Жените што претрпеле семејно насилство најчесто не се во можност самите да ги надоместат трошоците во судските постапки за заштита од семејно насилство и за решавање на поврзаните правни проблеми, како што се разводот на брак, старателството, издршката за децата, делбата на имот и надоместот на штета. Кон ова придонесува и недоволната информираност како и ограничениот пристап до предвидените законски можности за користење на правото на бесплатна правна помош и правото на ослободување од плаќање на трошоците во судските постапки.
Ова е еден од заклучоците од истражување на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ). Истовремено, во него се посочува и дека постојната законска регулатива за висината на судските такси и можноста за ослободување од судски трошоци е недоволно позната, односно, недоволно заживеана кај жените што претрпеле семејно насилство.
Стојан Мишев од ЕСЕ за ПИНА објаснува дека наспроти предвидените законски можности, во пракса е многу мал бројот на корисници на бесплатната правна помош или правото на ослободување од плаќање на трошоците од страна на судот.
„На годишно ниво, само 150 – 200 граѓани го остваруваат правото на бесплатна правна помош, што е незначителен број споредено со граѓаните кои имаат потреба од бесплатна правна помош. Само 30-40 жени што претрпеле семејно насилство остваруваат право на бесплатна, секундарна правна помош преку Министерството за правда во постапките за развод на брак, старателство, делба на имот и друго“, посочува Мишев.
Тој како главни причини за малиот број граѓани кои го остваруваат ова право ги издвојува неинформираноста и строгите критериуми за одобрување бесплатна правна помош.
„Истовремено, мал е бројот и на жртви кои го остваруваат правото на ослободување од плаќање на трошоците преку основните судови. Дотолку повеќе што судовите вообичаено ослободуваат од плаќање на судските такси, но, не и трошоците кои треба да се авансираат, односно за вештаци, сведоци и другите трошоци, поради недостаток на средства во судскиот буџет“, посочува Мишев.
Од Министерството за правда велат дека бројот на корисници на Бесплатна правна помош во изминатите четири и пол години, односно од 1 јануари 2018 година до 30 јуни годинава, изнесува 589 лица, од 944 поднесени барања.
Како што појаснуваат, тоа значи дека во тој период, 589 граѓани добиле адвокати, кои ги застапувале во граѓански постапки пред судовите и управни постапки пред органите на државната управа.
Истовремено, за бесплатна правна помош се издвоени вкупно 19 милиони денари, а потрошени 9.154.953 денари. Најмногу средства се потрошени во 2022 година, односно 2.5 милиони денари.
Бесплатната правна помош е законска можност што ја имаат сите граѓани кои поради својата финансиска состојба не се во можност самите да водат судска постапка за решавање на секојдневните правни проблеми со кои се соочуваат.
Системот на бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство опфаќа обезбедување примарна и секундарна правна помош.
„Примарната правна помош се состои од иницијален правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош, општа правна информација, општ правен совет, помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош, помош при пополнување на формулари, обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата, пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство, постапка за упис во матична книга на родени, стекнување со документи за лична идентификација и државјанство, составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија и ја даваат Подрачните одделенија на Министерство за правда, oвластените здруженија запишани во регистерот на Министерство за правда и Правните клиники регистрирани за давање примарна правна помош“, појаснуваат од Министерството за правда.
Додека, секундарната правна помош ја даваат адвокати запишани во Регистарот што се води при Министерството за правда.
„Функционира на начин што се обезбедува секундарна правна помош меѓу другото и без да биде утврдувана финансиската состојба на барателот во постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство доколку донесе на увид потврда дека е евидентирана жртва на семејно насилство од надлежен орган“, велат оттаму.
Мишев вели дека она што е значајно за жените што претрпеле семејно насилство е можноста да им биде одобрена секундарна правна помош во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита (ПМЗ), во рок од два дена од поднесувањето на барањето, заедно со писмена потврда од Центарот за социјална работа или полиција, со која се потврдува нивниот статус на жртва на семејно насилство.
Секундарната правна помош во овие случаи, според него, треба да се одобрува без да се докажува финансиската состојба на жртвите.
Регистерот што се води при Министерство за правда брои 477 адвокати кои овозможуваат бесплатна правна помош.
„Регистрираните адвокати застапувале околу 600 предмети, од кои најмногу биле постапки за семејни спорови или бракоразводни парници и водени биле околу 400 постапки за малолетничка правда, застапување на деца пред ПС и ЦСР“, велат од Министерството за правда.
Во однос на прашањето колку пати оваа можност била искористена за процеси што се однесуваат на семејно насилство, оттаму велат дека не располагаат со посебна евиденција за постапки за жртви од семејно насилство.
Информираноста клучна за посегнување кон можноста за бесплатна правна помош
Истражувањето на ЕСЕ порачува дека е потребно да се преземат активности и мерки за поширока информираност за законската регулатива, а воедно дека таа е неопходно да се доуреди со нови законски решенија, со цел итна и ефикасна судска заштита за правни проблеми како последица на семејното насилство.
Според Мишев, наспроти предвидените активности во рамките на усвоените стратегии, акциони планови и програми, во пракса државата не ги информира граѓаните за нивните законски гарантирани права и начинот на нивно остварување.
„Владата, надлежните министерства и институции целосно го запоставија спроведувањето на превентивни активности, односно подигањето на јавната свест за тоа што претставува семејното насилство и кои се законските механизми за заштита. Иако семејното насилство е законски регулирано скоро 20 години, жените сѐ уште не можат да го препознаат семејното насилство, особено психолошкото и економското насилство и не знаат каде да се обратат за помош и поддршка“, вели тој.
Сеопфатна кампања на национално ниво за информирање на населението како да го препознае семејното насилство, кои се механизмите за заштита, вклучително и можностите за користење на правото на бесплатна правна помош или ослободување од плаќање на трошоците во судските постапки, Мишев ги издвојува како можност за подобрување на состојбата.
„Покрај традиционалните медиуми, потребно е да се користат алтернативни канали за комуникација, како што се дистрибуирање на пишани материјали во ланците на супермаркети, аптеки на локално ниво, вметнување на потребните информации во месечните сметки за струја, вода, активирање на локалните кризни штабови, со цел да се допре до сите групи од јавноста, а особено жените во руралните средини. Истовремено потребно е да се организира континуирана едукација на практичарите од Центрите за социјална работа, полиција и судството во однос на специфичните потреби на жртвите и начинот на спроведување на нивните законски обврски“, објаснува тој.
Во меѓувреме, од Министерството за правда велат дека постојано се преземаат активности во смисла на водење кампањи за доближување на законот до граѓаните преку вклученост на терен од активисти на Здруженијата овластени за давање примарна правна помош, спроведување кампања од самото Министерство за правда, делење брошури на население, денови за бесплатен правен совет и слично.
Авторка: Ангела Рајчевска