Љубо Георгиев: Граѓаните треба да учествуваат во креирањето на визијата за градот

0
65
Експерти од Бугарија, Љубо Георгиев и Калојан Карамитов, презентираа како ја создале Визијата за Софија

„Зелен хуман град“ иницираше процес „Нов ГУП за зелено и хумано Скопје“, во кој се вклучија експерти од институциите, академијата, претприемништвото и граѓанскиот сектор. Неодамна, на дводневна работилница во Скопје, насловена „Нов ГУП: Планска програма за зелено и хумано Скопје“, експерти од Бугарија, Љубо Георгиев и Калојан Карамитов презентираа како ја создале Визијата за Софија – стратешки документ за одржлив и паметен развој на градот.

Тие споделија кои податоци се користени за оценка на состојбата / функционалноста на градот и неговите делови, како се дефинирани мерките и индикаторите за следење на успехот во постигнувањето на визијата. Исто така, ја потенцираа важноста од собирање прецизни податоци со чијашто анализа се утврдува што недостига за квалитетен и здрав живот во населбите. По размената на нивните искуства, Зелен хуман град најавува изработка на „пасош“ на Скопје, со кој на многу едноставен начин визуелно ќе се прикаже кои делови од Скопје се квалитетно урбанизирани, а кои не се. Љубо Георгиев, планер и учесник во креирањето на визијата за развој на Софија, за ПИНА ги споделува своите размислувања за дивеењето на урбанистичката мафија, кои искуства од Софија можат да се применат за решавање на проблемите во Скопје, но и која е неговата визија како Скопје што поскоро да стане зелен и хуман град.

Која е Вашата мотивација да давате поддршка на иницијативата „Нов ГУП за зелено и хумано Скопје“? 

Откако утврдивме дека е неопходно да направиме Визиjа за Софиjа, ги анализиравме состојбите со урбанизмот во Бостон, Виена, Барселона, Тел Авив, Ротердам и други. Контактиравме и наши колеги – планери од овие градови, за директно да разбереме како тие ја креирале визијата за развој. Утврдивме дека процесот бил полн со предизвици. Но, тогаш станавме свесни дека најважно е фокусот да се тргне од проблемите и сите расположливи сили и знаење да се насочат на согледувањето на потребите и креирањето иднина. Со таа идеjа доjдовме во Скопje – да раскажеме за нашето искуство, надевајќи се дека луѓето што ќе ја слушнат нашата приказна ќе се инспирираат и ќе започнат да ја креираат визијата за Скопје, која е темел во процесот на изработка на Генералниот урбанистички план (ГУП).

Дали како архитект и планер имате визија како Скопје да стане зелен и хуман град? Што Вие најпрво би направиле за тоа да се случи?

Пред кој било од нас да започне да работи на визија за еден град, неопходно е да се соберат потребните податоци, кои на сите засегнати страни ќе им се презентираат на разбирлив начин. Никој не може да создаде визија, без да има целосна база на информации за состојбите и идните потреби на градот. Вториот важен предуслов е начинот на комуникација со граѓаните. Најдобро е сите засегнати страни да се вклучат во собирањето информации. На тој начин процесот добива легитимитет, а во планирањето не учествуваат само урбанистите, туку сите оние што ги користат просторот, објектите, инфраструктурата, зеленилото и другите елементи на градот во кој живееме и работиме.

Експерти од Бугарија, Љубо Георгиев и Калојан Карамитов, презентираа како ја создале Визијата за Софија

Дали со новиот ГУП може да се ограничи дивеењето на убанистичката мафија или се потребни и други мерки?

Новиот ГУП на Скопје, треба да произлезе од опсежни анализи и да се работи во соработка со институциите, економските сектори, стручните лица и граѓанските организации. ГУП-от претставува еден вид „договор за користење на просторот” и во него мора да се дадат параметри за развој што ќе обезбедат квалитетен живот. Но, сепак тоа не би било доволно, бидејќи секогаш може да се прекршат правилата. Затоа, во текот на изработката на ГУП-от, мора да се работи на јакнење на институциите – администрациjата и активно да се вклучат политичарите. Истовремено, граѓаните мора да вршат притисок кон нив и да преземат лична одговорност, за да се спречи урбанистичката мафија со незаситно градење да ни го загрозува правото на сонце, чист воздух и зелени јавни простори.

Дали сметате дека е доволно градската и општинските администрации да го раководат процесот на изработката на новиот ГУП или треба да се вклучат и граѓаните? 

Во идеален свет, администрациjата треба да води, но нашето општество не е идеално. Затоа, ако администрацијата затаи, не смееме да чекаме. Граѓанското општество го градиме сите и никој место нас нема да ги оствари нашите права. Во изработката на ГУП треба да учествуват граѓаните, експертите, истражувачите, активистите, инвеститорите и сите оние што сакаат зелен и хуман град. Нашето искуство во Софија покажа дека во изработката на ГУП мора да се вклучат сите засегнати страни уште на почетокот и во секоја натамошна фаза. Граѓаните мора да ги искажат своите проблеми и потреби, да учествуваат во собирањето податоци и во креирањето на визијата. Така и тие ќе може да го следат спроведувањето и да укажуваат на евентуалните прекршувања.

Кои беа најголемите пречки со кои се соочивте кога ја создававте Визијата за Софија и како ги надминавте? Што имате да им порачате на сите засегнати страни во Скопје и Македонија?

Собирањето на релевантни податоци беше прилично тешко, но ние моравме да знаеме колку жители има во секоја зграда, кое гориво користат за загревање, дали се топлински изолирани нивните станови, дали тие можат да стасаат пеш до амбуланта, градинка, училиште, пазарче, детско игралиште, јавни зелени површини, дали се создаваат топлински острови, дали има загадувачи и кои се тие, дали има безбедна велоинфраструктура, автобуска станица со доволно линии и редовни автобуси, дали има доволен број паркинг места, дали канализацијата е доволна за постојниот и за планираниот број на жители… Собирањето податоци претставуваше технички и организациски проблем и тоа ние можевме да го решаваме со нашето знаење и искуство. Меѓутоа, најмногу се разочаравме од апатиjата и нихилизмот на некои граѓани. Тие не веруваа дека има шанса да создадеме зелен и хуман град. Заради претходни лоши искуства, тие не беа способни да ги согледаат и добрите примери кои секогаш ги има.

Сигурен сум дека, како и во Софија, така и во Скопје има претприемачи кои не се раководат само од сопствениот профит, административни службеници кои се стручни и не се корумпирани, граѓански организации кои се упорни во намерата да се борат против причините (и причинителите) за апатијата и нихилизмот. Тоа би бил и моjот совет – да започнеме од добрите примери, да ги вклучиме луѓето што се уште не ја изгубиле надежта и да го шириме кругот на граѓани што сакаат да придонесат на  каков било начин. Важно е да се одржува дијалогот и да јакне довербата, бидејќи проблеми имало и ќе има и истите мора да се решаваат преку дијалог. Бидејќи ГУП не е само на урбанистите, туку на сите што го користат просторот и сите мора да ги креираат правилата, за да има што помалку можности тие да се прекршат, откако ГУП ќе биде усвоен.

Aвторка: Даниела Зафировска