„На Влае 2 не му требаат објекти на место на парковско зеленило и детски игралишта. Со овој предлог ДУП се уништува 530 м2 зеленило, се уништува и единственото инклузивно детско игралиште од источниот крај на Карпош до западниот крај на Скопје, со површина од 450 м2. На Влае му требаат јавни простори! А постојните мора да се зачуваат во целост без да се изгуби ни еден, а камоли 1000 м2“.
Ова се само дел од мислењата на жители на населбата Влае, кои се организираа под иницијативата „Борба за Влае“. Нивната цел е донесување на „хуман детален урбанистички план во Влае 2“, кој на прво место би ги ставил потребите на жителите, а не, како што велат, на инвеститорите и урбаната мафија.
Речиси два месеци трае „борбата за Влае“, откако Општина Карпош објави ДУП за Влае 2 за кој започна и јавна анкета. Ова е ДУП добиен во целосно нова постапка поради укинувањето на претходниот од Уставен суд, кога во 2018 година по доставена граѓанска иницијатива, беше укинат поради пропусти во постапката.
„Се обидуваме преку граѓанска партиципација и притисок да ги натераме општинските власти и планери да го сменат овој предлог ДУП и да предложат нов, без приватни згради на јавно земјиште, со слободни простори за живот, дружење и игра“, велат од иницијативата „Борба за Влае“ за ПИНА.
Весна Костовска го поминала раното детство и младоста во Влае. Сега, во истата барака каде што живеела, која не е многу модифицирана, сè уште живее нејзината мајка.
Таа за ПИНА вели дека Влае била единствената населба во која бил обмислен секој најмал сегмент на урбаното живеење, кога сè уште, како што вели „не беше започнато неговото обезличување“.
„Беше безбедна, хуманo организирана населба, за граѓаните од сите возрасти. Влае беше слобода, широчина, Влае беше уреденост, со обмислени ледини меѓу бараките. Но стихијата почна да го нагризува одамна. Наместо да се развива во континуитет со првично поставените хумани и социјални елементи, оваа населба стихијно го губеше својот изглед. Во последните децении, забрзано исчезнуваат просторите што го облагородуваат животот. А и оние благородни простори што останаа, и оние што подоцна беа изградени, се запуштени. Успешно вирее, и се размножува единствено бетонизацијата“, вели Костовска.
Граѓани на Влае потенцираат дека доколку се изгласа овој предлог ДУП, „ќе се скрои иднината на Влае“, односно, како што велат, зелените површини ќе бидат заменети со згради и други објекти.

Според иницијативата „Борба за Влае“, некои од најспорните површини пред сè се објектите на сегашното игралиште кои велат дека узурпираат јавен отворен простор за да станат затворен спортски центар со подземен паркинг, улица со надземен паркинг и градинка, со 40% простор за комерцијални намени.
Дополнително, велат дека во предлог планот има неколку згради на јавен простор, од кои најспецифични додаваат дека се петкатницата наспроти КАМ и кулите Кино Влае, кои би биле скалести со максимална висина од 11 ката, слично на Порта Влае.
Друг објект кој од „Борба за Влае“ сметаат дека не припаѓа на нацртаната локација е црквата на местото на инклузивното игралиште и зеленилото на плоштадот Делфина. Тие сметаат дека истата може да биде сместена на други јавни површини во Влае 2, како на некои од гореспоменатите или некои од веќе планираните во изминатите 30 години.
Над 600 жители со забелешки на предлог-ДУПот
До Секторот за урбанизам при Општина Карпош, повеќе од 600 жители на Влае, но и на други скопски општини поднеле Анкетни листови кои претставуваат основна алатка за комуникација на жителите со општината.
Преку нив тие ги искажале своите забелешки, мислења и желби за овој предлог, за кои „Борба за Влае“ велат дека се со надеж дека тој нема да биде изгласан, а дека преку нив, граѓаните изразуваат револт дека се прави дехуманизација на населбата.
Но, оттаму објаснуваат и дека не може да знаат колку такви Анкетни листови се потребни за општинските власти, како што велат, да сфатат дека предлог ДУП-от е проблематичен. Сепак, посочуваат дека има примери во Општина Центар каде со 450 поднесени анкетни листови за населбата Дебар Маало, планерската куќа самата го повлекла својот контроверзен предлог ДУП по увидените манипулации со бројки.
Истовремено, од иницијативата обвинуваат дека општината одлучила да не ги прима анкетните листови на жителите без адреса во Влае 2, како и дека не ја објавиле алатката „Е-урбанизам“ за поднесување анкетни листови и забелешки онлајн. Преку овие канали, велат дека бројката на поднесени анкетни листови би била значително поголема ако, како што рекоа, се одлучела за поголема транспарентност.
Од друга страна пак, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски преку јавно обраќање на неговата Фејсбук страна изјави дека „Борба за Влае“ шири дезинформациии дека станува збор за лаги и манипулации. Јакимовски вели дека нема да се прават затворени спортски терени и други градби на спортските терени.
Од „Борба за Влае“ пак велат дека после оваа обраќање, не стапиле во контакт со градоначалникот.
„Нашите барања беа пратени на мејл, но за истите не добивме одговор. Пред сѐ важно е да се види текстуалниот дел на овој план. Преку тоа ќе се види каде е вистината. Некои општини, Гази Баба, Центар, одлучуваат паралелно да ги презентираат Синтезниот план и Текстуалниот дел од Планската документација за предлог ДУП-от. Во текстуалниот дел детално е опишана секоја парцела и се гледа точно што е планирано. Не се очекува од планерот, Општината или Градоначалникот да даваат свои објаснувања“, велат тие.
„Се надеваме дека Општината ќе ни излезе во пресрет и ќе го објави текстуалниот дел, иако јавната презентација е завршена. Понатаму, се надеваме дека Општината ќе ги користи своите медиумски алатки да ги известува граѓаните за почетоците на јавните презентации за ДУП-овите, како самите жители би можеле да се информираат и да реагираат. Алатките не треба да бидат наменети само за известување за дневните активности на терен на Градоначалникот и службите, туку и за иницирање на граѓанска партиципативност“, додаваат од „Борба за Влае.
Во меѓувреме од Секторот урбанизам во Општина Карпош накратко за ПИНА изјавија дека се разгледани Анкетните листови, и дека во тек е изработка на Извештајот по спроведена Јавна анкета и Јавна презентација, но повеќе детали за овој предлог ДУП, како и став на Општината за реакциите на граѓаните, не добивме.
„Ве известуваме дека по завршување на јавната анкета и јавна презентација по
Предлог Детален урбанистички план за Градска четврт СЗ19, помеѓу Бул.
Партизански одреди, ул. Ацо Шопов, ул. Војвода Васил Чакаларов (Циборовски) и
река Вардар, Општина Карпош, плански период 2018–2023год, која траеше во
временски период од 25.02.2022 до 25.03.2022 година, Комисијата за изработка на
Извештај по спроведена јавна анкета и јавна презентација се состана неколку
пати во просториите на Општина Карпош, Сектор за урбанизам и ги разгледа
доставните анкетни листови, и во тек е изработка на Извештајот по спроведена
Јавна анкета и Јавна презентација“, стои во одговорот доставен до ПИНА.
Професорката од Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и актуелна советничка во Општина Центар, Дивна Пенчиќ смета дека инсистирањето сè да се „пополни“, изгради и запечати засекогаш е лош урбанистички пристап.
Таа вели дека секојдневно сведочиме на „конфекциски урбанизам“ во кој се „почитуваат“ законите и правилниците, но се губи душата на градот.

„Конкретно за ДУП-от за кој реагираат жителите на Влае е токму тоа, бришење на меморијата, изградба на веќе оформените квалитетни јавни простори, поништување на некои градски содржини, кино, спортски терени, крајбрежен простор и слично. И секако со тоа и губење на она што значат природни зелени простори и животот кој се одвива во него. Навидум коректниот урбанистички план, во себе содржи низа непотребни потези. Не мора така ‘без душа’ да се препарцелира, менува, преобликува“, вели Пенчиќ за ПИНА.
Истовремено, таа потенцира дека не е важно само да се нацртаат површини за градба, а притоа, како што додава, да не ве интересира наследената урбана матрица, меморијата и пријатните јавни простори за граѓаните, односно објектите кои им значат, иако се во лоша состојба.
Урбанистичкото планирање не е измислено како струка за да изградите објекти, вели таа, туку како што додава, да обликува квалитетни градски простори, да се сочува вредноста и да се подобри за идните генерации.
„Одржливиот развој е прифатен принцип ширум светот, па и кај нас, што значи треба да го почитуваме она што ни оставиле претходните генерации, да направиме добри услови за сегашните, но да оставиме можности и за идните“, истакна Пенчиќ.
Според неа, овој ДУП ја менува сликата за местото.
„Им одзема на граѓаните јавни и зелени простори, го пренатрупува просторот со градби и луѓе, на градот му одзема душа, природни живеалишта, го намалува биодиверзитетот. Секако ова сè ќе влијае и на општествените и на економски и на еколошки услови“, вели Пенчиќ.
„Многу луѓе на еден простор, а притоа дискутабилен е капацитетот на просторот. Нема предвидени нови капацитети за градинки, училишта, игралишта, а постојните се намалуваат. Економските придобивки се краткорочни. Се собираат комуналии еднократно, но земјиштето како ресурс се потрошува и понатаму ќе нема економски бенефит, ако не се промени даночната политика за имотите, што пак ќе доведе до поголеми давачки за граѓаните. Круг во кој има многу предизвици, а при урбанистичкото планирање не се прави ‘проценка на добивка’“, вели таа, и додава дека еколошките проблеми се највидливи за граѓаните.
Според неа, кога се планира во градовите во земјава, многу малку или воопшто не се земаат во обѕир значењата на природните живеалишта, крајбрежните појаси и коритата на реките, а уште помалку мемориските слики.
Исто така, таа вели дека иако наголемо се зборува за климатски промени, не се сфаќа дека токму преку урбанистичкото планирање се создава или одзема шансата за справување со климатските промени и последиците од нив.
„Не ни помислуваме дека утре при екстремни временски неприлики, ќе страдаат луѓе и имоти. Ако градиме блиску до реката и ја бетонираме, ако не оставиме зелени отворени простори, тогаш нема како да се заштитиме“, истакнува Пенчиќ.
Колку повеќе се овозможува градба и колку помалку се обезбедуваат простори и содржини кои се пратечки и неопходни за квалитетот на животот на граѓаните, не се препознаваат мемориските вредности на местото, и се исклучува реката како вреден градски елемент, тогаш сигурно го дехуманизираме просторот, децидна е професорката.
„Влае нема да биде Влае, ако личи на Бутел, Дебар Маало, Виница, Гостивар…. А ние со законите и правилниците од областа на урбанистичкото планирање, со начинот на кој се планира и сфаќа просторот сосема ги бришеме спецификите на одделни градски простори. Во Влае се нападнати бреговите на реката Вардар, се поништува бујното зеленило, се менува сликата со планираните градби, се бришат објекти и простори кои нешто им значат на граѓаните. Црква наместо игралиште, објект наместо отворен спортски терен, менување на улици и пристапи и не е некое квалитетно решение за Влае“, заклучува таа.
Влае е една од поновите населби во Скопје, изградена е по земјотресот во 1963 година, а влаевчанката Весна Костовска смета дека граѓаните се должни да го зачуваат она што останало од благородниот лик на оваа населба, како предизвик за идните генерации и како меморија врз која треба да продолжи хуманата сплотеност помеѓу граѓаните и просторот.
Авторка: Љубица Иванова