Недостатокот на медицински сестри со значајни последици за здравствениот систем

0
282
Фото: Luis Melendez on Unsplash

Во земјава во моментов има 9200 медицински сестри кои го носат бремето за 16 000, колку што ѝ се потребни на Македонија. За десет години бројот на акушерки е намален за 30 проценти. Проблемот со недостаток на овој кадар има значителни последици за функционирањето на здравствениот систем, а реалноста е дека многу малку се прави за намалување на одливот на кадар. Потребни се мерки за подобрување на работните услови, зголемување на платите и инвестирање во образование и тренинг за младите луѓе за да се зголеми бројот на квалификувани медицински сестри и акушерки во земјата.

„Дали денес ќе бидеме доволно медицински сестри за да се покријат сите одделенија, дали ќе можеме да одговориме на потребите на пациентите без компромис со квалитетот на негата?“ – ова е прашање кое Марта како медицинска сестра во Македонија, си го поставува секој работен ден.

Според последните извештаи, во Македонија има речиси половина од бројот на медицински сестри потребни за ефикасно и сигурно функционирање на болниците и здравствените установи.

Ние треба да имаме 15.000 до 16.000 медицински сестри според бројката од последниот попис“, вели Гордана Бешлиовска – претседателка на „За нас“ Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри.

,,Меѓутоа нашите податоци од датата на податоци на Институтот за јавно здравје и она коешто располагаме, зборуваат за тоа дека во овој момент во Македонија има приближно 9200 медицински сестри без сродните струки други. И неофицијално некаде околу 700 акушерки коишто се недоволни за сите тие специјализирани болници, а произведуваме во високото образование многу мала бројка на акушерки“, додава таа.

МН: За десет години 480 акушерки помалку во македонското здравство 

 

Алармантна е состојбата и со недостатокот на акушерки во Македонија, споредено со претходните 10 години. Во 2012 стапката изнесувала 57 акушерки на 100.000 жители, во 2022 година имало 38 акушерки на исто толкав број на жители. Бројот на акушерки од 1188 во 2012 година паднал на 707 акушерки во 2022 година.

„Клиниката се соочува со голем недостаток на акушерки. Недостатокот на акушерки не го гледаме само во однос на бројот на новородените, бидејќи акушерките работат во повеќе оддели на клиниката (амбуланти, оддел за трудници, оддел за породени, родилни сали и др)“, велат од ЈЗ Универзитетска клиника за Гинекологија и акушерство – Скопје, во изјава за ПИНА, истакнувајќи дека моментално на ГАК се вработени вкупно 86 акушерки со средно и високо образование.

Од таму потенцираат дека недостатокот се должи на фактот што долг временски период не беа формирани доволен број на паралелки за акушерки во средното медицинско образование, а високото образование за дипломирани акушерки стартуваше подоцна.  Најчестите причини поради кои акушерките си заминуваат, како што велат од ГАК, се пензионирањето и понудата на повисока плата во земјите од ЕУ.

Празните места не се пополнуваат 

Состојбата со медицински сестри на ГАК е слична како и со акушерките, пред сѐ поради нивно заминување во земјите од ЕУ. На ГАК моментално се вработени вкупно 95 медицински сестри со средно и високо образование. Оттаму за ПИНА велат дека има околу 20 слободни работни места, но тие не можат да се пополнат, поради проблемот со согласност за вработување од Министерство за финансии.

„После ковидот имавме за еден краток период преку 47 издадени потврди административни за сестри кои што брзо после завршувањето на ковид-кризата за период од месец, два, од разноразни институции од сите нивоа, заминаа во регионот, во Европа. И заминуваат и во Словенија, заминуваат и во Хрватска, не заминуваат само во Германија, Швајцарија, како најпожелни дестинации. Заминуваат и тука блиску во регионот“ – вели Бешлиовска од здружението.

Само за еден месец, како што додава Бешлиоска, во голема здравствена институција имало одлевање на 15 медицински сестри. 

„Значи, тоа се сериозни бројки или имате континуирано секој месец по 2 до 3 кои што си заминуваат“ – истакнува Бешлиоска.

Во 2022 година имало за 112 помалку медицински сестри, споредено со претходната  година. Стапката пак на овој кадар на 100.000 жители е значително под просекот на ЕУ. Во ЕУ има 577 медицински сестри на 100.000 население, а во Македонија 515 медицински сестри.  

 

Дефицитот на овој кадар влијае и на неисполнување на болничките стандарди. Потребниот број на сестрите во болниците се пресметува по три основи, по број на пациенти, по број на креветна зафатнина и по број на лекари.

Па така на пример една медицинска сестра треба да има максимум до 3 пациенти, објаснуваат од Здружението на мед.сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, при што ние немаме такво одделение и оддел во било кое ниво на здравствениот систем каде овие стандарди се запазени.

Надвор од границите за подобри услови за работа

Ниски плати и лоши работни услови, непочитување на работно време, слободни денови и денови од одмор, немање редовни курсеви за надоградување се некои од главните работи кои го отсликуваат незадоволството на медицинските сестри и акушерки во Македонија. Но, ова воглавно се и причините заради сѐ поголемиот нивен одлив од земјава.

„На државно платите се многу ниски, а всушност за да се дојде до таа плата и тоа работно место требаат јаки врски, најчесто партиски. Работата е стресна и тука и таму, несомнено. Таква ни е професијата. Но, тука во Германија имаме бенефит што квартално добиваме бонуси, но и што имаме доволно слободни денови за да се „рефрешираме“ од стресот бидејќи знаете имаме смртни случаи пред очи. Исто така квалификуваните курсеви ни се платени од работодавецот. Пријавени сме“ – раскажува за ПИНА медицинска сестра од истокот на Македонија која на 28 години заминала од државава поради лошите работни услови.

За работатата во Германија како медицинска сестра ѝ помогнале посредници од Белград. 

„Тука се почитува нашето работно време, имаме слободни денови затоа што свесни се дека секој си има приватен живот, имаме денови за одмор, имаме награди, бонуси… Платата која ја земам тука е далеку повисока од оние кои ги земаат мои колешки во Македонија. Иако стандардот тука е висок, имаме мотивација. Нѐ праќаат на стручно усовршување, на курсеви, освен оној за јазикот кој го поминав на почетокот, минав и низ низа други курсеви, за прва помош, третман на болести кај возрасни лица, специјализирани курсеви, итн“ – раскажува медицинската сестра која заминала од земјава, а покрај ова, на нејзината одлука да замине влијаел и фактот што нејзините постари колешки немале никаков напредок во кариерата, ниту финансиски, ниту развоен.

„Тие кои беа пред пензија, го земаа тогашниот минималец и мислам дека имаа некоја смешна сума за ноќните смени. Нашата работа, особено кога сте на Брза помош, е навистина стресна и затоа сметам дека треба соодветно да биде платена. За жал, тоа не беше тогаш случај во Македонија. Со оглед што тогаш имав 28 години, немав уште формирано семејство, се одлучив да заминам во Германија“, додава таа.

Германскиот јазик отвора врати за медицинските сестри по белиот свет

Расте побарувачката за специјализирани обуки и курсеви на германски јазик. За само околу една година колку што Академија О Фортуна работи на проектот за спремање на медицински кадри во соработка со Агенција за регрутација од Германија, 100 кандидати се пријавиле за курсеви за германски јазик и посредување на работа во странство.

Големи плати, добри услови и можност за усовршување се главните причини поради кои медицински сестри од земјава се пријавуваат на курсеви за јазик и посредување работа во странство – вели Маја Ѓуровска Алексовска – Извршен директор на Академијата.

„Во моментот германскиот јазик е во подем на изучување бидејќи отвара многу врати. Би рекла дека пред сѐ од финансиски причини, но не секогаш, бидејќи имаме и медицински кадри кои доаѓаат и од приватните клиники каде што се солидно платени, но поради работните услови што ги нуди Германија и можностите за доквалификации и усовршување, како и сигурноста што ја нуди системот и тие заминуваат“.

За да заминат медицинските кадри и да работат во Германија потребно е минимум Б2 ниво познавање на јазикот, а според Ѓуровска Алексовска доколку кандидатот почнува од 0 со изучување на јазикот потребно е отприлика 9-12 месеци да се спреми и да го положи испитот. Нострификацијата на дипломата пак трае 3 до 4 месеци.

Лошите услови ја прават професијата неатрактивна 

Во меѓувреме надлежните „се борат да ги задржат“ кадрите со статус договор на дело.

„Четири медицински сестри во Кичевскиот здравен дом чекаат 5 години договор на дело невработени, а во меѓувреме се случиле конкурси на коишто се вработени други медицински сестри, а тие и понатака се во статус договор на дело како помлади, меѓутоа, во овој момент се невработени“ – открива Гордана Бешлиовска.

Статус договор на дело за овој кадар е всушност уште еден од горливите проблеми во македонското здравство со кој рака под рака одат и нередовните примања, немањето здравствено и пензиско осигурување.

Неатрактивни се професиите медицинска сестра и акушерка за младите кои сѐ поретко се одлучуваат за овие смерови. Додека во САД, и многу други европски земји постојат и магистерски и докторски студии за сестри, во Македонија овие кадри стекнуваат знаења во средните училишта и на вишите и високи школи.

Дека се потребни промени во делот на образованието согласни се од Здружението, а од друга страна за да се надополни дефицитот на овој кадар треба да се зголемат и квотите за уписи на високите медицински школи. Но, воедно, според здружението,  потребно е да се подобрат и условите и нивните одговорности да бидат платени како што треба, за да може да се предизвика стимул кај младите да се запишуваат и да ги одбираат овие насоки. Притоа во земјава нема комора за медицински сестри која што ќе работи на предизвиците со кои се соочуваат. 

„Ние сме професија која треба постојано да се едуцира, која треба контунирано да се надградува, треба постојано да бидеме задолжени да се едуцираме и затоа на нас во овој момент ни е потребно наше регулаторно тело, наш правен субјект, комората во која што медицинските сестри ќе ги добијат покрај централниот регистар и сопствените лиценци“ – посочува Бешлиовска. 

Според Стратегија за здравство на Р.С.М (2021 – 2030) пропишано е дека треба да има целосно функционална Комора на медицински сестри која ќе доведе до издигнување на сестринството и акушерството на целосно професионален статус согласно европските модели и стандарди.

Застој на Законот за медицински сестри со секоја смена на раководство

Со години сестринството се бори за Закон за медицински сестри со кој ќе се регулира професијата и ќе се издигнат стандардите, но со секоја смена на раководните структури се враќаат работите на почеток.

„Ние бевме дел од подготовките и изработката на тој Закон за наша среќа, бидејќи толку многу го подигавме контунирано гласот, и мислам дека немаше повеќе можност да бидеме незабележани. Имавме прилика за време на краткиот мандат на министерот за здравство, Беким Сали да учествуваме во работните групи. За жал со сите други министри имавме само ситуации каде што почнувавме секогаш од почеток“, вели Бешлиовска.

Воедно во земјава нема ни централен регистар за пребројување и евиденција на медицинските сестри во Македонија, а бројките во јавноста најчесто се неофицијални и произлегуваат од здруженијата. Одлевањето на медицинските сестри се случува и преку заминување од јавното во приватно здравство, напуштање на професијата и во голема мера е и природното одлевање на сестрите по однос на пензионирање.

Доколку не се преземат брзи и ефикасни мерки, Марта и нејзините колешки ќе се соочат со уште поголем предизвик, помеѓу нивната желба за помош и реалната можност да ја обезбедат. Или пак, како многу други нивни колешки, ќе одлучат да заминат во странство.

Авторка: Љубица Иванова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА