Протест – Институциите да ги заштитат жртвите од родово базирано насилство

0
114
фото: ПИНА

Со транспарентите „МВР дали си го барам“, „МВР викни ми такси“, „Не сме безбедни“ и „насилникот си ти“, граѓани и активисти, како и феминистичката платформа „Медуза“ одржаа протестен собир пред Министерството за внатрешни работи поради непостапувањето по случаи на родово базирано насилство. Како што порачаа, преку навредливите прашања од полициските службеници, жртвите трпат стрес, исмевање и двојна виктимизација.

„Последниот случај со пријава на сексуален напад кој во медиумите стана познат како дивиот таксист кој и избега на полицијата по илјадити пат укажува на истите недостатоци на неинституционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово-базирано насилство. Повторно слушаме за напад кој е дополнително трауматичен поради двојната виктимизација на жртвите од страна на полициските службеници. Преку поставување на навредливи прашања, жртвите се деморализирани и повторно виктимизирани од страна на одговорните државни органи. Тие би сакале ние воопшто да не ги пријавуваме случаите. Полициските службеници во полициските станици се несензибилизирани и нестручни при пријави на родово засновано насилство, очигледно тие не можат да проценат што е сексуален напад или телесна повреда па ги карактеризираат како недолично однесување“, велат организаторките на денешниот протест.

фото: ПИНА

Тие апелираa до Министерството за внатрешни работи да преземе одговорност, бидејќи ако не се санкционираат полициските службеници ќе се потврди дека тие како институција ја перпетуираат истата култура на насилство и нивните заложби се само декларативни како и многу пати кога станува збор за вакви случаи.

„Не сме безбедни и нема да бидеме замолчени“, децидни се организаторките.

Новинарката Ивана Настеска, која пишуваше за настанот за таксист кој ја нападнал жртвата, вели дека иако се работи за млада девојка сепак нејзината граѓанска должност ја извршила на највисоко ниво со тоа што била храбра и пријавија во полиција за нападот.

„Со тоа сакала да побара правда за себе, но и да спречи насилникот повторно да нападне или да направи нешто полошо со некоја друга девојка. Во овој случај повторно се покажа дека институциите повторно затаија, бидејќи нивната пријава беше заведена само како недолично однесување, а понатаму дозволија и оставија простор насилникот да избега. Со тоа институциите испраќаат порака дека навистина жените не се заштитени и во тој поглед медиумите навистина треба малку повеќе да обрнат внимание на тоа како се спроведуваат овие постапки, но и да покажат дека фокусот треба да биде на насилникот, оти тој напаѓа. А не да е жртвата и да се бараат оправдувања за насилникот што нападнал“, додава Настеска.

Според неа во овие случаи најголема улога имаат медиумите и новинарите за да дадат гласност на ваквите случаи, но тоа треба да го направат со подлабок пристап.

„Не само да се пренесе дека ете денеска во полицискиот билтен има пријава до Обвинителството, туку да се следат случаите и да се врши притисок кон институциите, до каде е одредена постапка и дали е разработена, пропратено со сите оние механизми кои им се на медиумите на располагање“, посочува новинарката Настеска.

фото: ПИНА

Александра Спасеска на денешниот протестен собир „Не сме безбедни“ излезе, како што посочи пред сè како загрижена граѓанка, активистка и феминистка, а и како дел од организаторките на протестот.

„Излегуваме во знак на солидарност со жртвите на сексуално и родово базирано насилство, да им дадеме поддршка, да знаат дека не се сами во овој процес, но и да ги разбудиме заспаните институции кои премногу често остануваат глуви и неми за овие случаи. Излегуваме на протест за да укажеме дека не сме безбедни во јавниот простор, не сме безбедни дома, на улиците, во болниците“, вели Спасеска за ПИНА.

Како што вели таа, протестот започнува пред МВР, токму поради тоа дека ова е институција која е прва служба од каде почнува долгиот и често замрсен мултиинституционален лавиринт низ кој поминува жртвата на родово засновано насилство која се окуражила да го пријави насилникот.

Бранот случаи на родово засновано насилство во изминатиов период, одново фрли светло на проблемот со незадоволително работење на институциите кога станува збор за ваквите случаи.

Наместо да бидат заштитници, децидна е Спасеска, полициските службеници неретко ја третираат жртвата со исмевање и омаловажување, обесхрабрувајќи ја да го продолжи и онака макотрпниот процес на добивање правда, истовремено дозволувајќи насилниците да ѝ побегнат на правдата или ако воопшто дојде до тоа да бидат гонети за несоодветно дело, на пример, недолично однесување наместо сексуален напад.

„Почнувајќи од полицијата, службите се несензитивизирани и често нестручни во постапувањето со жртвите на родово засновано насилство, а со таквото однесување и постапување, не само што се обесхрабрува жртвата која пријавила, туку и се обесхрабруваат и идните жртви да пријават вакви случаи“, додава таа.

Според неа, потребно е итно будење на институциите кои сериозно потфрлаат во овој поглед, сензитивизација и едукација на службениците, како и менување на јавната свест, почнувајќи од медиумите кои неретко за овие случаи известуваат сензационалистички, сувопарно и не ги проследуваат случаите до крај.

„На крај, сите сме одговорни како граѓани и како општество да покажеме пред сè поголема емпатија, а потоа граѓанска свест дека ваквото однесување на институциите нема да помине незабележано и некритикувано. Жртвата за да биде чуена веќе го презела најголемиот чекор кога отишла да пријави случај на родово засновано насилство. Оттука натаму, одговорноста е на институциите, а кога тие затајуваат, ние како граѓанки треба да бидеме мегафонот кој ќе одекне гласно во име на жртвите. Да не забораваме дека за жртвата, траумата не завршува кога ќе добие правна разврска, ако тоа воопшто се случи, дека во целиот процес ѝ е потребна поддршка, емпатија и помош, не само од службите, туку и од заедницата“, завршува Спасеска.

Последен од низата настани кој ја вознемири јавноста е случајот во кој 19-годишна студентка од Кичево пријавила напад од таксист, но наместо реакција од страна на МВР, таа уште три пати во полициска станица раскажувала што ѝ се случувало. Додека полицијата утврдувала дали таа е жртва, таксистот избегал од земјава.

Авторка: Маја Терзиова