Жените од руралните средини сѐ почесто се организираат во различни форми за да бидат активни и да придонесуваат во општеството преку различни акции.
Токму жените од Локален женски кружок од село Лубница, општина Конче ги остварија своите напори да добијат просторија за користење во Домот на култура во селото, а одлуката за доделување ја донесе Советот на општина Конче.
Во неа е предвидено да се одржуваат разни предавања корисни за здравјето на жената, за туризмот, како и обуки во областа на земјоделието.
Примопредавањето беше направено од страна на градоначалникот на општина Конче Златко Ристов кој официјално ја додели просторијата на претседателката на Локалниот женски кружок во село Лубница, Сашка Атанасова.
„На иницијатива на жените од село Лубница, Локалниот женски кружок поднесе Барање за доделување на женски простор во Домот на културата кој се реновираше во текот на 2023 и 2024 година. Од страна на општината нашето барање беше разгледано и на наше задоволство Советот ја донесе Одлуката за доделување на просторот. Се надеваме дека токму на ова место ќе бидеме сведоци на многу убави настани“, рече Атанасова.
Таа вели дека на нивните активности им претходела работилница за филантропија, организирана од ,,Акција Здруженска“ на која биле детектирани потенцијални иницијативи на кружокот за мобилизација на локални ресурси.
„Со жените одржавме повеќе заеднички средби на кои инициравме мапирање на потребите за опремување на просторот на кои учесничките изнесуваа разни идеи. На средбите учествуваа и претставници од „Женска акција“ Радовиш кои го следеа процесот на проценка на потребите со цел остварување на што подобра комуникација со заедницата. Во моментот се поднесени повеќе барања до бизнис секторот и поединци и се надеваме дека ќе успееме во нашата замисла“, кажа таа.
Градоначалникот Златко Ристов вели дека кружокот досега немал просторија каде ќе може да делува, а вели дека следуваат уште многу активности заедно.
„Во Меморандумот за соработка кој го потпишавме со нив се согласивме на повеќе барања и потреби кои тие ги имаат, а во идниот период планираме напорно да работиме заедно и да им помогнеме за да ги остварат своите цели. Главната цел на доделувањето на оваа просторија е жените да можат да бидат што е можно повеќе активни каде ќе земат учество на различни културни манифестации, а во просторијата која им беше доделена да можат да одржуваат различни обуки“, рече градоначалникот Ристов.
Тој напомена дека кружокот е најактивната организација во општина Конче, каде земаат учество во различни активности.
„На празнувањето на самиот ден на општина Конче, 12-ти јули, Петровден, жените од овој кружок зедоа второ место во натпревар за подготовка на традиционална храна што кажува за нивната упорност и желба да бидат активни во сите културни случувања во општина Конче“, додаде Ристов.
За значењето на овој локален женски кружок разговаравме и со Слаѓана Начевски, програмска координаторка во организацијата „Женска Акција“ од Радовиш која вели дека локалните женски кружоци во суштина се групи на жени кои се собираат за да се поддржат едни со други, да споделуваат знаења, да се едуцираат и работат заедно на прашања и приоритети кои ја засегаат нивната заедница, лобираат и ги застапуваат нивните прашања, идеи и проблеми пред локалните власти.
„Отворањето на посебна просторија наменета за женските кружоци од село Лубница и Општина Конче претставува чекор напред кон поинклузивно, продуктивно општество кое во креирањето на своите политики ги вклучува и жените, кои најчесто се исклучени од овие процеси. Имањето на своја просторија е од огромно значење за жените од овие кружоци бидејќи сега имаат обезбеден простор во кој тие ќе ги организираат своите средби и состаноци, ќе можат самостојно да работат на нивно развивање, можат да го користат овој простор за нивна неформална едукација и на развивање на нивните заедници“, рече Начевски.
Таа потенцираше дека женските кружоци во руралните средини имаат за цел да го подобрат квалитетот на животот на жените и нивните заедници преку промовирање солидарност, сплотеност, еднаквост, споделување знаење и колективна акција.
„Иницијативата на жените од Лубница за обезбедување на Женски простор се наметна како потреба за обезбедување на простор каде ќе имаат можност за социјализација, но и за организирање на предавања, обуки за економско јакнење на руралната жена, манифестации и други културни активности со што ќе се подобри животот на жената во оваа локална заедница. Имајќи во предвид дека просторот на стариот културен дом е руина, а се наоѓа на центарот на селото, жените сметаа дека треба да се бара од општината да се реконструира и адаптира“, додаде таа.
Во однос на тоа со какви потешкотии се соочуваат жените во руралните средини, Начевски кажа дека се соочуваат со низа тешкотии и предизвици кои може да влијаат на квалитетот на нивниот живот и можности.
„Најчесто се соочуваат со ограничен пристап до образование каде образовните капацитети може да се ретки, а културните норми може да му дадат приоритет на образованието на момчињата пред на девојчињата, со здравствени бариери каде пристапот до квалитетна здравствена заштита и сервиси е ограничен во руралните области, вклучувајќи ги и услугите за репродуктивно здравје.
Жените се соочуваат со предизвици во добивањето пренатална и постнатална грижа, вакцинирање и општи здравствени услуги. Жените од руралните средини често имаат помалку економски можности во споредба со нивните урбани колешки. Тие може да се соочат со бариери за пристап до кредит, сопственост на земјиште и можности за вработување, што може да ја ограничи нивната финансиска независност и раст.
Постои и родова нееднаквост каде традиционалните родови улоги и културни практики може да ги ограничат правата и можностите на жените, а ова вклучува ограничувања на моќта за одлучување во домаќинствата и заедниците и помало учество во јавниот и политичкиот живот. Воедно, руралните области често страдаат од несоодветна инфраструктура, како што се лоши транспортни и комуникациски мрежи. Оваа изолација може да го ограничи пристапот на жените до услуги, пазари и можности. Исто така, семејното насилство може да биде значаен проблем, при што жените имаат ограничен пристап до услуги за поддршка и правна заштита. Социјалната стигма и недостатокот на ресурси ја влошуваат ситуацијата“, објаснува Начевски.
Она што е позитивно е што жените сѐ повеќе се охрабруваат да бидат инволвирани во различни иницијативи.
„Локалните женски кружоци, невладини организации и други иницијативи можат да обезбедат поддршка и охрабрување, што помага жените да се чувствуваат помалку изолирани и поупорни во ангажманот. Како што се зголемува пристапот до образовни и разни програми, жените стекнуваат нови знаења и вештини, што им помага да се чувствуваат поодлучни и подготвени за да се вклучат во различни активности. Жените кои веќе постигнале успех во различни иницијативи можат да служат како примери и инспирација за други. Нивната видливост може да поттикне повеќе жени да се вклучат.
Исто така, со зголемувањето на достапноста на технологијата и интернетот, жените имаат подобар пристап до информации и можности за поврзување со други жени и иницијативи на поширок план. Различни иницијативи и проекти кои се фокусираат на овластување на жените, како што се програмите за лидерство и претприемачки обуки, можат да ги мотивираат жените да преземат активна улога во своите заедници. Многу важно е нивно учество во мрежи и партнерства кои може да им овозможат на жените да се поврзат со други активни жени и организации, разменуваат искуства и најдобри практики“, децидна е таа.
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на соработката која ПИНА ја има со организацијата ,,Акција Здруженска“