Почетна Анализи Шар Планина затрупана со планини отпад

Шар Планина затрупана со планини отпад

Дивите депонии на Шар Планина со години остануваат еден од најголемите еколошки проблеми во Националниот парк. Многу често повторно се создаваат на места кои биле исчистени, затоа мештаните излезот го гледаат во воспоставување на организиран систем за собирање на отпадот.

0
71
Мини депонија | Фото: Марјан Мицевски за ПИНА

Безброј мини депонии ја загадуваат животната средина и го нагрдуваат пејсажот на Шар Планина. Пластични шишиња, гуми, кеси, стар мебел и разновиден отпад се секојдневна слика во Националниот парк.

„Наместо да ја промовираме Шара како бисер на природата, диви депонии има речиси во атарот на секое шарпланинско село“, се жалат мештаните.

Ваков пример има и во близина на селото Јелошник. Марјан Мицевски, жител на селото, за ПИНА вели дека, наместо природа, посетителите уште на самиот пат кон селото ги пречекуваат купишта смет и неподнослива миризба.

„Ја поздравуваме иницијативата – една депонија веќе е исчистена, но за жал акцијата застана токму таму каде што е најпотребна. Срамота е посетителите на Шар Планина да ги пречекуваат купишта смет и неподнослива миризба која се шири низ околината. Не е во ред да се чисти селективно и бараме иницијативата да продолжи и овој дел конечно да биде исчистен. Бараме и поставување контејнери, нешто што ни беше ветено, а досега не е реализирано“, вели Мицевски.

Случајот со Јелошник е само дел од поширокиот проблем на Шар Планина. Отпад и диви ѓубришта, освен во близина на населените места, можат да се забележат покрај локални патишта и на локации атрактивни за туристите. Еколошките активисти предупредуваат дека проблемот трае со години и дека Шара се соочува со недостиг од контрола и организиран систем за редовно собирање на отпадот.

Метин Муареми, активист за животна средина и претседател на Центарот за едукација и развој, вели дека проблемот со дивите депонии во Националниот парк Шар Планина е едно од најитните прашања кои бараат реакција од надлежните институции.

Мини депонија | Фото: Метин Муареми за ПИНА

„Низ целата територија на паркот има нелегално одложување отпад што предизвикува сериозна штета врз природата и животната средина. Потребно е мапирање и систематско отстранување на дивите депонии преку координација меѓу институциите. Посебен проблем претставуваат пластиката и градежниот шут кои со години остануваат во природата. Неопходен е и посилен инспекциски надзор и построга казнена политика, бидејќи речиси и да нема санкции за нелегално фрлање отпад“, вели Муареми.

Исчистените диви депонии повторно се полнат

Анела Ставреска Панајотова, раководител на Одделението за заштита на природата во Националниот парк Шар Планина посочува дека проблемот е многу покомплексен и во неговото решение бара вклучување на повеќе институции.

„Проблемот со дивите депонии на Шар Планина е сериозен бидејќи во повеќе високопланински места со години нема организирано собирање отпад. Поради тоа, отпадот нелегално се фрла на различни локации, што предизвикува загадување на почвата, водите и воздухот. Дополнителен проблем претставува и кабастиот и градежниот отпад кој сè почесто се остава во природа“, вели таа.

Ставревска Панајотова додава дека, иако во изминатите години биле организирани акции за расчистување на депонии на повеќе локации низ паркот, дел од нив повторно се полнат. Затоа, таа вели дека е потребно трајно системско решение за собирање и депонирање на отпадот за да се спречи создавање нови диви депонии.

Во чистењето активно се вклучуваат и граѓански организации и волонтери кои организираат еколошки акции. Една од нив е „Генералка викенд“, која со години помага во чистењето на отпадот не само на Шар Планина, туку и на повеќе локации низ државата.

Гордана Софија, организаторка на иницијативата, вели дека во акциите сè повеќе се вклучува и локалното население, што покажува дека постепено се подига јавната свест за заштита на природата.

„Според податоците на Министерството за животна средина, во Македонија се регистрирани околу 2.000 нелегални ѓубришта, а дел од нив се наоѓаат и на Шар Планина. Од 2024 година започнавме акции за расчистување на отпадот заедно со Армијата и ренџерите од Националниот парк. Од една локација првата година беа исчистени 13 тони отпад, додека оваа година на друга локација беа собрани околу 60 вреќи, што покажува дека количината на отпад постепено се намалува“, вели Софија.

На Шара има илјадници тони отпад, а до пред две години ниту едно претпријатие не го собирало сметот од планинските села кои се на територија на Општина Тетово.

Мини депонија | Фото: Метин Муареми за ПИНА

Отпадот – проблем кој се таложел со децении

Од Саубермахер, компанијата која е задолжена за собирање и транспортирање на сметот во тетовскиот дел на Шар Планина и која организира акции за чистење, велат дека проблемот се таложел со години.

Арсим Фидани, директор на Саубермахер вели дека во 2024 година за прв пат е воспоставен систем за редовно собирање комунален отпад во сите шарпланиснки села и оти отпадот се собира секоја недела.

„Откако се воведе системот, состојбата постепено се подобрува и има сè помалку диви депонии. Паралелно со редовното собирање отпад, организираме и акции за чистење, а граѓаните сè повеќе стануваат дел од системот за правилно одлагање отпад. Има напредок и во свеста кај граѓаните, но за целосно решавање на проблемот потребна е поголема соработка меѓу институциите и граѓаните“, вели Фидани.

И покрај алармантната состојба со дивите депонии на Шар Планина, од Општина Тетово не откриваат колку контроли досега биле спроведени на терен. Наместо конкретни податоци за инспекциски надзори и санкции, од Општината посочуваат дека за постапување во рамки на Националниот парк се надлежни државните инспектори за животна средина.

„За надзор и постапување во рамки на Националниот парк Шар Планина надлежни се државните инспектори за животна средина, додека Инспекторатот за животна средина при Општина Тетово располага со четири инспектори. Општината претходно има доставено материјал до Министерството за животна средина со евидентирани локации на диви депонии. Воедно, Општина Тетово поддржува еколошки акции и укажува на потребата од поголема институционална координација, зајакнат инспекциски надзор и редовно отстранување на дивите депонии“, велат од Општина Тетово.

Од Министерството за животна средина велат дека, според законот, обврската за собирање на комуналниот отпад е на општинско ниво. Додаваат дека надлежност на Министерството е да помогне во интегралното управување со отпадот преку изградба на современ систем за управување со отпадот во Полошкиот регион.

Автор: Ангел Димовски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.