Ана Василева, феминистка и активистка за женски права. Според неа, уште од претшколска возраст момчињата, иако декларативно се учат дека не е добро да бидат насилни, сепак се наградени со почит од врсниците (често и од возрасните) ако демонстрираат сила и агресија, и ако на некој начин понижувачки се однесуваат со девојчиња.

Девојчињата, од друга страна, од мали почнуваат да ја прифаќаат улогата на пасивни жртви, и учат да тргуваат со своето внимание, вели таа.

„Во такви услови, очекувано е (барем дел од) возрасните мажи да ги користат своите позиции на моќ и авторитет во општеството за да злоупотребуваат помлади, понеискусни и секако помалку моќни жени. Овие улоги се толку тесно врзани за родот што често се и премолчено претпоставени како нужни, без некои посебни објаснувања, речиси секогаш со акцент и осуда на жената (или женската сексуалност) и парадоксално, со некои недоветни оправдувања за „наивните“ и „неискусни“ мажи“, вели Василева.

Според неа, примери на неказнети злоупотреби има многу и во различни сфери на општествениот живот, но особено се истакнуваат оние на универзитетите, каде низ многу од факултетите кружат гласини за непристојните предлози на постари професори кои го користат својот статус и огромната моќ што имаат да влијаат на иднината своите млади студентки.

„Мислам дека не познавам (поранешна) студентка што во текот на своето академско образование се нема соочено со непосакувани напади од страна на постар „колега“ т.е. професор. Парадоксално, студентките, „провинцијалките“ се оние што се исмевани и напаѓани заради овие девијантни однесеувања, па сосем е разбирливо зошто има толку малку пријави. Жените што се решаваат на таков чекор ризикуваат да бидат ревиктимизирани, прогласени за виновни и јавнo исмеани и дикредитирани. Влијателните мажи имаат цели мрежи на заштита и поддршка што не може лесно да бидат предизвикани или раскринкани од некоја девојка само затоа што „чичкото решил да си поигра, како што впрочем повеќето чичковци си играат“, вели Василева.

За овој вид проблеми не се разговара дури ни во медиумскиот сектор. Тамара Чаусидис, претседателка на новинарскиот синдикат вели дека сексуалното вознемирување останува проблем што упорно се премолчува иако непримерените коментари и третирањето на колешките како сексуални објекти имаат драматично влијание на личноста која е на тоа изложена, на нејзината работа и квалитетот на нејзиниот живот. „Дури и во ситуација кога жртвата јавно ќе проговори – надлежните институции остануваа неми, а изостанува и солидарноста од колеги. Иако трендот покажува дека се повеќе жени се образуваат и влегуваат во професијата, бројот на оние кои се на извршни и раководни позиции е драматично помал во однос на мажите“, додава таа.

Сексуалните напади не се пријавуваат

Како дел од тимот кој работел на истражувањето за насилство врз жени и девојки на јавен простор, Ирена Цветковиќ, активистка и феминистка вели дека за првпат посериозно, односно истражувачки се соочила со проблемот на сексуалното надилство и вознемирување врз жените.

„Трите истражувачки бевме фрапирани од високиот процент на жени кои споделиле дека или самите биле жртви или некоја друга жена жртва им се доверила за сексуално насилство. Она што остана како горчлив факт е исклучително високиот процент на жртви кои никогаш не го пријавиле во институциите. Овој феномен на непријавен криминал мора да почне посериозно да се разгледува. Со други зборови, сексуалното насилство во Македонија не се третира никако, се крие под тепих и целокупниот процес врзан со овој криминал (траума, санкција, соравување) паѓа на товар на жртвата.

Државата мора што поскоро да спроведе студија за разбирање на овој проблем, а потоа да изготви стратегија за справување со истата. Жртвите имаат потреба од помош и поддршка бидејќи процесот на стигнување до правда (казнување на насилникот) е исклучително трауматичен и тежок. Оттука, граѓанското општество може да биде добар партер на властите во нудење на решенија и соработка со МВР, МТСП и Министерството за здравство но и психо-социјална поддршка на жртвите. За почеток важно е проблемот со сексуално насилство и вознемирување да излезе од мракот и за истиот јавно да се зборува“, вели Цветковиќ.

Според податоците од МВР само до септември годинава биле регистрирани 70 кривични дела против половата слобода и половиот морал од кои 37 кривични дела биле силување. Минатата година регистрирани се 36 случаи на силување, додека во 2015та година имало 42 случаи на силување. За обљуба со злоупотреба на положбата бил пријавен само еден сторител со едно кривично дело.

Според истражувањето на Реактор од 2012 година, 53 % од жените сметаат дека не се пријавуваат случаите на насилство во полиција затоа што жената ќе биде засрамена или исплашена дека луѓето ќе извадат муабети за неа, додека 33 % сметаат дека полицијата нема да направи ништо. Оваа студија покажува дека јавната свест за разбирањето на проблемот со насилството врз жените е ниска и несоодветствува со неговата реална распространетост. „Некои жени јасно го препознаваат насилството во сите негови форми, додека други не го препознаваат, а понекогаш дури и го оправдуваат (однесување, изглед или облека кои, според нив, провоцираат насилство). Со тоа што редовно се предмет на најчестите форми на родово насилство (како што е зјапање, свиркање, сексуални коментари), многу жени едноставно го прифатиле овој вид на насилство како неизбежен дел користењето на јавните места“, се вели во студијата.

Анализата е работена за Дојче веле на македонски јазик и објавена на ПИНА со нивна дозвола.