Недонесувањето на клучните законски измени го кочат реформскиот процес во медиумите

0
104
Фото: Мета

И покрај заложбите на Владата да гради партнерство со асоцијациите и со граѓанскиот сектор во сферата на медиумите, таа сфера се уште не е ослободена од институционални или персонални влијанија поради бавноста со која Собранието ги носи потребните законски измени беше истакнато на презентацијата на третиот периодичен извештај во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ (ОМР) денеска во Клубот на новинарите.

Како што објави Мета, притоа беше констатирано дека иако во некои од четирите столба со кои се цени слободата на изразување има значителен напредок, недонесувањето на клучните законски измени го кочат реформскиот процес.

Мониторингот го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за промовирање на граѓански вредности „Агора“ и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

ОМР овозможува увид на јавноста во извршувањето на реформските процеси во областа на слободата на изразување, а предмет на набљудувањето се четирите столба на Итните реформски приоритети – Јавниот радиодифузен сервис (МРТ), владиното рекламирање, пристапот до информации и клеветата и навредата.

За изминатите 11 месеци нема никакви поместувања во делот на конкретни промени на законската регулатива со која би се забрзале процесите и која би служела како основа за независност деполитизација и департизација на јавните институции. До затворањето на овој мониторинг извештај (31 март 2018 година), Владејачката коалиција преку своите претставници во Собранитето не ги донесе и усвои потребните измени на законите  од приоритетите според Прибе, кои се однесуваат на сферата „медиуми: слобода на изразување“.

Дополнително, Владата не ги изготви мерките и придружните документи и правилници за допрецизирање на евентуалното владино рекламирање на социјалните мрежи, ниту е започната процедура за ревизија на постоечката законска регулатива која се однесува на случаите „клевета“ и „навреда“.

Поконкретно, во врска со јавниот радиодифузен сервис се вели дека “започнатите промени во медиумската легислатива не добија своја завршница во Собранието. Во законодавниот дом се уште не се изгласани потребните измени на предметниот закон. Програмскиот совет на МРТ, во чиј состав има членови кои се поранешни носители на јавни функции, го реизбраа актуелниот директор на МРТ. Програмските сервиси на телевизијата се во истиот формат и покрај законската обврска за четврт ТВ канал. Не се забележани никакви реформски зафати за унапредување на работата и на квалитетот на програмската/содржинската понуда во јавниот сервис“, па оттаму оценката „Започнато, но неисполнето“.

За владино рекламирање во извештајот се констатира дека „иако се укинати владините реклами на домашните медиуми Владата не обезбеди детални објаснувања за низа специфики за обезбедување целосна транспарентност и отчетност, преку објава на правилници, процедури или протоколи“, па останува оценката „Делумно исполнето“.

Истата оценка „Делумно исполнето“ е и за третиот столб од реформите во медиумската сфера – пристап до информации, бидејќи како што е нагласено „Покрај донесените мерки од страна на Владата за отворање на јавните бази за новинарите, а некои и за пошироката јавност, останува непроменета состојбата врзана за измени и дополнувања на Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Најлоша е состојбата во сферата на клеветата и навредата – иако е евидентирано дека во последните 24 месеци се намалени тужбите и споровите против новинари за клевета и навреда, во оваа област нема никакви промени и поместувања во периодот на следење и известување: не преземена иницијатива за ревидирање на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда и Владата не започнала координација со стручната јавност во оваа насока. Оттаму и оценката „Целосно неисполето“.

Проектот ОМР ќе продолжи со следењето на реформите до 30 јуни по што ќе биде објавен и финалниот извештај.

Сите резултати од следењето се достапни на македонски и албански јазик на MediaObservatorium.mk.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.