Влора Речица: Жените се соочуваат со двојни предизвици поради родовата дискриминација

0
285

Како општество треба да се стремиме кон политичка култура каде што учеството на жената во јавниот живот е норма, а не исклучок, вели истражувачката Влора Речица. Во интервју за ПИНА, таа говори за предизвиците со кои се соочуваат жените во општеството и политиката, за нејзината работа како и за иницијативата ,,Сподели авторка“, преку која се работи на доближување на феминистичката литература и женското авторство до локалните заедници.

Како жена која напредува во кариерата и сферата на политички истражувања, кои се некои од најголемите предизвици со кои сте се’ соочиле?

– Мислам дека сите имаме свои предизвици, но за жал жените се соочуваат со двојни
предизвици поради родовата дискриминација во повеќето сфери од животот. Како и секое патување, така и ова мое имаше свои тешкотии, но мислам дека со упорност и јасни идеи за вашите цели, нема ништо што не може да се постигне.
На почеток се соочив со фактот што бев малцинство во мојот факултет и не знаев како да се справам во таа ситуација и го направив тоа што знам да го правам најдобро, се фрлив на работа и библиотека, за да на крајот постигнам да бидам студентка на генерацијата.

Сличен беше проблемот и во текот на кариерата бидејќи мислам дека нас Албанките не ограничува општеството генерално, но и самата наша заедница. Но, јас бев решена да станам истражувачка, без разлика на препреките. Иако се уште се соочувам со родова дискриминација на работа, посебно како млада девојка во полето на политичко
истражувањето и застапување, сепак не се предавам бидејќи го работам тоа што сама сум го избрала и го сакам.

Имаме ли родова дискриминација во лидерството кај нас?

– Дефинитивно да, се гледа од фактот дека имаме само две жени градоначалнички и немаме лидерки од поголемите партии, никогаш не сме имале жена претседателка на Собранието, претседателка или премиерка и мислам дека ова е прилично јасна слика за мизерната ситуацијата со екстремно малиот број нана жени на лидерски позиции во нашата земја.

Дали сте се соочиле со сексизам за време на вашата кариера?

– За жал, постои тенденција жените да не се сфаќаат сериозно во врска со нивните предлози додека еден маж не го каже истото. Често ми се случувало моите зборови да не се сметаат за важни, било тоа поради возраста или полот и тоа продолжува да биде пречка ги спречува за многу жени да ја развијат својата кариера.

Сметате ли дека мажите доминираат во политичките сфери во нашата земја, ако е така, зошто?

– Доволно е да ги пратите митинзите за време на изборните кампањи, кои повеќе личат на машки чајџилници, отколку на собири на граѓани/ки.

Што може да се направи за да станат жените поактивни во лидерските улоги?

– Мислам дека првиот чекор е отворање и демократизација на политичките партии, кои се премногу маскулинистички и затворени за жените, особено во албанската заедница. Се додека жените се чувствуваат загрозени ако се приклучат на политички партии, тука нешто не е во ред и овој проблем треба да го третираат самите политички партии.
Политиката не треба уште да се смета како војна, туку како поле на соработка каде што жените ќе имаат свое место на масата. За жал, ова место досега беше обезбедено само поради политичките квоти, а како општество треба да се стремиме кон политичка култура каде што учеството на жената во јавниот живот е норма, а не исклучок.

Која е вашата порака до жените во однос на кариерата?

– Прво, да не се откажуваат, а второ, да се потпрат и инспирираат од другите, особено на жените кои веќе поминале низ слични предизвици. Верувам дека можеме многу да
научиме од другите, и токму оваа поддршка од моите менторки беше тоа што ми го даде вистинскиот поттик да стигнам каде што сум. Токму ова е причината што заедно со други девојки и жени ја основавме и Мрежата Стела, менторска мрежа преку која го нагласуваме принципот на солидарност меѓу жените, но и потребата девојките и жените да имаат менторство и поддршка. Во моментов имаме повеќе од 100 менторки и повеќе од 70 девојки и жени вклучени во менторските процеси.

Опишете ја вашата иницијатива, какви промени имате намера да направите или сте направиле во општеството преку иницијативата „Сподели авторка “

– „Сподели авторка“ е иницијатива започната од мојата пријателка Сара Миленковска.
Нашата цел беше да ги доближиме феминистичката литература и женското авторство до локалните заедници, бидејќи сфативме дека многу градови и села во Македонија немаат книжарници или библиотеки. Во исто време нашата цел е да го промовираме женското творештво, бидејќи историски познато ни е дека жените немале можност да пишуваат слободно. На овој начин сакавме да ги испочитуваме овие жени за нивната напорна работа и упорност кои не дозволиле општеството да ги потисне нивните соништа да бидат писателки. Исто така, во текот на нашата иницијатива сфативме дека во средните училишта, во текот на сите четири години образование, во училишната програма не е вклучена ниту една книга или роман напишани од жени. Ова е доста разочарувачко сознание за нас и се надеваме дека преку нашата иницијатива ќе го привлечеме вниманието на јавноста за овој горчлив факт. Преку „Сподели авторка“ успеавме да донираме над 800 книги во различни градови, села и училишта и се надеваме дека во наредниот период ќе успееме да донираме уште повеќе.

Авторки: Едина Елези, Исра Адеми

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.