Бројни предизвици за самохраните мајки и еднородителските семејства

0
178

Нерешеното станбено прашање, дискриминацијата, невработеноста, недостатокот на финансиски средства, изостанување на плаќање на издржување на детето и помош при негово одгледување и недефинираниот статус се дел од проблемите со кои се соочуваат самохраните мајки. Тие велат дека немаат никакви бенефиции и дека наместо државата да им помогне од нив прави социјални случаи.

Теодора Тодороска е самохрана мајка од Тетово, која оваа одлука ја донела кога сфатила дека, како што вели, не и треба фигура туку личност која ќе и биде поддршка на неа и на нејзината ќерка. Собрала храброст и заминала во подобар и посреќен дом.

Таа за ПИНА објаснува дека сепак најголеми потешкотии за самохраните мајки во Македонија се финансиите. Според неа, олеснителни мерки кои би и помогнале во функционирањето се намалувања на сметките, едукативни и дневни центри, додатна парична помош или социјални станови.

„Освен од родителите не постоеше институција која ќе ми отвори врата и ќе ми помогне барем малку, да ми понуди работа, дом или пак едноставно минимална помош која би ми била добредојдена. Од моите родители ја имав најголемата помош и од одредени пријатели кои се покажаа во лошиот период од животот и крајно сум им благодарна за поддршката“, објаснува Тодороска.

Живееме во традиционална земја со застарени сфаќања, вели Тодоровска, додавајќи дека поради нив многу жени се изложени постојано да го трпат измачувањето.

„Мене такви сфаќања не ме допираат зошто јас знам како сум успеала да дојдам до тоа денес што сум. После се, би сакала многу жени да ја имаат таа храброст. Да се овозможат центри за дневен и едукативен центар , додатна парична помош, социјални станови, намалување во сметките.. Ова се само мал дел проблеми кој секојдневно се присутни кај нас, верувајте не ни е лесно со една плата, со толку тешкотии“, посочува таа.

Токму општеството е клучна работа за потешкотиите со кои се соочува, вели Тодороска.

„Свесна сум како луѓето размислуваат, како нивното однесување може да повреди, но се тоа е до моментот кога сама ќе си сфатиш дека тоа се личности кои не треба да ги интересира мојот живот ни пак да ме интересира мене нивното мислење. Свесна сум дека за сето тоа треба време и верба во себе, секој може, битно е да знае што сака“, децидна е Тодороска.

„Не сакаме сожалување, сакаме права“

Неодамна во Скопје се одржа и протестен марш на самохраните мајки и еднородителски семејства, во организација на „Една може“.

„Не треба да трпам шамари и навреди, за да не останам  со детето на улица“, „Не сакаме сожалување, сакаме права“, со вакви пораки десетици граѓани маршираа низ градот изразувајќи го своето незадоволство.

Дороти Пачкова е претседателка на организацијата „Една може“. Таа вели дека бараат да сопре игнорантноста од државните апарати и нивните претставници кон еднородителските семејства и самохраните мајки.

„За сите овие 30 години самостојност, не се нафати никој да го систематизира прашањето на целната група, па нашите сугестии одат во насока на директно вклучување на специфичната експертиза која ја нуди ‘Една може’ во донесувањето на системски решенија“, објаснува Пачкова за ПИНА.

Дороти Пачкова

Мотивација за основање на „Една може“ за Дороти е, како што вели, непомирливоста со огромната неправда која ја живее целната група самохрани мајки и непостоењето на систем за поддршка од државата и дискриминацијата од друштвената заедница.

„Токму перцепцијата на целната група низ призма на непознато, па според тоа и предрасуди, кои пак се извор на стереотипи од кои се раѓаат дискриминирачки пракси што во суштина се директни повреди на живи жени и деца, од крв и месо, присутни тука во даденава реалност, кои исто како и останатите, си ги живеат животите според својот контекст, за жал, многу макотрпно“, смета Пачкова.

Сето ова, но и ширењето на свесноста за сите овие жени и деца ја мотивирале Пачкова, да се фокусира на темата, но и да се нафати и да не се откажува од мисијата, а тоа е живот во благосостојба за самохраните мајки и децата од еднородителски семејства.

Сепак, смета дека има подобрување на сфаќањата во општеството за проблемите на оваа целна група.

„Следни чекори за постигнување се решенија соодветни на потребите и предизвиците. Едвај чекам да гледам каков опфат на мерки ќе осмислиме како општество, и едвај чекам и ние да бидеме позитивен пример за унапредување и инклузија на огромна целна група жени и деца, за светот, знам дека го можеме тоа со чесно и посветено работење на темава. Тоа е она кое очекувам како поддршка да се случува во следниот период“, децидна е Пачкова.

Авторка: Маја Терзиова