Законот за матична евиденција би ги подобрил животите на трансродовите луѓе

0
177
Фото: Ванчо Џамбаски

Стигма. Дискриминација. Исмејување. Омаловажување. Погледи на косо. Ова се само дел од бариерите со кои трансродовите лица се соочуваат во нивното секојдневие. 

Разговаравме со лица од транс заедницата во државата кои говорат дека искусиле проблеми, потешкотии и дискриминација заради неусогласеноста на нивните документи за лична идентификација. Тоа им го отежнува пристапот до остварување на нивните најосновни права – вработување, пристап до здравствени услуги, домување итн. Со повлекувањето на законот за правно признавање на родот државата ја перпетуира стигмата и дискриминацијата кон трансродовите лица.

За целите на овој текст, спроведовме неформална, анонимна анкета која ја одговорија 45 луѓе од кои најголем дел беа трансродови лица – односно луѓе кои имаат различен родов идентитет од полот кој им бил доделен при раѓање – а дел од одговорите кои ги добивме беа од поддржувачи на оваа заедница. Го одбравме методот на спроведување на анонимна анкета бидејќи повеќето трансродови луѓе не зборуваат јавно за својот родов идентитет заради стигмата, распространетоста на трансфобијата во нашето општество, но и стравот од стигматизација и потенцијаното насислство на кое тие би можеле да бидат изложени доколку јавноста дознае за нивниот родов идентитет. Сепак, Предраг Јовановски, трансродов маж и активист од ТрансФорма, иницијативата заштита и унепредување на правата на трансродовите луѓе, реши да го сподели своето мислење јавно со ПИНА.мк.

„Со повлекување на Законот за правно признавање на родот, што е основно човеково право, Владата повторно ја покажа својата неспособност да одговори подеднакво на сите свои граѓани и да им биде во служба. Со овој потег, Владата и грото носители на одлуки само јасно покажа на кој начин се третираат маргинализираните групи во државата. Тие, кои постојат за да му служат на својот народ и подеднакво да ги заштитат сите граѓани, директно воспоставуваат системска дискриминација, која во пракса носи до многу поголема стигма, насилство, небезбедност и ризик,“ изјави Јовановски.

Извор: Неформална анкета цитирана во текстот

„Доколку Владата не донесе закон за правно признавање на родот, го крши законот за заштита од дискриминација по род, пошто најголемиот степен на дискриминација и трансфобија на сите трансродови луѓе е немање закон за правно признавање на родот, а со тоа и не признавање, понижување и игнорирање на еден дел од својот народ,“ додаде Јовановски.

Јовановски всушност зборува за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација кој беше донесен на 30-ти октомври 2020 година во кој беа вклучени категориите сексуална ориентација и родов идентитет. Но, според Јовановски овој закон е практично безвреден во однос на трансродовите луѓе сѐ додека државата не понуди правен механизам преку кој трансродовите луѓе би можеле да ги усогласат своите лични документи. Односно, без правно признавање на родот во пракса трансродовите луѓе и понатаму би биле изложени на дискриминација иако Законот за спречување и заштита од дискриминација номинално ги штити.

Наташа Бошкова, адвокатка од организацијата Коалиција Маргини, исто така смета дека државата дискриминира против трансродовите луѓе. Бошкова го водеше и во 2019-та доби позитивна пресуда за долгогодишниот случај на лицето Х – анонимен транс маж – против С.Македонија во Европскиот суд за човекови права во Страсбур кој ја тужеше државата заради неможност да ги усогласи своите лични документи. Односно, не само што С.Македонија беше обврзана да му исплати оштета од 9.000 евра на лицето Х, туку Европскиот суд ѝ наметна обврска на државата да ја смени законската рамка и да овозможи брза, транспарентна и достапна процедура за промена на полот во личните документи на сите транс лица. Сепак, по тековните случувања со повлекувањето на предлог-законот за матична евиденција, јасно е дека С.Македонија сѐ уште ги нема остварено овие законски обврски.

„Недостатокот на јасна законска рамка за правно признавање на родот ги остава трансродовите луѓе во ситуација на неусогласени документи за лична идентификација што резултира со нивна социјална маргинализација и стигма. Одбивањето на Управата за водење на матични книги да ја направи бараната промена на податокот за пол во матичната евиденција и со тоа да го признае родот во кој се идентификува поединецот претставува дискриминација врз основа на родовиот идентитет,“ изјави Бошкова за ПИНА.мк.

„Како резултат на неусогласените документи луѓето стануваат жртви на системска нееднаквост во секојдневните ситуации на остварување на основни права или пристап до основни услуги. Ова не е случај за останатите граѓани чиј родов идентитет е во согласност со полот назначен при раѓање,“ додаде Бошкова.

Дури 69% од испитаниците од неформалната анкета велат дека немаат усогласени документи, додека 19% имаат сменето име, но не и маркер за пол и матичен број. Изјавите покажуваат дека транс лицата кои имаат сменето име и презиме во личните документи, но не и маркер за пол и матичен број, биле дополнително изложени на стигматизација, психичка тортура, како и обвинувања за поседување на лажни документи за идентификација. Од таа причина, дел од анкетираните не ги промениле личните податоци, бидејќи стравуваат дека неусогласеноста на нивното име и презиме со наведениот пол дополнително би им го отежнала секојдневниот живот. Дополнително, неусогласените документи честопати дирекно влијаат врз економската состојба и егзистенцијата на трансродови луѓе.

Извор: Неформална анкета цитирана во текстот

Транс маж од Скопје со променето име, но не и маркер за пол и матичен број, вели дека тој изгубил работа поради оваа неусогласеност на неговите документи. Исто така интерсекс маж кој е привремено иселен во странство и има сменето име, но не и маркер за пол и матичен број вели дека бил дискриминиран поради неусогласени документи во државни институции, во банка, при пристап до образование и вработување и при пристап до здравствени услуги.

„Во државна институција два пати се има викнато обезбедување да ме видат поради личната карта. Бев дискриминиран на работното место и газдата ме загрози со тоа што ги сподели моите лични податоци со колегите, а исто така и слушнаа некои муштерии. Еден од студентски сервис гласно ме прашуваше за личните податоци. Две случки на претрес, испрашување и навреди на граница. Докторка при државната болница на глас ги сподели моите лични информации со сестра и слушнаа сите пациенти во чекалната. Овие се само “најважните”, “ вели тој во неговиот одговор во анкетата.

„Ги извадија сите од собата на докторката за таа лично да ме праша што е со мене и дали имам женски хромозоми или што?“ напиша трансродова жена со променето име во лични документи, но не и маркер за пол и матичен број.

Но проблемите со неусогласени документи не завршуваат само со отежнат пристап до здравствените услуги, туку и отежнуваат во пристапот до државните институции и образованието. Трансродовите лица со неусогласени документи за лична идентификација се соочуваат со бариери при вршење на најосновни административни задачи, упис во образовни институции, аплицирање за работа или стипендија, подигнување на пратки и документи итн.

„Во управата за издавање на возачка дозвола со забрана ми рекоа дека документот ми е лажен заради мојата појава која не соодвестува со истиот,“ вели транс жена од Скопје.

„Дискриминацијата знае да е честа, особено кога станува збор во услов на законот. Не сум дошол до одреден скандал бидејќи имам научено да ги заобиколувам препреките. Меѓутоа, сум имал проблеми со одредени документи. Особено кога аплицирав за стипендија и странски студии, јас морав да пишам пол кој не го посакувам само за да немам проблеми кога ќе ме повикаат со документи за идентификација. Исто така на работа ја имам таа среќа да не ме дискриминираат директно, меѓутоа самото чувство кога шефот и неговите колеги знаат е неудобно. Продолжувам да тапкам во место со неусогласени документи кои што можно е да се причина да не ме примат на студии ниту да имам шанси за стипендија. Премногу делови од животот ми се нарушени поради тие проблеми,“ вели млад транс маж од Скопје.

Лицата од транс заедницата се децидни дека предлог-законот за правно признавање на родот значително би им го подобрил животот: од анкетираните лица, мнозинството (78%) сметаат дека овој закон би им го подобрил животот, додека 20% одговорија дека не знаат, а само 2% сметаат дека нема да има влијание. Овој закон, не само што ќе им овозможи еднаков пристап до основните права и услуги, ќе придонесе и до поголема безбедност на транс лицата во јавниот простор.

„Во моментов, поради општеството во коешто живееме и секојдневната дискриминација, поттикната од неинформираноста (недостаток на едукација) на голем дел од граѓаните, мал број на блиски луѓе се запознени со мојот родов идентитет. Предлог-законот не само што значително ќе го подобри животот на трансродовите лица на тој начин што истите ќе се интегрираат во општеството ќе придонесе многу и во однос на личната безбедност и секако олеснета секојдневната комуникација со институциите и луѓето,“ вели транс маж од урбана средина во западна Македонија.

„Нема да шпекулираат дали сум маж или жена, ќе го имам својот вистински род на документите и нема да се гадам од знакот Ж во сите мои документи,“ вели небинарно лице од рурална средина во источна Македонија. За сега предлог-законот не предвидува маркер за пол кој не е „машки“ или „женски“, но овој одговор е индикатор за какви потреби и проблеми имаат небинарните транс лица. 

„Со законот добиваме ускладени документи, а со тоа еднаков пристап кон добра и услуги, работа, живеалиште, здравствена заштита итн. Истиот закон има влијание и врз безбедноста затоа што лиши од ситуации каде треба да објаснувате зошто документите ви се неускладени на комплетни странци, кои не изложуваат на уште поголема стигма и дискриминација,“ вели транс маж од Скопје кој претходно искусил дискриминација во државна институција и во банка.

Неодамна на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе, ТрансФорма предводи марш во Скопје кој дирекно го адресираше повлекувањето на предлог-законот.  Активист(к)ите маршираа под мотото „Тука сме и без закон“ афирмирајќи го постоењето на трансродовите луѓе во недостиг на правно признавање на оваа заедница и потсетувајќи ја државата за нејзината обвска пред европските институции.

Авторки: Елена Гаговска, Александра Данаиловска

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.