Момировска: Насилството често е скриено, но секогаш остава траги

0
101

Семејното насилство ретко се препознава на прв поглед, особено кога се манифестира во психолошка, социјална или материјална форма. Јана Момировска, семеен системски советник зборува за сериозните последици од траумата, колку е тешко жртвите да побараат помош и неопходноста од системска поддршка која треба да ја добијат дома и во општеството.

Таа зборува и за начинот на кој траумата се одразува на психичкото здравје, дали е можно целосно заздравување, и која е улогата на семејството и општеството во процесот на опоравување. Пораката е јасна: насилството мора да запре, а жртвите заслужуваат поддршка и можност за нов почеток.

Колку често во пракса се среќавате со случаи на семејно насилство?

Насилството е често присутна појава. Зборувам не само за физичкото насилство, туку сите можни форми на насилство. Би кажала дека често се среќавам и го препознавам кај клиентите иако најчесто е „под тепих“, односно сокриено. Многу често се случува да не биде препознаено насилството кога станува збор за посуптилна форма, како што е психолошкото насилство, социјалното, материјалното… Најчесто го препознавам кога од своите клиенти ќе слушнам: „Се чувствувам како да газам по јајца. Внимавам на секој збор и на сите можни опции како ќе биде сфатен, затоа што не знам што ќе го налути…“. Фрази како овие се аларм за подетално испитување што се случува дома, што се случува кога некој ќе се налути. Не смее да не се забележи стравот во ваквите изјави.

Како семејното насилство влијае на психолошкото здравје на жртвите, особено на долгорочен план?

Влијае на начин што ги уништува. Насилството во секоја негова форма е деструктивно и има разорувачки ефект врз целото семејство и нивниот севкупен живот. Кај лицата кои трпат семејно насилство (го избегнувам терминот жртва) се појавуваат разни последици врз менталното здравје, како намалена самодоверба, постојан страв, срам и вина, кои може да водат до намален квалитет на психичките функции како што се одржувањето на вниманието, концентрацијата, помнењето, учењето. Понатаму, развој на анксиозни, депресивни состојби кои значително влијаат врз квалитетот на живот и функционирање, трауми и низа други последици.

Дали постојат разлики во начинот на кој траумата се манифестира кај деца, жени и мажи?

Траума е траума за секого. Последиците од траумата може да бидат уште посилни кога станува збор за деца, чија што личност е во развој. Затоа што може да резултира со хронична патологија на психичко ниво. Меѓутоа, сериозноста на траумата е висока без оглед дали се работи за мажи, жени или деца, а семејното насилтво и тоа како предизвикува трауми. Не се работи само за тоа што го гледаат, слушаат и трпат луѓето кои живеат во насилство, туку и за она од што се лишени. Недобивањето на љубов, топлина, грижа, нега и внимание дома, на местото каде што треба да ни биде топло, сигурно и убаво, претставува траума исто така. Тие се состојките кои ни требаат за живот, подеднакво важни како храната, водата итн.

Кои се најчестите симптоми на траума кај жртвите? Како лице кое нема искуство во оваа пракса да препознае жртва на семејно насилство?

Секогаш во својата работа се водам од два аспекта и според двата работам, а тоа се знаењето и чувствата. Чувствувањето на она што клиентот го носи, при советувањето, секогаш е значајно за мене, без оглед за каков проблем станува збор. Кога зборуваме за насилство, неретко се случува детето преку симптомот кој го пројавува да ги донесе мама и тато на советување. Може да пројави симптом како проблем во училиште, ноќно мокрење, стомачни тегоби (без органска или друга причина) и слично. Придобивката е што семејната терапија и советување помагаат да „исчезне“ симптомот, но истовремено прават промена и во семејната структура, за да не дојде до појава на нови сипмтоми. Ова го кажувам затоа што, нема клиентот да ви дојде и да ви каже „Добар ден, јас сум жртва на семејно насилство“. Ако веќе е свесен, поверојатно е дека случајот ќе го пријавува во полиција, социјални служби итн., па дури потоа да дојде кај нас за справување со последиците. Накратко, за препознавање на насилство во семејниот систем, секогаш препознаваме дали постои чувство на страв, срам и вина во секојдневието на клиентот, како реагира телесно на прашања од овој вид (т.е. дали постои психомоторен немир кога зборуваме на овие теми) или дали ќе изреагира со плачење, тешко дишење итн. Откако сме забележале дека ова постои, истражуваме што се случува дома. Насилството има тенденција на повторување на настаните во круг, низ четири фази. Каде, секогаш по истурањето, празнењето на оној што врши насилство, се смируваат настаните, може да се извинува и да ветува дека нема да се повтори, па следи период во кој се е „розово“ и потоа повторно насилство. Кога ќе утврдиме дека се случува насилство, не велиме „еј, па вие сте жртва на насилство“, туку работиме на насилството со двете страни (доколку е тоа можно) за семејниот систем да опстане и да функционира на здрав начин. Тоа што мора веднаш да се направи, во истиот момент е СТОП НА НАСИЛСТВОТО! Не смее да се дозволуваат и да се остави простор за нови ситуации на насилство.

Кои се првите чекори што жртвата треба да ги преземе за да започне процесот на опоравување?

Да се обрати за помош. Ова најчесто се случува доцна, затоа што ги кочи чувството на вина, страв и срам. Некако наоѓаат оправдување за постапките и објанување, како на пример: „Ако не кажев вака, немаше да се налути, јас сум крив/а. Со недели се беше добро и ете јас вчера претерав…“. Постои едно правило во насилството: Не може трпителот на насилство (жртвата) да биде виновен за постапките на другиот. Но, сноси одговорност за одржување на насилството. Зошто одговорност? Токму затоа што со секое непријавување, толеранција и оправдување на постапките, се остава простор насилството да се случи повторно. И ќе се случи. Затоа е важно да се стави веднаш крај на насилството и да се разбере дека е животозагрозувачко.

Како жртвите на семејно насилство да ја надминат полесно траумата?

Пред се, важно е да направат промена. Да не останат во насилна средина и да бидат на сигурно и безбедно место. Потоа се јавуваат на советување/терапија и заедно, со интензивна поддршка ги надминуваме последиците од насилството.

Каква е улогата на семејството и блиските луѓе, а каква на општеството во процесот на заздравување?

Важни се двете. Семејството и блиските секогаш треба да бидат безрезервна поддршка. Не смееме да заборавиме дека овие луѓе веќе се чувствуваат слабо и беспомошно и не им е потребно некој да им го сврти грбот и да им покаже дека немаат друг избор. Напротив, секогаш е важно интензивно да се поддржат. Општеството би било идеално да почне да има нормални реакции на ненормални настани, како што е насилството. За почеток, би било нормално да се реагира, да се пријави, да се направи нешто што ќе спречи насилство, без разлика каде се случува. Понатаму, обезбедување на советување, терапија и места за поддршка. Подобрување на ефективноста и ефикасноста во постапувањето кон овие случаи, нивното решавање, обезбедувањето на заштита и превенција.

Дали е можно навистина да се „заздрави“ од семејна траума? Или таа останува доживотна сенка?

Постојат и двата примери во праксата. Можно е заздравување, апсолутно и често сме сведоци на такви приказни. Тоа се приказни од кои „кожата ти се наежува“ од восхит, како некоја личност успеала да заздрави и да биде она што го викаме добар човек. Неретко се случува ваквите луѓе да помагаат на други луѓе и да имаат таква улога во општеството. Би сакала, но не можем да кажам дека тоа секогаш е случај. Некогаш, се случува траумата да има катастрофален ефект врз личноста и тоа најчесто е случај кога траумите се доживеани во рано детство. Психичкиот развој може да биде навистина осакатен од ваквите настани, особено кај децата. Голем број на патологии во психологијата, како што се растројатвата на личноста, потеклото го наоѓаат токму во силните трауми доживеани во детството.

Што би им рекле на оние кои живеат во сенка на насилство, но сè уште немаат сила да излезат?

Да соберат сила и да се изборат против насилството, токму во моментот кога се е „розово“. Знам дека можат да изберат начин на живот полн со љубов и почит и го заслужуваат тоа! Тука сме за нив, како стручни лица, за да не бидат сами во тоа.

Авторка: Сара Танаскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА