Лоша реализација на капитални инвестиции, лош животен стандард на граѓаните

0
96
Фото: Влада

Добрата реализација на капиталните инвестиции се одразува на растот и развојот на секоја од општините, како во поглед на подобрување на животот на граѓаните, така и во создавање на приходи во иднина.

Изградбата на патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти е важна бидејќи креираат подобри услуги за граѓаните и придонесуваат за развој на економијата.

Но, проблемот настанува при слабата реализација каде инвестициите не се реализираат во предвидените рокови, со што трошоците растат, а животниот стандард на граѓаните стагнира и се намалува.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) согласно Годишната програма за работа за 2023 година спроведе ревизија во однос на тоа колкава е реализацијата на капиталните инвестиции финансирани преку буџетот на Република Северна Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа.

Мартин Дувњак од ДЗР за ПИНА.мк вели дека реализацијата на стратешките проекти оди со спора динамика и во голем дел истите се во голем застој.

„Кај голем број на проекти има зголемување на вредноста на истите и повисоки трошоци за реализација од планираните, кај најголемиот дел од започнатите стратешки проекти има низок степен на реализација, поради голем број на проблеми од различни области во сите фази постојат високи фискални ризици врз јавните финансии за нареден период,“ вели Дувњак.

Тој појасни дека друг проблем што се јавува при реализација на капиталните инвестиции е што не постои целосна контрола, што е реализирано а што не.

„Исто така, кај сите стратешки проекти отсуствува ефикасен механизам за координација и следење, како и отсуство на ефикасен постојан систем на следење/мониторинг на ниво на сектор, од страна на сите одговорни страни не се преземаат навремено корективни мерки и постои слаба координација помеѓу институциите со цел исполнување на условите од склучените договори за стратешки проекти“, појаснува Дувњак.

Кои покрупни инвестиции не се реализирани, и се на директна штета на граѓаните

Извештајот на Државен завод за ревизија (ДЗР) покажува бројна нереализација на капиталните инвестиции, а кои се од исклучително значење за граѓаните. Една од тие е Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје која е најголема инвестиција од областа на животна средина за кој од државата обезбедени се средства во износ од 196 милиони евра, и доделени се ЕУ средства во вредност од 69,7 милиони евра.

Подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица за отпадни води во градот Скопје, но и после десет години проектот не е подготвен за физичка реализација.

Од државно значење е патната делница Кичево-Охрид чија вредност е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра.

Проектот и после десет години не е завршен, а финансиската реализација изнесува 466,4 милиони евра. Рокот за завршување на проектот е изминат на 31.12.2023 година, и постои голема неизвесност од настанување на високи правни и финансиски ризици поврзани со текот на овој проект. Новите власти најавија дека истиот ќе биде завршен кон крајот на 2026 година.

За изградбата на Коридор 8, ревизијата утврдила дека е стигнат до третата фаза каде планирањето и подготвувањето на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,765 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од Буџетот на државата.

„Вредноста на проектот е зголемена од првично планираната каде според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Република Северна Македонија истата е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра,“ се вели во Извештајот.

Во однос на нереализацијата на важните капитални инвестиции од ДЗР појаснуваат дека се трошат дополнителни средства за реализација на стратешките проекти, плаќање на казни и пенали за ненавремено завршување на превземените обврски од склучените договори, трошоци за арбитража за поднесени арбитражни постапки, неможност од повлекување на средства кои се дадени како грантови и губење на можноста за користење на средства од програми доделени како помош на Република Северна Македонија.

Граѓаните не чувствуваат никаков напредок

Во сите региони од државата, реализацијата на капиталните инвестиции не е иста. Полошо проаѓаат најчесто помалите општини кои се запоставени и кои очекуваат помош од државата за реализација на некоја капитална инвестиција која е важна за секоја од општините.

Според економистот Зоран Тодоров, токму општините во Источна Македонија немаат капитални инвестиции во доволен број сѐ со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Без капитални инвестиции, тешко е да очекуваме да се подобри животот на граѓаните особено во помалите општини. Ние долго време немаме капитални инвестиции, а ние граѓаните во источниот регион посебно го чувствуваме тоа. Ваквата ситуација доведува до иселување на кадарот и на граѓаните генерално, а ние дури и да имаме некаква идеја за некакви инвестиции, ние имаме недостаток на човечки ресурс кој постојано го губиме. За тоа да се поправи, потребни се повеќе мерки каде во самите општини треба да се внесат нови кадри и да се донесат нови идеи. Во самите општини сметам дека треба да се постават нови луѓе во секторите за развој за да можеме да бидеме конкурентни на пазарот и привлечни за инвеститорите во Источна Македонија каде во секој сегмент од општеството ние стагнираме, а тоа мора да се промени доколку сакаме иднина овде“, вели тој.

Дури и во ситуациите кога државата е спремна да им помогне на општините за да ги реализираат капиталните инвестиции, Тодоров смета дека самата презадолженост на општините доведува до тоа парите да се трошат за покривање на долговите, а не за реализација на таквите проекти.

„Општините таквите пари ги користат за да ги покријат долговите, а со тоа ќе изостанат некои важни капитални инвестиции со кои би се подобрил животниот стандард на луѓето. Имаше најава и дека Владата ќе им дава пари на општините каде ќе ги контролираат парите кои им ги даваат, но доколку станува збор за контрола на буквално сите пари, може да дојде до момент каде ќе ги спречат креативните и вистинските, оние неопходните проекти кои ќе им требаат на секоја од општините“, додава Тодоров.

Тој смета дека како држава имаме административен проблем, односно луѓе кои не се компетентни за да ги реализираат капиталните инвестиции.

„Покрај тоа, ние имаме недостаток на проекти и идеи за правење на капитални инвестиции, а во последно време овој регион од државата се соочува и со недостаток на работна сила и на пари. Досегашното искуство вели дека кога некој странски инвеститор сака да инвестира тука, она на што прво наидува е администрацијата и тоа што тие немаат капацитет за да ги спроведат неговите идеи, односно инвеститорот нема доверба дека самата инвестиција ќе ја реализира државната или локалната администрација“, дециден е тој.

Изостанува стратешко планирање и проектирање особено на локално ниво

И анализата која неодамна ја објави Институтот за економски истражувања и политики Finance Think, покажува дека хронично постои помала реализација на капиталните инвестиции и истите претрпуваат драстични кратења со ребалансот на Буџетот, со што директно се влијае и врз квалитетот на јавната инфраструктура.

„Освен слабата имплементација на капиталните расходи, планирањето и алокацијата на средства по корисници покажува слабости. Алокацијата на средства за капитални расходи не е секогаш во линија со капацитетот за реализација на корисниците. Иако некои корисници бележат низок процент на извршување, тие добиваат поголеми средства за нивните капитални расходи во следната година, и обратно, корисници со висок перформанс добиваат помали капитални износи за следната година“, стои во анализата.

Тие укажуваат на тоа дека е потребно прецизно планирање и реалистично проектирање на капиталните расходи за да се избегне постојаното потизвршување.

„Алокација на средства по буџетски корисници согласно капацитетите за реализација и доследна примена на механизмите за алокација на капитални средства по буџетски корисници. Дополнително, фокусирањето врз стратешки приоритети преку приоритизација на проектите и програмите од критична важност за социоекономскиот развој на земјата ќе овозможи насочување на ресурсите кон најважните области и постигнување поголеми резултати“, се наведува во оваа анализа.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА