Млади новинари споделија искуства во работа на теми за бегалци, лица без државјанство и азиланти

0
162
фото: Мила Гавриловска

Осум видео и мултимедијални теми посветени на бегалците, лицата без државјанство и азилантите изработени од млади новинари беа презентирани вчера, во склоп на менторската програма низ која поминаа повеќе млади новинари.

Во рамки на програмата беа вклучени повеќе новинари со цел да научат различни техники со мобилно новинарство, но и генерално работа со видео содржини.

Симона Србиноска е дел од новинарите кои ги споделија искуствата од работата во процесот, но и предизвиците со кои се соочувале. Таа за првпат се приклучува на обука која се однесува на оваа категорија луѓе.

„Можам да кажам дека она што го научив, а што сметам дека за мене како новинар е важно е како да ми биде пристапот кон овие луѓе, затоа што е сепак малце, тема која што е сензитивна и бара некој повнимателен и посензитивен пристап кон темата“, вели Србиновска.

Според неа, во медиумите, ваквите теми се опфаќаат но недоволно.

„Треба да има многу повеќе, затоа што, ете, сами гледаме од примери дека има многу приказни кои што треба да се споделат, а не се претходно споделени. Само, пак ќе кажам, предизвик е да се најдат овие лица. Мислам дека живееме во време каде што сме преокупирани со други некои политички теми, и многу повеќе се остава простор на политиката, а на социјалните случаеви, или лицата кои што се нели, барателите на азил или бегалците, некако многу малку се посветува внимание, бидејќи другите теми се поважни за медиумите“, смета Србиноска.

Во програмата беше вклучен и младиот новинар Борјан Гаговски, кој нема искуство во новинарството, па менторското искуство за него било доста значајно.

„На менторски начин е многу убаво да се учи, бидејќи имаш директна комуникација со некој кој е искусен, кој може да ти каже ‘ова е лошо, ова е добро, смени го вака’, токму сметам дека така стварно се учи. Секако е битно и теориското, но праксата, да имаш некој што може да ти направи ‘review’ на тоа е многу битно“, вели тој.

И Гаговски се согласува дека темата е многу сензитивна и осетлива и дека на неа треба внимателно да ѝ се пристапува, но додава дека тоа бил интересен предизвик.

„Во однос на наоѓањето говорници на пример, немам интервју со барател на азил. Се обидев да најдам, но проблем е бидејќи тие кои бараат азил најчесто и не ни сакаат да има интервју со нив, бидејќи тоа можеби да биде некако дополнително пречка во решението за азил, ако нешто кажат дека не им се допаѓа во процесот, може да им создаде проблем, така да, не успеав да добијам интервју со барател на азил, но, самото по себе е своја информација“, смета Гаговски.

Новинарката Андријана Митевска Момироска пак, објаснува дека во изработката на темата имала предизвик да најде контакти со бегалци, поконкретно бегалци од Украина.

„Поголем дел од нив веќе се преселени во други држави и тоа ми беше малку потешко, да најдам и други семејства кои се многу проретчени. На почетокот имаше многу повеќе, сега се многу помалку, како што кажав и во прилогот. Искрено дури, го најдов преку мои познаници во Струга, тоа се тие негови пријатели кои што му помогнале на него и на неговото семејство да дојде во Струга“, вели Митевска Момироска.

Таа објасни дека ѝ е драго што се сретнала со соговорникот и што поразговарала, како што вели, долго време, иако тоа што е прикажано е кратко, за телевизиски прилог.

„И човекот ептен емотивно и искрено пристапи, и конкретно си ги кажа емоциите и тоа како живее во Струга.  И навистина како што кажува и самиот прилог, тој е многу задоволен со сопругата што живеат во Струга, и убаво им е, но сепак, човекот имаше солзи во очите, и тага и надеж дека наскоро ќе се вратат во Украина. Ме радува тоа што видов дека стварно нашите луѓе помагаат, тука се за нив да им овозможат се она што им е потребно и за мене ова е едно преубаво искуство, затоа што немам претходно работено многу со бегалци, значи ова ми е втор прилог со бегалците од Украина“, рече Митевска Момироска.

Менторската програма е во организација на Младински образовен форум – МОФ во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и во соработка со ПИНА, со средства од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд.