Хонорарците, независните и слободни работници и професиите кои полека овозможуваат хонорарна или непостојана работа се во пораст. Најчесто тука се вбројуваат графички дизајнери, програмери, новинари, преведувачи, фотографи, маркетери, веб-девелопери, сметководители, филмски работници, уметници… Иако многу од хонорарците се задоволни од флексибилноста, слободата, заработката од ваквиот начин на работење, најголем недостаток им се пензиското и здравственото осигурување.
Бројот на хонорарни работници, или попознати по сленгот „фриленсери“ сѐ повеќе се зголемува. И бројот на професии во кои се нуди можност за хонорарна работа исто така е во пораст. Многу лица иднината ја гледаат во хонорарната работа и бенефитите и флексибилноста кои ги тоа ги носи.
На краток рок, хонорарната работа можеби изгледа супер или како привремено решение можеби полесно се функционира. Но, на долг рок, многу лица кои се пренасочиле кон ваков тип на работење се соочуваат со низа проблеми, како што се немање на пензиско осигурување, здравствено осигурување, мали шанси за кредитоспособност, или, пак, со високи провизии за внес на парите во Македонија, немање можност за боледување, на породилно отсуство…
Македонскиот закон за работни односи засега не препознава вакви форми на вработување. Оттука се поставува прашањето, односно се наметнуваат повеќе потреби и барања за ставање на хонорарците во некоја правна рамка со цел да имаат одредени работнички права.
На овие, но и на повеќе прашања споделуваме размисли од неколку лица кои работат хонорарна работа, лица кои се дирекно засегнати од недостатоците на ресорните министерства, од кои пак едвај успеавме да извлечеме изјава и став, затоа што никој не се смета за надлежен.
Регулирање на фриленс статусот е предизвик за сите земји
Елена Иванова, од „Импакт фондејшн“, неколку пати е дел од организацијата која организира конференција, која ги обединува „фриленсерите“ во Македонија и ги поттикнува да ги споделат искуствата и да се адресираат проблемите со кои се соочуваат.
Според неа немаме јасен увид во статусот на хонорарците, затоа што не постои таква категорија, ниту во законот за работни односи, ниту, пак, Државниот завод за статистика води таква евиденција.
„Генерално проблемите се сконцентрирани околу неможноста да се оствари лесно девизен прилив и да се добијат социјалните бенефити на вработените, а тоа се пензиско и здравствено осигурување. Немаме бројка колку хонорарци или „фриленсери“ има во Македонија, ниту извор кој може тоа да го потврди, но имаме шпекулативни бројки дека на платформите за дигитални работни места има околу 10.000 профили од Македонија“, вели Иванова.
На прашањето колку Македонија е „пријателска“ средина за хонорарни работници таа посочува:
„Македонија пред четири-пет години отпочна процес за обезбедување лесен визен режим за странци кои би живееле и работеле фриленс од Македонија. Тој процес не е завршен и освен тоа што сме земја со релативно евтини трошоци за живот и даночна обврска, други олеснувања нема“, дополнува Иванова.
Кога станува збор за тоа како земјите надвор од границите на Македонија се грижат за хонорарците, неколку земји воведоа „Златна виза“ за странски државјани кои би живееле таму, инвестираат и трошат.
„Еден резидентен граѓанин после шест месеци е даночен обврзник во земјата во која престојува и за да ги привлечеме „фриленсерите“ покрај ниските даночни стапки, треба да развиеме еко-систем, а тоа значи – места каде ќе живеат и работат (ко-ливинг и ко-воркинг) и места каде ќе разменуваат искуства. Дополнително македонските фирми не користат „фриленс услуги“ и не го потпомагаат тој систем. Постојат модели кои се развиваат за регулирање на „фриленс статусот“ во земјата и ова е предизвик за сите земји, не само за нашата“, дополнува Иванова.
Проблемот со кредитоспособноста е типичен за сите земји во светот
Петар Тодоровски е хонорарец и со цел да им обезбеди информации на едно место на сите хонорарци или „фриленсери“ на кои им е потребно лансираше веб-платформа.
Според него хонорарците имаат релативно добар статус, кој може да се подобри ако државата сака да земе повеќе пари од оваа категорија на работници.
„Од нив не се бара задолжително да плаќаат придонеси за социјално осигурување, прометот кон странски клиенти е ослободен од ДДВ, данокот на личен доход е понизок од повеќето земји во светот, а ако некој сака да се осигура здравствено, може да плаќа паушал кој е многу низок и претставува понизок процент од тоа што го плаќаат редовно вработените. Од друга страна, ако некој сака да се осигура и здравствено и пензиски, тоа не е можно без регистрирање на некаква форма на трговско друштво, што значи дополнителни трошоци“, вели Петар.
