Младите од помалите општини со мали можности за вработување

0
13
Фото:Etienne Girardet on Unsplash

Ограничените можности за вработување на младите во помалите општини доведува до нивно мигрирање во поголемите градови, особено во главниот град. Во помалите општини како Делчево и Крушево младите се соочуваат неможност да работат она за што се образувале, или пак е во нивен интерес.

Според Агенцијата за вработување, во Делчево лани во септември имало 1.069 пријавени невработени лица од кои 216 млади до 34 години. Во Крушево пак, во септември имало 942 пријавени невработени лица од кои 308 млади до 34 години.

Недостасуваат приватни компании, бројката во администрација е ограничена

Според Милена Багевска, службеник за млади во Општина Делчево, младите нивниот град постојано се иселуваат, бидејќи се разочарани од неможноста за вработување.

„Во Делчево недостасуваат приватни фирми кои би ги привлекле младите со добри услови и добра заработувачка. Во денешно време најчесто тие работат во ИТ секторот, дизајн и слично. Младите треба многу претпазливо да го избираат својот факултет се со цел да им овозможат сигурни можности за вработување“, изјави Багевска за ПИНА.мк

Таа додаде дека младите сакаат да работат во државните институции, но таму бројката на работни места е ограничена и нема можност да се вработат сите.

„Освен државните институции, речиси и не постојат други можности кои ги имаат младите за вработување кај нас. Имаме многу млади кои се невработени и кои привремено работат во кафулиња и ресторани“, вели таа.

Иста е ситуацијата и во Крушево. Службеникот за млади Сотир Габелоски за ПИНА.мк вели дека недостасуваат работни позиции, но повеќе недостасуваат опции на младите да се реализираат за она што учеле или за што она што сакаат да го работат.

„Состојбата е загрижувачка, бидејќи оние млади кои одлучиле да се запишат на факултет и да продолжат со образованието одат во поголемите градови и за очекување е дека тие таму ќе добијат повеќе можности и на тој начин тоа ќе ги задржи таму. Има бројка на млади кои се вратиле, но сепак доминираат оние кои одлучуваат и после студиите да останат каде што се или евентуално да заминат во странство. Дури и кај оние со пониско ниво на образование ситуацијата е слична затоа што и за нив опциите се помали тука, па ако дел го користат превозот до работното место во околните општини како Прилеп и Битола, од нив добар дел целосно се иселил и живее во местата каде што работи“, изјави Габелоски.

Најголем дел од инвестициите во Крушево се во областа на туризмот, па токму во тој дел тие најмногу очекуваат да се поттикне локалниот економски развој.

„Со Крушево има еден специфичен проблем. Поради нашата географска положба, нема преголем интерес за инвестиции освен за туризмот, но ние како општина се трудиме да ги понудиме оние услови, односно можности кои што се на располагање како што се некои веќе воспоставени изградени објекти кои се на поранешни фабрики, а се зачувани и функционални и се трудиме при секоја комуникација, дали со влада или на ниво на потенцијални инвеститори да го комуницираме сето тоа,“ објаснува тој.

Но, дури и кога имало можности за одреден инвеститор без разлика дали домашен или странски, се јавувал проблемот на недостаток на неквалификувана работна сила.

„И во моментите кога се отвораат работни позиции, работата која треба да се врши не им е позната и интересна на младите. Друг проблем е што младите ретко се прашувани за тоа што треба да се прави во нивните општини, па наша обврска е да ги вклучуваме кога станува збор за вакви прашања. Мислам дека со нивниот глас, младите ќе ги кажат нивните потреби, но тие се изолирани во ваквите ситуации“, дециден е Габелоски.

Институциите мора да играат посилна улога во решавањето на овие прашања

Значителен дел од младите ја напуштаат земјата во потрага по подобри економски можности во странство. Проблемот наречен одлив на мозоци одразува системски проблеми како недостаток на локални можности за работа и недоволна институционална поддршка за зајакнување на младите и развој на кариерата. Последиците ги надминуваат индивидуалните аспирации, влијаејќи на отпорноста на заедницата, економскиот раст и идната конкурентност на регионот.

Кире Јованов од Фондација за развој на локалната заедница Штип вели дека институциите мора да играат посилна улога во решавањето на овие прашања преку создавање поволни услови за вработување на младите и инвестирање во одржливи економски иницијативи кои ги охрабруваат младите да останат и да напредуваат локално.

„Против овој проблем ние се бориме така што имплементираме програми за вработување дизајнирани да ја подобрат подготвеноста за работа, да ги поттикнат претприемачките вештини и да изградат патишта до значајно вработување, нешто на што и државата мора да се посвети. Ваквите програми не само што ги опремуваат младите со вредни вештини, туку им обезбедуваат практично искуство, менторство и можности за вмрежување за да продолжат со кариерата во нивните заедници. Преку партнерства со локални бизниси, работилници за дообучување и иницијативи за развој на кариера, имаме за цел да ја намалиме имиграцијата на младите преку негување средина за поддршка каде младите луѓе чувствуваат дека можат да градат исполнети кариери дома“, рече Јованов.

Државата лани донесе Национална стратегија за млади која ќе трае до 2027 година, а дефинираните цели и мерки се креирани од страна на младите и институциите.

Главен императив на Стратегијата е да ја унапреди положбата на младите во општеството поставувајќи основни принципи на делување и цели и мерки кои нудат реформска рамка пред се за институциите, но и останатите чинители при овозможување на младите да ги остварат своите права, потреби и интереси. Ваквата Стратегија се стреми да обезбеди услови во кои младите ќе го достигнат својот целосен потенцијал.

„Голем број на млади луѓе се соочуваат со предизвици при вработување, како резултат на нискиот квалитет на образованието и неусогласеноста на образованието, меѓу кои и на стручното образование и обука, со потребите на пазарот на трудот. Впрочем, за  младите, невработеноста и понатаму останува најголем проблем. Иако стапката на невработеност кај младите континуирано се намалува и бележи пад од близу 10% во последните неколку години, од 39,2% во 2017 година на 27,6% во 2021 година, Македонија останува како една од земјите со највисока стапка на младинска невработеност во Европа“, се наведува во Стратегијата.

Во неа е утврден и проблемот на одливот на мозоци кој води кон значајни загуби во човечки капитал.

„Според Индексот за човечки капитал на Светска банка кој ја проценува продуктивноста на следната генерација на работници споредено со одредницата за целосно образование и здравје, едно дете кое денеска е родено во Република Северна Македонија ќе има продуктивност од само 56% од тоа што би можело да го постигне доколку му биде обезбедено квалитетно образование и биде потполно здраво. Тоа е една од најниските стапки во Европа. Дополнително, повеќе од четири од пет млади луѓе сметаат дека државата не го користи нивниот потенцијал. Се проценува дека цената на миграцијата во рамки на една година може да ја чини државата и до близу половина милијарда евра“, стои во Стратегијата.

Здружението на граѓани „Младите можат“, направи истражување „Потребите на младите на локално ниво”, спроведено во Полошкиот плански регион од август до септември 2024 година. Истото, покажа дека 21,6% од испитаниците сметаат дека најголем проблем во нивната општина е слаба економија и невработеност. Доколку би имале можност за отселување, огромни 76,3% од младите би се иселиле надвор од државата.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА