Сè помали бројките на студентите по новинарство на факултетите

0
400
Правен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје - Фејсбук страна

Во последните 15 години, за девет пати се намалил бројот на студенти запишани на новинарски студии, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, а за шест пати е намален бројот на запишани студенти на новинарство, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во последните 12 години, покажуваат бројките од факултетите до кои дојде ПИНА.

Поразителни се податоците на запишани студенти од двата најголеми државни универзитети во државава, во однос на бројот на студенти кои се запишуваат на новинарски студии.

Новинарството помалку привлечно од порано

Континуиран тренд на опаѓање на интересот за новинарство, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ се забележува особено во последните 10 години, каде троцифрен број на запишани студенти на новинарство последен пат е евидентиран во академската 2010/2011 година, кога се запишале 108 студенти, а минатата академска година, оваа бројка паднала на само 16 студенти со желба да студираат новинарство – што е и досега, рекорден, најмал број на запишани студенти на овие студии.

Покрај тоа што од година во година сè помалку се запишуваат студенти во прва година на новинарство, мала е заинтересираноста и за мастер студиите за новинарство, од кои половина се укинати.

Ѓургица Бојчовска, студентка на новинарство, на Правниот факултет „Јустинијан Први”, вели дека се запишала на студиите по новинарство затоа што имала голема желба да научи повеќе за оваа професија.

–       На почетокот мислев ќе научам многу на факултетот, но тоа не се одвиваше така. На  студиите по новинарство имаме само два задолжителни предмети поврзани со новинарството, другите предмети се изборни иако треба да се задолжителни. Исто така, македонски јазик и странски јазик ги имавме само во една година, а на факултет на кој треба да имаме задолжителна пракса, на која ќе можеме да научиме многу повеќе, немаме. Работа како новинар е тешко да се најде овде кај нас во Македонија. Треба да имаш врски да те вработат, смета таа.

На кривата на УГД пак, континуиран пад на интересот за новинарство се бележи во последните седум години, односно од академската 2014/2015 година, кога имало најголем интерес, со 30 запишани студенти на новинарство, за лани, таа бројка да изнесува само 4 студенти.

По четири запишани студенти на новинарство на овој универзитет имало и во академските 2017/2018 и 2018/2019 година.

Покрај оваа поразителна бројка на студенти на новинарство, неколку години по ред, Игор Стојанов, главен и одговорен уредник во одделот за радио и ТВ на Универзитетот „Гоце Делчев“  истакна дека вкупно, во сите четири години на оваа насока, студираат не повеќе од 20 студенти.

Стојанов вели дека заинтересираноста е мала и покрај тоа што студентите на медиумски студии на УГД имаат обезбедено услови – радио, телевизија, веб страници, портали, студентски весник како и центар за односи со јавноста. Од неодамна Универзитетот развива комплетно независна платформа за вести и информации како и апликација за мобилни телефони. На сите овие места студентите по медиумски студии, но и од останатите факултети можат да практицираат сè што се однесува на медиуми или односи со јавноста, од фотографи, преку техничари, камермани, дизајнери и новинари.

–      Ние веруваме во целокупно медиумско образование и креирање на медиумски професионалци наспроти само креирање на новинари. По ова мислам дека клучно се истакнуваме од останатите универзитети. И покрај ова, ние исто така бележиме пад на бројот на студенти и нивниот интерес.

Стојанов смета дека нема само една причина за намалување на интересот на младите за студирање на новинарство, напротив, „во игра“ се многу фактори.

–      Драстичниот пад на квалитетот на медиумски содржини во Македонија, недостаток на медиумски куќи кои функционираат во Источна Македонија и нивната финансиска состојба. Податоците велат дека 90% од новинарите во Источна Македонија земаат плата која е под државниот просек. Тоа е поразително и срамно за професијата. Силната партизираност и политизираност на македонското општество. Од таа причини медиумските работници се чувствуваат небезбедни во извршување на својата професија. Во изминатите години видовме низа на медиумски работници или новинари кои беа нападнати, осудени, обвинети, а сè помалку нивна заштита и фер третман. Причина се и самите универзитети и нивната екипираност. Недостатокот на професори, асистенти и стручни соработници сигурно придонесува за квалитетот на самите студиски програми.

Универзитетите не прават напори да ги екипираат овие студиски програми и не вработуваат млади соработници токму на овие студиски програми. Новинарството е професија која е значајна за развојот на демократијата и воопшто на државата. Универзитетите, како општествено одговорни институции, мораат да се грижат за создавање на неопходните кадри за демократскиот развој, а не да ги занемаруваат овие студиски програми. Занемарувањето на овие студиски програми е уште од времето кога јас бев студент, па сè до денес. Денес можеби и по истакнато од било кога.  Морам да посочам во овој дел дека е евидентен и недостатокот на литература која би се користела во академската заедница, вели тој.

Платите на новинарите меѓу главните причини кои ја прават професијата неатрактивна за младите

Студентите сè повеќе се ориентираат кон медицина, економските и информатичко-компјутерските студии кои се и едни од најплатените професии, па, по однос на прашањето како економската состојба на вработените во медиумскиот сектор влијае врз привлекувањето, односно, одвлекувањето на сегашните и идните студенти да партиципираат во новинарството, претседателот на Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски вели дека не изненадува фактот што бројот на запишани студенти од година во година се намалува со тендеција да достигне 0, бидејќи исто толку поразителни биле наодите од истражување на ССНМ, пред две години, за социо-економската состојба на медиумските работници, кои покажале дека повеќе од 60 проценти од новинарите би ја напуштиле професијата, а ист процент на вработените земаат плати околу 20 илјади денари.

Според Беловски, во услови кога се кршат новинарските стандарди, професијата се девалвира и уназадува од поединци кои отвораат “иформативни“  портали за остварување на лични интереси или партиски цели, а сè тоа се проследува во интернет просторот и се напаѓаат сите сетила на публиката, брзо се добива впечаток дека новинарството е контаминирана професија.

Преблаг е впечатокот дека новинарството не е повеќе атрактивна професија, вели тој, напротив, новинарството е срозено до темел и во однос на соци-економските состојби, но и во однос на професионалните стандарди. Квалитетот на професијата е минимизиран и тлее кај поединци и не е повеќе одлика на цели новинарски системи или редакции, средина во која доаѓаат младите, учат и се раѓаат идните новинари. Во вакви параметри на професијата безнадежни се обидите да ги лажеме идните генерации новинари дека хонорарите од 15.000 денари кои со години ќе ги добиваат од таканаречните и самопретставените газди се доволни да ги задржиме овие луѓе на кои, да не заборавиме, дигиталната ера, размената на информациите на интернет и кибернетското општество им се во нивната ДНК – истакна Беловски.

–          Не зачудува фактот зошто младите бегаат од оваа професија? – Доволно е само да си дадеме одговор на прашањата зошто експлоатацијата е неискоренета, а почетниците со години примаат хонорари од 200-300 евра. Прават теми и прилози за работниците во земјата кои не биле осигурани, а тие самите се нахранети со најбезочната лага дека новинарството е слободна професија и придонесите се архаична верзија за валоризирање на трудот. И кога ќе ги пренабрегнат сите економски неправди и кршења на законот за работни односи чекаат унапредување со години и децении само затоа што некој политички табор не ги препознал, не станале доволно витливи кон принципите, па и дотаму дека позицијата бара маж или жена која што е најбрутална родова дискриминација, смета тој.

Понатаму Беловски истакнува дека ќе ни бидат потребни најмалку 20 години за да успееме новинарската професија да ја вратиме на пиедесталот на реномирани професии, а дури и да успееме да ги отстраниме сите законски прекршувања, па и се избориме за пристојни плати и хонорари, со сета посветеност да успееме да потпишеме колективни договори со нашите работодавци со кои ќе ги доуредиме односите преку овој единствен правен механизам, и да го поправиме урнисаниот колективен, но и личен рејтинг на морални, етички и професионални вредности сепак на крајот од приказната. Според него, овој процес на реставрација треба да почне од нуклеусот, а тоа се образованите системи.

Според Беловски треба средните училишта да добијат наставен предмет медиумска писменост, како и осамостојување на Факултетот за новинарство. Понатаму вмрежувањето, здружувањето и партиципацијата во организации, синдикат и здруженија треба да биде императив за секој присутен, но и иден колега.

„И да умре оваа професија во најдијалектичка крајност како Феникс ќе се роди нешто ново. Но тоа роденче мора да биде носено од рацете на нашата младина која сега за сега ја немаме затоа што едностсвно не ѝ создаваме предуслови таа да дојде кај нас. Да дојде во нашиот новинарски табор. Напротив, ја каниме, ја држиме гладна и неука и на крај кога ќе отвори очи и замине, фрламе дрвја и камења по нив затоа што ја намирисале трулоста“, вели Беловски.

Според Стојанов пак, едно од решенијата е државна поддршка на студиските програми во комбинација со поддршка на медиумскиот пазар, како и вмрежување на сите универзитети во насока на создавање подобри и повеќе медиумски професионалци. Државата заедно со универзитетите да создаде стратегија за независен развој на студиските програми, да овозможи поголем број на кадри и подобра промоција на студиските програми. Тој смета дека државата ако сака да им помогне на медиумите треба да започне уште од процесот на едукација и создавање на здрава средина од која ќе произлезат лидери кои ќе направат промени во општеството, така ќе нема директно влијание во медиумскиот пазар, а ќе придонесе за негов развој. Секако, интересот зависи и од подобрување на медиумската состојба генерално во државата, вели тој, како и бизнис климата за медиумите.

Автор: Љубица Иванова

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.