Во некои држави фриленсерите може да се пријават како самовработени и да си плаќаат придонеси без да отвораат фирми.
„Имаше некои најави од сега веќе претходната власт дека тоа ќе се случи и овде, но не се случи. Прашањето е што претставува повисоко ниво за „фриленсер“. Да плаќа помалку и да ужива помалку права или да плаќа повеќе на државата и за возврат да добие повеќе? Тоа е прашање на преференции“, подвлекува Петар Тодоровски.
Според него најголем проблем со кој се соочуваат хонорарците кај нас е неможност да се осигураат социјално без фирма, мали шанси за кредитоспособност (иако ова полека почнува да се менува) и високи провизии за носење на парите во Македонија.
„Проблемот со кредитоспосбност е типичен за сите земји во светот. Високите провизии на банките исто така, но во странство можат да користат финтек провајдери кои даваат платежни услуги за пониски цени. Оние кои се најчесто користени не работат со македонски банки. Ни странските клиенти не се секогаш волни да праќаат пари директно на македонска сметка и тоа понекогаш предизвикува загуба на клиент“, вели Петар.
Како што зборува тој во Македонија хонорарците имаат минимална оптовареност со давачки. За разлика од нас, во Србија хонорарците плаќаат многу повеќе. Во Западна Европа давачките се уште повисоки.
„Од комуникацијата со други хонорарци, мојата перцепција е дека оваа заедница генерално избира да не плаќа давачки на државата кога за тоа е оставен избор, како што во моментов дава избор нашето законодавство. Редовно вработените го немаат тој луксуз, но имаат илузија дека работодавачот е тој што ги плаќа давачките, а не тие. Вака кога човек треба сам да отиде во банка и да уплати пари во буџетот, однесувањето е поинакво. „Фриленсерот“ може сам да избере дали ќе плаќа и колку ќе плаќа. Од тој аспект, сметам дека Македонија е поволна за хонорарците кои работат овде. Единствената обврска со која не се бега е данокот на личен доход од 10%, кој е меѓу пониските во светот. Кога би можеле оние кои сакаат да се осигураат тоа да го сторат без фирма, би било уште подобро“, посочува Петар.
Потребни се измени во законите од областа на здравствено и пензиско осигурување
Хонорарното работење во другите земји е препознаено како начин на работа и хонорарците може полесно да социјално да се осигураат. Постојат олеснувања за дигитални номади, но тие земји не ги даваат истите поволности за своите граѓани.
„Наједноставната работа која државата може да ја направи за да им овозможи на хонорарците полесно да функционираат е да не наметнува нова обврска за социјално осигурување, туку тоа да го остави на избор и да го овозможи без фирма. Покрај тоа, сметам дека пониските суми на хонорари можеби треба да бидат ослободени барем делумно од данокот на личен доход. Државата веќе дава вакви ослободувања на оние кои се вработуваат во фирми, но не и на оние кои работат самостојно – истакнува нашиот соговорник Петар.
„Фриленсерот“ практично е човек-фирма. Треба да се има предвид дека многу хонорарци кога почнуваат со самостојна работа не заработуваат илјадници долари месечно, туку вадат околу просечна нето плата, па потоа на тоа треба да плаќаат давачки, дополнува тој.
„На крај, државата може да се погрижи и да се намалат провизиите за меѓународни трансфери на пари кои ги плаќаме, а кои во многу случаи можат да одат накај 5-10%. Тоа ја намалува и даночната основа за која државата наплаќа. Има најава дека ќе влеземе во СЕПА системот, што драстично ќе ги намали трансферите со земјите од ЕУ, но провизиите ќе останат за клиентите од Америка, Азија, Австралија, итн. Би сакал да напоменам дека ако државата сака да стимулира луѓе сами да си бараат работа надвор од границите, а при тоа да ги трошат парите дома, мора да избегне наметнување на обврски како оние во Србија каде што давачките за хонорарната работа може да достигнат и 50% од приходите“, категоричен е Петар.
Најнесигурни договори, краткотрајни проекти, доцни исплати
Искомунициравме и со неколку новинари фриленсери, кои исто така потврдуваат дека хонорарците генерално се соочуваат со повеќе предизвици, пред се поврзани со несигурноста на ваквиот тип на работа.
„Договорите со кои работиме се најнесигурни, со оглед на тоа што тие најчесто опфаќаат кратки периоди или задачи, а често пати се проследени и со доцнење на исплатите за завршениот труд и непостојаност и менување на надоместокот за извршувањето на работните задачи. Исто така, еден од главните предизвици е немањето можност хонорарците самите да можат да се пријават за обезбедување на пензија. Со оглед и на големите дупки во пензискиот фонд, не гледам зошто не би било од заеднички интерес и на државата и на хонорарците, не да ги принудува да се пријават, туку да обезбеди решение за оние кои сакаат да се пријават да го направат тоа и да издвојат дел од своите финансии за да учествуваат во финансирањето на пензискиот фонд и поголема сигурност за својата иднина“, изјавува искусна новинарка која повеќе години работи независно.
И филмските работници со невидлив статус
Повеќе од познато е дека и филмските работници како мајстор на сцена, мајстор на светло, фар-мајстор, шарфер, гафер, гардеробер, асистент-костимограф, уште многу други кои за јавноста имаат невидлив статус, односно како независни работници или хонорарци. Овде исто така е потребно итна интервенција и дефинирање на статусот на филмските работници.
Иако ниту еден филм не може да се реализира без нив тие имаат нерешен статус, кој не го покрива ниту еден закон, и се водат како фриленсери, но не по своја волја. Според упатените во филмската индустрија, овој проблем може да се реши со Законот за филм, сепак досега и покрај лоцирањето на проблемот, никој не се јавува надлежен да го актуелизира и да поттике негово решавање.
Фејми Даут долгогодишен филмски работник, кинематограф, ни изјави дека филмските работници кои во континуитет се принудени да работат како хонорарци и со нерешен статус, исто така се соочуваат со бројни проблеми и нивната работа не е препознаена од македонскиот закон за работни односи.
„Пред најмалку 10-15 години, Министерство за Култура овозможи годишен буџет за самостојни уметници. Привилегија која на некој начин државата ти ги плаќа придонесите, здравствено, социјално и пензиско. Е сега, тоа е се во ред, ама за жал за тоа да се добие треба да се конкурира. На тој конкурс има некакви критериуми кој доста од нашите колеги филмаџии не можат да ги исполнат. Во суштина доста од нив се и како автори на филмското дело, ама според критериумите нив не ги опфаќа. Како и колеги светлаџиии, сценографи, грип сектор и слични имаат голем удел во филмот ама не можат да исполнат критериум што се бара на конкурсот, да бидат како автори. А под автор подразбираат режисер, сценарист, директор на фотографија, костим и шминка. Другите области некако не се дефинирани“, обајснува Фејми Даут.
Од друга страна пак, во соседните земји во Хрватска и Србија тоа е поинаку решено. Не се оди преку Министерство за Култура туку се регистрираат како и кај нас Трговец поединец и имаат некакви стопански комори каде им се штитат правата и ред други привилегии, дообјаснува Даут.
„Тоа што треба да се смени, да не биде селективна апликацијата на конкурсот, туку да може сите луѓе од нашава бранша да можат да аплицираат. На истиов конкурс аплицираат и музичари, писатели и други дејности, бидејки ги имам сретнато доста наши музичари во Министерството за потпишување на договорите за овие привилегии. Треба да се има некакво олеснување и начин како може да се дојде до обезбедување на здравствено и пензиско“, дополнува Фејми Даут.
Во Друштвото на филмски работници на Македонија имаше обид да се формира некаков синдикат на филмски работници, но за жал, поради вмешување директно на продуцентите исто како членови на ДФРМ, тој обид за синдикат пропадна, ни споделува Даут.
Државата се соочува со даночна евазија во оваа област
Маја Папатолевска, помошник раководител во Секторот за политики од областа на трудовото право и политики за вработување во Министерството за труд и социјална политика, сега преименувано во Министерството за социјална политика, демографија и млади, вели дека договорот помеѓу „фриленсерот“ и клиентот не е работен однос, туку се работи за типичен облигационен однос, со којшто „фриленсерот“ се обврзува да изврши одредена работа за клиентот, а клиентот се обврзува да плати за извршената работа.
„Значи, не се работи за крутост на нашето трудово законодавство да препознава нови форми на работа, туку едноставно, односот нарачател – извршител на работа или услуга не е предмет на уредување на еден закон за работни односи, дотолку повеќе што работниот однос содржи многу повеќе елементи кои го квалификуваат како таков“, објаснува Маја Папатолевска.
Државата бара решенија по овие прашања, но на тоа се чека со децении, и сѐ уште нема конкретна информација кога ќе се изнајде соодветно законско решение.
„Ќе имаме техничка помош, експертиза на ЕУ за социјална заштита, труд и вработување. Во рамките на истата ќе се проучи националното законодавство и ќе се предложи законска опција“, најавува Папатолевска.
Авторка: Сања Јачевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА