Заштита и безбедност на новинарите, подобрување на односот на функционерите кон новинарите, поддршка за локалните новинари и медиуми, почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници. Новинарските организации на денешниот марш за „одбрана на новинарското достоинство“ побараа креирање амбиент за квалитетна медиумска работа.
Здруженијата кои утринава се собраа пред Влада истакнаа дека од јавните функционери и политичарите бараат да се почитуваат новинарите и снимателите, да има крај на агресивноста на државниот пи-ар, да се обезбеди поддршка за локалните новинари и медиуми, почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници и безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници.
„Работите тапкаат во место дури и се влошуваат сметаме дека вака веќе не може, законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, државниот пи- ар ја зема работата на новинарите на снимателите на фоторепортерите…Владата создаде најголема редакција во земјата, државните институции и нејзините директори имаат проблем да сфатат дека нетранспарентност кога со денови чекате одговор а добивате пи –ар памфлет за објава, локалните и регионалните медиуми работат на раб на издржување, безбедноста на новинарите не е на ниво на кое треба да биде. Некој ме праша деновиве што ви падна на ум да протестирате кога немате затворени или недај боже убиени новинари, а и слободата на говор денеска е подобра отколку што беше пред неколку години, му одговорив онака како што и сега ќе кажам така е прав си му велам но излегуваме на протестен марш за да спречиме можност тенденциите кои ги набројав претходно утре да ни се преточат во нешто полошо“, порача Младен Чадиковски претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Посочи примери од пракса кои во нормален демократски амбиент би требало да бидат алармантни.
„Колегата Неври од Тетово пред извесно време го бркаа со секира, колегата снимател Љубо му удрија бокс пред камера, на колешка од ТВ 21 и бришеа снимки од мобилниот телефон, директор пцуеше со најпогрдни зборови новинарка на колешка од МКД, гледаме тужби од бизнисмени и политичари на секој чекор за издржани истражувачки стории, на колешката Маја Јовановска раководител во една општина и велеше ќе видиш што ќе ти се случи ако дојдеш тука, навреди на социјалните мрежи на новинарките, смртни закони од кој како ќе стигне и тоа стана секојдневие“, посочи Чадиковски.
Претседателот на Синдикатот за новинарски работи (ССНМ) Павле Беловски, нападот врз новинар го оцени како напад врз јавноста. Алармира дека се потребни законски решенија со кои работодавците ќе добијат квалитет, а новинарите сигурност.
„Една од причините поради кои излеговме на овој марш е да кажеме, односно да ја кренеме свеста за тоа во каква состојба ни се наоѓаат новинарите од внатрешноста во какви услови работат како ни трули срцевината на нашата професија, тие работат во навистина тешки услови со се помалку кадар со ниски плати и нивната социоекономска состојба е незавидна затоа и се повеќе се чувствува недостатокот на локални теми, на известувања од локалните заедници што претставува и сериозен недостаток на нашата демократија која нели се трудиме да ја унапредуваме, сметаме дека е повеќе од итно да се донесат решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници од внатрешноста, решенија кои ќе бидат системски, законски, а не парцијални“, порача Беловски.
Маршот заврши пред Собрание каде присутните новинари ги повторија нивните барања.
„Држава без правда не може да биде држава, веќе не е ни селектива правдата особено кога се новинарите во прашање“, истакна новинарката Душица Мрѓа.
Новинарите се пожалија на случаите каде биле спречени да известуваат од јавен настан, како и на односот на одредени владините службеници кон новинарите но и на еден континуиран тренд на испади и етикетирања на медиумите.
Посочија и дека се зголемува трендот на зголемен број на тужби за клевети и навреди од страна на новинарите. Побараа преземање на мерки и чекори кон подобрување на амбиентот за медиумска работа во земјата.
Во изминатиот период се случија и неколку вербални и физички напади на новинари додека си ја работат својата работа. Освен тоа, високи државни функционери етикетираа повеќе медиуми и ја оценуваа нивната уредувачка политика. Новинарите се соочуваат и со притисоци и закани и на социјалните мрежи, а посебно таргет се и новинарките.
ПИНА неодамна објави истражување кое опфати анкети со 103 новинарки од домашната медиумска сцена, чии резултати говорат дека над 81% од нив се соочуваат со онлајн вознемирување поради нивната работа.
Авторка: Симона Србиноска