Во македонското општество, концептот на згрижувачки семејства сè уште се соочува со бројни предизвици, и покрај напорите на институциите и граѓанските организации за унапредување на оваа практика. Стереотипите, недоволната информираност и предрасудите често претставуваат пречка за поголем број семејства да се одлучат да ги отворат своите домови за деца кои имаат потреба од љубов, грижа и стабилност. Стравот од разделба со детето при неговото евентуално враќање во биолошкото семејство и стереотипите поврзани со децата без родители, најчесто обесхрабруваат многу потенцијални згрижувачи.
Според податоците на Наде Качакова, директор на СОС Детското Село, дури 610 деца чекаат да најдат топол дом и љубовна грижа, додека моментално се сместени во групни домови што нудат алтернативна форма на семејна грижа. Како што вели таа, еден од главните проблеми е погрешното сфаќање дека згрижувачките семејства претставуваат исклучиво финансиски мотивиран потфат, а оваа перцепција не само што го обесхрабрува пријавувањето на потенцијалните семејства, туку создава и недоверба во системот.
Колку згрижувачки семејства моментално функционираат во државата, и дали тој број е доволен за да ги задоволи потребите на децата без родителска грижа?
– Последните достапни информации за ноември 2024 покажуваат дека во земјава постојат околу 367 згрижувачки семејства кои обезбедуваат поддршка за 454 деца без родители и родителска грижа. Дополнително, околу 610 деца се сместени во групни домови во кои се нуди алтернатива на безбедно и грижливо опкружување налик на семејното. И покрај постигнатиот напредок, се уште постои значителна потреба од достапни згрижувачки семејства, особено за деца на помала возраст и за деца со попреченост. Во таа насока би сакала да ја потенцирам заложбата за СОС Детско Село за промоција на згрижувањето преку различни пристапи и комуникациски канали, се со цел соодветно да се одговори на потребите за емоционален и социјален развој на децата во една поддржувачка околина. Преку нашата актуелна кампања „На секое дете му е потребно семејство“ работиме за подигање на јавната свест во врска со значајноста и потребата од поголем број на згрижувачки семејства.
Кои се главните причини за недостиг од згрижувачки семејства?
– Главните причини може да се поврзат со одредени предрасуди и стереотипи за децата без родителска грижа, недостатокот на релевантни услуги во заедницата како и недоволна поддршка воопшто, потоа одредени стравови како на пример стравот од одвојување со детето, кога истото се реинтегрира со своето биолошко семејство или пак се посвојува.
Какви мерки сe преземаaт за да се зголеми бројот на згрижувачки семејства?
– Промоцијата на згрижувањето е една од главните активности на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства која функционира во рамки на СОС Детско Село и во таа насока се планираат и реализираат активности како дел од кампања за подигање на јавната свест со која се популаризира згрижувањето помеѓу граѓаните, се потпишуваат Меморандуми за соработка со Општините каде имаме територијална надлежност со цел да се организираат информативни средби за поблиско запознавање со условите за згрижување и секако преку континуираната соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади се адресираат суштинските прашања за зголемување на бројот на згрижувачки семејства.
Дали постои доволна финансиска и психолошка поддршка за згрижувачките семејства?
– Цената на социјална услуга за згрижување варира зависно од тоа за каков вид на згрижувачко семејство станува збор и за бројот на сместени деца. Па така кога се работи за општо згрижувачко семејство кога е сместено едно дете се добиваат 20.768 денари, и оваа сума се намалува пропорционално со зголмување на бројот на згрижени деца и веќе за 5 згрижени деца се добиваат 13.417 денари. Сумата е помала кога станува збор за роднинско згрижување, односно кога дете се згрижува во рамки на неговото пошироко биолошко смејство (кај баба, дедо, тетка, чичко итн) и таа исто така е условена од бројот на згрижени деца.
За едно згрижено дете се добиваат 14.724 денари, а цената се намалува со зголемување на бројот на згрижени деца. Кога станува збор за интервентно згрижувачко семејство тука цената е повисока, 20.760 денари бидејќи станува збор за обезбедување на итна заштита која треба да се пружи најдолго до 30 дена како на пример за децата жртви на семејно насилство или деца жртви на трговија со луѓе.
Исто така постои и специјализирано згрижување во рамки на кое се обезбедува поддршка за деца со попреченост, дете во ризик или дете во судир со закон за што згрижувачите добиваат специјализирана обука за да можат соодветно да одговорат на потребите на детето. Цената за овој вид на услуга е 26.004 денари за едно дете. Кога зборуваме за психолошката поддршка на згрижувачките семејства и згрижените деца истата се обезбедува од страна на стручните лица кои работат во Центрите за поддршка на згрижувачки семејства и кои имаат релевантни компетенции за давање на фокусирана поддршка.
Она што недостасува во заедницата се услуги на локално ниво кои би дале поддршка на згрижувачите како на пример логопеди, специјални едукатори и рехабилитатори и други стручни лица, а коишто несомнено ќе придонесат кон зголемување на мотивираноста едно лице да стане згрижувач.
Колку време трае процесот за одобрување на потенцијалните згрижувачи, и дали има можност тој да се поедностави?
– Процесот за одобрување на потенцијалните згрижувачи со цел тие да добијат решение и да се регистрираат како такви вообичаено трае од 3 до 4 месеци, но времето може да варира зависно од брзината на доставување и проверка на потребната документација, но и времето потребно за планирање и реализација на обуките (PRIDE) кои се обврзни за идните згрижувачи и кои траат два и пол месеци.По поднесената документација и комплетирање на обуките се изготвува извештај за подобност кој се доставува до надлежниот Центар за социјална работа од каде се носи решение за згрижувач и со тоа се формализира статусот на едно лице да стане згрижувач.
Освен ова оперативно работење се прават напори како да се оптимизираат процесите кои од легитимни причини се сложени. Во оваа насока, во соработка со Заводот за социјални дејности изработен е Водич кој ги дефинира чекорите за постапување и взаемна соработка на стручните работници од Центрите за социјална работа и Центрите за поддршка на згрижувачки семејства, при спроведување активности на стручна помош и поддршка на згрижувачко семејство и сместување на корисници. Овој документ со сигурност ќе ги поедностави процесите.
Дали постојат регионални разлики во достапноста на згрижувачки семејства, и ако да, што се прави за да се намалат тие разлики?
– Разликите помеѓу регионите може да се каже дека се сведуваат на неколку причини и фактори – разлики во економските услови заради различно ниво на економски развој на ниво на регион, демографски и миграциски трендови кои ги намалуваат можностите за заинтересираност за згрижување, а поради иселување, недостаток на инфраструктура и поддршка на центрите за социјална работа за да би можеле во континуитет да го поддржат процесот на згрижување. Ова се витални прашања коишто се системски и изискуваат реформа.
Како се следи квалитетот на грижата што ја пружаат згрижувачките семејства?
– Центрите за поддршка на згрижувачки семејства што ги има три во државата од кои еден функционира во рамките на СОС Детско Село имаат обврска да го следат квалитетот на грижа што го пружаат згрижувачките семејства за истите да ги практикуваат стекнатите знаења и вештини за да обезбедат безбедна, сигурна и стимулативна средина за згрижените корисници. Тоа се прави преку проценка на способностите на згрижувачите на годишно ниво, идентификување на индивидуалните потреби на згрижувачките семејства со цел поттикнување на нивните потенцијали, јакнење на компетенциите на згрижувачки семејства за задоволување на потребите на корисниците преку спроведување на задолжителна едукација во времетраење од 10 часа годишно, спроведување на индивидуално и групно советување навремено реагирање на предизвиците/инцидентите и создавање на услови за оптимално функционирање на згрижувачкото семејство.
Дали има планови за дополнителни реформи во системот за згрижување?
– СОС Детско Село преку своето 23 годишно функционирање и развивање на експертиза ги поддржува процесите поврзани со реформата во системот на социјална заштита. Минатата година преку нашиот оддел за програмски развој до Министерството за социјална политика демографија и млади (тогаш МТСП) се испратија иницијативи за унапредување на системот за социјална заштита со конкретни предлози. Со оглед на тоа што во 2025 се планира измена на Законот за социјална заштита, очекуваме таквите наши предлози да бидат земени предвид а кои се однесуваат на измена на низа подзаконски акти (Правилници), воведување на „професионален згрижувач“ со дефинирање на критериуми, опсег на работа, финансиски надоместок, воведување на професија социјален ментор кој би давал поддршка на младите без родители по нивното полнолетство со цел нивна социјална интеграција и вклучување на пазарот на трудот, но и лиценцирање на нови услуги кои ќе го третираат менталното здравје на децата и младите во алтернатина грижа, а перспективно и на оние кои ја немаат загубено родителската грижа а имаат потреба од терапевтски третман заради доживеано трауматско искуство.
Како ги информирате граѓаните за можноста и важноста да станат згрижувачки семејства?
– Сите заинтересирани граѓани може да ја посетат нашата веб страна https://zgrizuvanje.mk/, да се јават на 075-277-447, да дојдат во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на ул. Финска број 131, 1000 Скопје. Секако, кампањите но и секое медиумско претставување помага во претставување на она што СОС Детско Село го работи и во информирање на граѓаните за важноста и можноста на згрижувањето.
Автор: Виктор Вукановски
-
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА