[Повик] Онлајн работилница за новинари: клучни начела за ефектни приказни

0
182

Во рамки на четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, ќе се одржи работилница наменета за новинари кои сакаат да ја совладаат техниката на создавање ефектни приказни (story building). ПИНА ги повикува сите заинтересирани новинари кои сакаат да научат повеќе за тоа како да се прават приказни кои поттикнуваат општествени промени, да се пријават на бесплатната онлајн работилница во рамки на медиумскиот фестивал.

Ен Кристијано и Мет Шиан од Центарот за комуникации од јавен интерес при Универзитетот во Флорида ќе ги претстават седумте начела за создавање приказна, изведени како заклучок од научните сознанија што покажуваат зошто одредени приказни се издвојуваат и оставаат поголем впечаток од останатите. Од Центарот за комуникации од јавен интерес појаснуваат дека оваа работилница на присутните ќе им овозможи создавање приказни кои привлекуваат внимание и поттикнуваат општествени промени.

Како и останатата фестивалска програма и работилницата закажана за петок, 23 октомври во 18:00 часот, е бесплатна и ќе се одржи онлајн. Единствено е потребно заинтересираните новинари да го најават своето присуство на следниот мејл: petrusevska@gmail.com

Eн Кристијано е раководителка на Центарот за комуникации од јавен интерес и професорка на катедрата за Односи со јавноста при Универзитетот во Флорида, каде го развива првиот наставен план по Комуникации од јавен интерес, унапредувајќи ја новонастанатата научна дисциплина. Мет Шиан е новинар и извршен директор на Центарот за комуникации од јавен интерес при Универзитетот во Флорида.

Работилницата е дел од програмата на четвртото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, каде гостите од Центарот за комуникации од јавен интерес при Универзитетот во Флорида ќе зборуваат и на тема „Науката објаснува: за што се грижат луѓето“. Настаните се поддржани од Канцеларијата на УНХЦР во Скопје.