Во светот каде што климатските промени се сериозен глобален предизвик, Бојана Алексова, истражувач во областа на климатските промени која има долгогодишно искуство во истражувањето и работата на проекти поврзани со одржливоста и климатската акција, ги споделува своите погледи на актуелните трендови, решенија и предизвици што ги среќаваме во борбата со нив и нивната поврзаност со пожарите кои ја зафатија Македонија оваа година. Магистер Алексова е млад научен истражувач и професор по географија и секретар на Меѓународниот институт за природни катастрофи со седиште во Белград. Докторанд по геонауки на Факултетот за науки, при Универзитетот во Нови Сад. Млад истражувач во Научно-професионалното друштво за управување со ризици од катастрофи во Белград.
Како мислите дека Македонија се справува досега во борбата со климатските промени?
– Македонија презема мерки за справување со климатските промени, но се соочува со значителни предизвици. Иако се усвоени законски и стратегиски рамки, имплементацијата сè уште бара поголема ефикасност. Најголемите предизвици се транзицијата кон обновливи извори на енергија, заштитата на природните ресурси и еко-системите, како и подигнувањето на јавната свест за климатските ризици. И покрај инвестициите во обновливи извори на енергија (како соларна енергија, ветроелектрани и хидроенергија), земјата и натаму останува зависна од јаглен, што го успорува процесот на намалување на емисиите на јаглерод диоксид (CO₂) и други стакленички гасови.
Климатските промени донесуваат екстремни временски услови кои негативно влијаат на геодиверзитетот, биодиверзитетот и земјоделството. И покрај постојните кампањи за едукација и програми за адаптација, неопходна е поголема системска поддршка за заедниците кои се најпогодени. Финансиската поддршка и меѓународната соработка се од клучно значење, бидејќи националните ресурси се ограничени. Дополнителни вложувања во одржлив развој и зелена инфраструктура се неопходни за долгорочно справување со климатските предизвици.
Целите на Македонија во оваа област се насочени кон намалување на емисиите на стакленички гасови и намалување на ризиците од природни непогоди, согласно со насоките од Парискиот договор. Ова подразбира интеграција на климатските промени во Просторниот план 2021-2040 година и во секторските стратегии, што ќе овозможи ублажување и адаптација на климатските последици. Планирани се мерки како мапирање на ризици од природни непогоди, развивање на одржлив систем за управување со климатските ризици и намалување на ранливоста на природните и општествените системи. Се очекува овие активности да придонесат за одржлив развој и избегнување на конфликти помеѓу различните сектори.
Се почесто се соочуваме со природни непогоди како резултат на климатските промени, а се очекува и во иднина да имаат нагорен тренд и да предизвикуваат поголеми штети и последици за животната средина и за здравјето и животот на граѓаните. Постои ли поврзаност?
– Климатските промени се неспорен факт и нивните последици сѐ повеќе се чувствуваат ширум светот. Во последните децении се водат обемни дискусии за тоа дали овие промени се забрзани и каков е нивниот ефект. Најголемиот дел од истражувањата покажуваат дека климатските промени се резултат на човечките активности, особено поради зголеменото испуштање на стакленички гасови и промените во користењето на земјиштето. За само три децении, глобалната температура е порасната за 0,5°C – зголемување што природно би траело со векови.
Во Македонија, климатските промени се веќе присутни преку зголемени температури, особено во лето, промени во интензитетот на врнежите и зачестеноста на екстремните временски настани. Средоземниот регион, вклучувајќи ја и Македонија, е меѓу најпогодените области од овие промени. Прогнозите укажуваат на понатамошно зголемување на температурите, што ќе предизвика сериозни последици по животната средина, водните ресурси и земјоделството. Затоа, неопходно е преземање итни мерки за адаптација и заштита од климатските промени.
Климатските промени придонесуваат за зголемена ранливост на Македонија на природни непогоди, како што се поплави, суши, ерозија, свлечишта и пожари. За жал, интензивните врнежи често предизвикуваат поплави, прекумерена ерозија и свлечишта, особено во ридските и урбаните подрачја, додека сушите и ризикот од пожари имаат негативен ефект врз земјоделството, шумите и водните ресурси. Поради зголемените температури, променливите врнежи и екстремните временски услови, овие појави ќе се зголемат во фреквенција и интензитет, а особено ќе бидат ризични во подрачјата со слаба вегетација, неотпорни литолошки формации и ерозивни терени. Според истражувањата, во Македонија, региони како Скопскиот, Полошкиот, Североисточниот и Источниот се особено изложени на значителен ризик од овие непогоди.
Колку сметате време дека е потребно да се обноват шумите од пожарите што ни се случија?
– Обновувањето на шумите што се уништени од пожарите е долг и сложен процес. Времето потребно за природна регенерација зависи од видот на шумата, степенот на оштетеност и локалните климатски услови, а понекогаш може да трае децении, па дури и еден век. За шумите во Македонија, кои се подложни на топлотни бранови и суши, потребни се најмалку 20 до 30 години за значителна обновa, со дополнителни напори за заштита и адаптација. Овој период може да се скрати со активни мерки како што се пошумувањето и редовната грижа за новите насади, што овозможува подобро справување со идни ризици од пожари и ја зголемува отпорноста на шумските екосистеми.
Дали сметате дека македонските граѓани се свесни за предизвиците што ги носат климатските промени во земјава и на што сметате дека треба да се поработи со граѓаните во наредниот период ?
– Климатските промени и нивните последици за Македонија претставуваат сериозен предизвик кој бара поголема свесност и активност од страна на граѓаните. Иако некои организации веќе работат на подигнување на свеста за овие проблеми, сепак потребни се дополнителни напори за едукација на поширокото население. Поголема свесност за ефектите на климатските промени е неопходна, особено кога станува збор за природни непогоди како поплавите, сушите, ерозијата и свлечиштата, кои стануваат се почести поради промените во климатските услови.
Во иднина, ќе биде потребно да се интензивираат активностите за едукација и подигнување на јавната свест преку кампањи, семинари и работилници кои ќе информираат граѓаните за ризиците и мерките што можат да се преземат за нивно ублажување. Клучно е активно вклучување на локалните заедници во процесите на управување со ризици од природни катастрофи и заштита на природните ресурси и земјиштето.
Кои позитивни искуства можеме да ги црпиме од земјите-членки на ЕУ во однос на справувањето со климатските промени?
– Македонија може да црпи значителни искуства од земјите-членки на Европската унија во справувањето со климатските промени, особено во области како што се адаптацијата, ублажувањето на климатските ефекти, и заштитата на животната средина. Примената на обновливи извори на енергија (како што се ветерна и соларна енергија), што ќе помогне во намалувањето на зависноста од фосилни горива и ќе придонесе за намалување на емисиите на стакленички гасови. Сепак, за успешна примена на ветерни паркови потребно е внимателно одбирање на локациите. За тоа, потребни се студии кои ќе ги проценат можните ризици врз земјиштето, геодиверзитетот и биодиверзитетот. Со ангажирани на експерти во оваа област потребно е да се идентификуваат потенцијалните негативни ефекти и да бидат предложени мерки за минимизирање на тие влијанија.
Други позитивни искуства од Европските земји вклучуваат примена на зелена инфраструктура и урбанистички решенија со планска градба, како и активна едукација и подигнување на свеста на граѓаните. Преку програми за едукација и јавни кампањи, се овозможува активно вклучување на граѓаните во процесите на адаптација и ублажување на климатските ефекти, што е клучно за долгорочна заштита на животната средина.
Исто така, Македонија треба активно да ги користи финансиските програми и фондови што ги нуди Европската унија за да се справи со климатските промени. Овие фондови, како Европскиот фонд за климатска акција, нудат средства за имплементација на различни проекти што помагаат во намалувањето на последиците од климатските промени, како што се природните непогоди. За да се постигне вистински напредок, овие фондови треба да се применуваат директно на терен, преку конкретни проекти кои ќе подобрат инфраструктурата и ќе ја зголемат отпорноста на нашата земја на климатските промени. Со учество во меѓународни проекти и размена на искуства со други земји, Македонија може да научи од добрите примери на земјите-членки на ЕУ и да ги примени истите решенија и на нашиот терен. На овој начин ќе можеме да ги заштитиме нашите природни ресурси и да обезбедиме одржлив развој за иднината.
Како може Македонија да се справува со природните непогоди?
– Македонија може да се справува со природните непогоди, преку сериозни мерки за управување со земјиштето и заштита на природната средина. Прво, важен аспект за спречување на овие појави е заштита на шумите. Треба да се забрани или значително намали сечата на здрави стебла и да се спречи обесшумувањето. Контролирање на градежните активности на „осетливи“ терени е неопходно за да се избегнат ерозивни процеси кои можат да доведат до свлечишта.
Обновата на вегетацијата преку пошумување и други зелени површини е клучна за намалување на ризикот од поплави. Зеленилото помага да се апсорбира водата од врнежите и спречува нивно задржување на површината. Исто така, потребно е да се изградат ефикасни системи за одводнување, кои ќе го регулираат протокот на водата и ќе помогнат во справување со обилните врнежи.
Важно е и воведување на рани системи за предупредување, со цел навремено информирање на населението и спречување на несреќи. Едукацијата и подигањето на свеста кај граѓаните исто така се клучни за активно вклучување во процесите на адаптација на климатските промени. Климатските промени, како што се зголемените температури и промените во интензитетот на врнежите, создаваат уште поголеми предизвици за земјата. Овие промени водат до поголем интензитет на врнежи, што го зголемува ризикот од поплави и свлечишта.
Зголемениот интензитет на екстремни врнежи во Македонија е резултат на климатските промени, кои се пресликуваат со повисоки температури и промени во атмосферскиот циклус. Овие фактори водат до поголемо испарување на водата, што создава повлажни воздушни маси, а тие потоа предизвикуваат обилни врнежи. Дополнително, глобалните климатски варијации ги менуваат сезонските шеми на врнежи, зголемувајќи ја фреквенцијата на интензивни дождови, особено во краток временски период, што го зголемува ризикот од поплави и свлечишта.
Нераномерните врнежи во Македонија се резултат на географската разновидност и релјефот, каде повисоките терени се подложни на поголем интензитет на врнежи. Дополнително, влијанието на морето и атмосферските циркулации создаваат локализирани дождови. Климатските промени исто така ја нарушуваат распределбата на врнежите, зголемувајќи екстремни временски настани во некои региони, додека други остануваат суви. Со овие мерки и стратегиите на нивно имплементирање, Македонија може значително да ја зголеми својата отпорност на климатските промени и да ги ублажи последиците од природните непогоди.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА