
Граѓаните секојдневно се соочуваат со ситуации да треба да ,,подмачкаат“ или фатат врски за да завршат некоја работа во институциите. Ситната корупција речиси секогаш е правило, а не исклучок. Проблем кој долго време е вкоренет во општеството, а на кој треба да се работи и на индивидуално и на општествено ниво.
„Со години ме мавтаа секојдневно од врата на врата за еден документ за транформација на земјиште, кој наводно се загубил во oпштината. Се зависеше од еден вработен, кај кого беше мојот предмет. Кога и да го побарав или беше на боледување или користеше одмор, а често колегите го правдаа со зборовите „само што излезе“. На крај преку познаник, работата ја завршив. Ме чинеше 100 евра“, раскажува скопјанецот Богдан.
За првпат се чувствувал ужасно, а му требало и време за да сфати дека паднал во замката наречаена „мито“.
„На договорената средба, предметот што наводно службеникот не можеше да го најде, го пронајде меѓу повеќе листови паднат позади неговото биро. Дефинитивно, предметот беше намерно фрлен,“ раскажува Богдан.
Ситната корупција премолчана практика
Ваквиот пример не е единствен во земјава, затоа што граѓаните секојдневно се соочуваат со ситуации да треба да се ,,подмачкаат“ работите за побрзо да се добијат одредени услуги. Исто е и во здравството. Од преглед кај лекар, до термин за операција, посебно на колк. Пациентите подмитуваат и за лажирање резултати од крв и урина, а за таков случај неодамна алармираа вработени на скопска Токсикологија. Ситната корупција ја има и во образованието. Со години се шират шпекулации за пари под рака за да се помине годината со повисоки оценки, да се положи испит, но, и да се добие постојано вработување. За системската корупција на факултетите укажа и социологот Илија Ацевски.
Потребата да се даде „бакшиш“ за завршена работа, кај многумина наши сограѓани е нормална работа, и тоа не се доживува како ситна корупција.
„Ние кога студентот ќе дипломира очекуваме некои подароци. Носеа луѓето виски, разни пијалаци. Некои можат некои не можат, но сите некако беа убедени дека тоа мора да го направат. А оние кои тоа го примаат, ние професорите, очекувавме тоа да го направат, а ако не го направат, сметавме дека нешто не е во ред. На некој начин тоа е груба корупција. Кога ќе заврши церемонијата, убаво е да разговараме за идните планови на дипломецот, да ги запознаете.., но не во фокусот да ни бидат богати јадења, подароци и слични работи.
Тоа некако го олабавува системот. Овде го гледам тоа за што зборуваме – наследство од турското време „треба да дадете нешто за да се заврши некоја работа“. Е тука е таа последица, сите добиваа високи оцени, без разлика дали имаа добра дипломска или магистерска, нема врска, едноставно тоа се вреднува за сите исто“, додава Ацевски.
Поранешната антикорупционерка Билјана Ивановска цитирајќи дел од последното истражување на МЦМС вели дека на граѓаните се уште најголем проблем им е корупцијата.
Таа вели дека 460 илјади граѓани, според истражувањето, биле во состојба на корупциски притисок, а 370 илјади барем еднаш биле во корупциска зделка, што според неа, е индикатор дека корупцијата е застапена во сите пори на општеството. Ивановска вели – вработените во јавниот сектор не смеат да примаат подароци поврзани со нивната работа, со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност.
„Протоколарни се сметаат подароците примени од страна на службени лица или од меѓународни организации, дадени за време на посети, гостувања или во други слични околности, а како подароци од пониска вредност се сметаат оние што не надминуваат 1.000 денари, или подароци добиени од иста личност чијашто вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година“, вели поранешниот прв човек на антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Според неа, ситната корупција ја отсликува нефункционалноста на институциите, а граѓаните бараат начин побрзо да си ги задоволат потребите.
„За жал сведоци сме на секојдневни примери на т.н.ситна корупција. Многу често, граѓаните наместо да пријават нефункционалност или барање мито од страна на службено лице, пристапуваат кон, за нив, полесен на коруптивен начин за да дојдат побрзо до бараната услуга. Со тоа ситната корупција станува непишано правило во нашето општество“, додава таа.
Во ланскиот Извештај за проценка на корупцијата во земјава на МЦМС на прашањето колку луѓе би дале поткуп, доколку тоа им е побарано од службени лица, околу 31 насто од граѓаните се изјасниле дека биле изложени на коруптивен притисок, додека 25 и пол проценти биле вклучени во корупција. Ова всушност покажува намалување на коруптивниот притисок за 2,4 процентни поени и намалување на вклученоста во корупција за 7,4 споредено со 2021 година.
Податоците покажуваат дека граѓаните имаат високо ниво на свесност за препознавање на корупцијата. Не го препознаваат само поткупот даден во пари, туку препознаваат и други посложени форми на корупција, како непотизам, клиентелизам итн. Мнозинството се движи од околу 60 до 90 отсто со најмногу посочување на давањето пари на полициски службеник за да не се одземе возачка дозвола, потоа давање пари на административен службеник за да се добие некој повик, концесија или јавна набавка, примање пари од страна на административен службеник за одобрување даночно затајување или олеснување итн.
Меѓутоа, и покрај мнозинството граѓани кои ги препознаваат сите наведени активности како корупција, повеќе од една третина од испитаниците сметаат дека не е корупција ако се даде подарок на доктор за да обрне повеќе внимание, потоа повеќе од една петтина сметаат дека не претставуваат корупција предизборните донации на политичките партии и личното контактирање со член на општински совет со цел да се обезбеди дозвола за изградба.
Забележано е намалување на подложност на корупција во однос на минатите години. Што се однесува, пак, до подложноста на давање поткуп, најголем е процентот на оние кои во никој случај не би платиле.
Кампањата „Бидете херои на чесноста„ што ја спроведе актикорупциската комисија во 13 училишта низ државава покажа дека 80 до 90 насто од децата одговориле дека наставниците пишувале незаслужени оценки, најчесто поради притисоци од страна на родителите, а неретко и директорите.
Познавачите велат дека граѓаните многу малку пријавуваат корупција, иако се соочиле со истата.
„Стравувањето од пријавувањето корупција од повеќе аспекти ги покажува системските пропусти на општеството за справување со корупцијата, односно од една страна граѓаните стравуваат да пријават корупција од ризици од можна репресија, а од друга страна и малиот број на пресуди поврзани со корупција, неказнивоста расте. Тоа ги обесхрабрува граѓаните да дојдат во ситуација да пријават корупција“, појаснува Снежана Камиловска – Трпковска од Македонскиот центар за меѓународна соработка која е дел од тимот што го изготви Извештајот за проценка на корупцијата.
Но, тоа што охрабрува, според неа, согласно со последниот извештај за проценка на корупција тоа што граѓаните веќе препознаваат некои институции кои што ги сметаат за круцијални за надминување на корупција.
„Тоа се МВР, кое високо котира на скалилото и државната комисија за спречување на корупција со својот претходен состав е високо позиционирана како институција која што може да помогне во борбата против корупцијата. На жалост за другите институции, како што се владата, Јавното обвинителство и правосудните органи е ниска довербата дека не може да се справат со корупцијата. Тие треба да процесуираат предмети и случаи кои на крај ќе завршат со правосилни одлуки за сторителите на коруптивни дела“, додава Камиловска – Трпковска.
И психологот Ана Попризова, смета дека стравот кај луѓето да пријават корупција доаѓа од нефункционалноста на системот, кој не реагира и не казнува. Според неа, вработувањата по партиска и семејна линија оставаат простор за корупција бидејќи во овие случаи не се почитува степенот на образование и стручноста.
Лојалноста на луѓето кон партиите кои ги вработиле, посебно во администрацијата, ги истиснува стручните кадри, кои често пати се отпуштаат, прераспределуваат или подлежат на притисоци доколку не делуваат коруптивно.
„Особините на личност кои најмногу влијаат на перцепцијата и формирање на свест за етично однесување се – степен на морален развој, макијавелизам, локус на контрола, само-регулираност и вредности. На овие лични особини се додаваат социјалните фактори, односно вредностите, практиките и релациите во средината во која личноста се воспитува, образува и живее. Секој од овие фактори се во заемно дејство и кај личноста во процесот на развој се создаваат афективни реакции кои резултираат со прифаќање или неприфаќање, сакање или несакање на определени обрасци на однесување. Потоа личноста овие обрасци на однесување кои се темелат на вредности и ставови ги практикува во својата приватна и професионална сфера“, појаснува психологот Ана Попризова.
Според Попризова коруптивното однесување не може да се сведе само на прашање на интегритет, бидејќи често општествениот притисок врз личноста е голем. Потребно е да се работи и на вредноста на поединците и на општествено ниво преку заштитни механизми.
Со ситна корупција, децата се соочуваат уште од мали нозе, велат познавачите . Тоа го темелат на фактор што родителите, свесно или не, ако нивното дете не сака да јаде, му ветуваат играчки, или нешто што му е омилено, и со тоа ја завршуваат работа. Детето сито, но и задоволно со омелениот предмет, родителот горд што ја постигнал целта.
Оттука се поставува и прашањето, дали за надминување на проблемот со корупција, особено ситната ни е потребно едукација уште во основните училишта?
Граѓанскиот сектор е на иста линија со антикорупционерите и психолозите. За да се намали корупцијата, неопходно е за штетните последици да се запознаат најмладите.
Секако, посочуваат и на потребата од повеќе кампањи за будење на свеста кај граѓаните да пријавуваат корупција, но и воведување на превентивни и заштитни механизми.
Авторка: Наташа Гркова – Петрушевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА