Поддршката клучна за справување со семејно насилство

0
92

„Физичкото и психичкото насилство траеше со години. Мислев дека тоа е нормална работа, а самодовербата ми беше нула.

Финансиски бев немоќна, извесно време не работев поради здравствени проблеми, па ми беше многу тешко да донесам одлука да излезам од насилниот брак”, вели за ПИНА, самохрана мајка на две малолетни деца, жртва на семејно насилство, која благодарение на проектот за „Поддржано домување на жени жртви на насилство кои ја напуштиле насилната средина„, полека си го средува животот откако се развела од насилниот партнер.

„По тешката одлука се чувствував како изгубена. Незнаев што да правам, од кого да побарам помош. И двајцата родители ми се починати, а малата заштеда која ја имав тешко дека ќе ми помогнеше да се вратам во колосек. Не сум сама.

Преку пријателка и социјалните мрежи дознав за проектот и животот целосно ми се смени на подобро“, раскажуваа таа.

Проектот се спроведува во Скопје од страна на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство во рамките на специјализираните услугите кои Извршната канцеларија на Мрежата ги обезбедува.

Од почетокот на проектот во март 2020 година, до сега, поддржано домување е обезбедено за 12 жени и 23 деца.

Проектот за 2022 година претставува продолжување на сличен проект од 2021 и 2020 година, кога се воспостави Куќа за отворено домување за жени жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина.

Ја донесов вистинската одлука

Самохраната мајка, која заради заштита на идентитетот ќе ја именуваме Ивана, е дел од проектот три години и вели дека сега главниот фокус и е нова работа и грижата за децата.

„Поголемото дете беше сведок на физичкото насилство. Се затвори во себе и имаше проблем со социјализација. Помалото не разбираше што се случува, но и тоа емотивно и со последици ги доживеа сите работи и разводот кој следеше.

Се плашев дека ќе ги изгубам на суд, тој секаде познаваше по некој. И во полиција, секаде. Полицијата единствено ми помогна кога требаше да си ги земам работите од поранешниот дом, бидејќи мојот бивши сопруг не ми ги даваше.

Бракот беше насилен, а и разводот траеше долго, а тоа што останав без дом, дополнително ги отежнуваше работите. Но, на крај судот децата ми ги додели мене.

Сега знам дека и покрај се’ ја донесов вистинската одлука, раскажува Ивана, која, како и многу други жени во Македонија е разочарана од односот на надлежните институции кон жртвите на семејно насилство.

„Од Центарот за социјални работи, наместо да ми помогнат после разводот, како самохрана мајка на две деца само ме „шетаа” од врата на врата.

Примерот на Ивана покажува колку е клучна поддршката за да се излезе од страшниот круг на семејно насилство, со кое се соочуваат уште многу други жени во нашата земја.

ПОВРЗАНИ СТОРИИ

Недоверба во институциите за пријавување семејно насилство

Проектот обезбедува поддржано домување во индивидуални станови за жени жртви на насилство кои ја напуштила насилната средина, а се во социјален ризик, односно не се во можност да обезбедат трајно домување за себе и своите деца по напуштање на насилникот, ниту пак можат да го користат живеалиштето на нивните родители.

Домувањето покрива трошоци за кирија и режиски трошоци во времетраење од шест до десет месеци, период во кој се очекува корисничката да се зајакне, вработи и почне да остварува редовен приход.

„По тој период се очекува жената самостојно да ги подмирува трошоците за живеење.

Дополнително, поддршката обезбедува и психолошко советување, правна помош, кариерно советување и помош при вработување, како и месечни пакети со храна и средства за хигиена“, вели за ПИНА, Маја Балша од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Денот кога разговаравме со Ивана, таа имаше и интервју за нова работа.

„Моментално работам во смени, што ми е проблематично поради грижата за децата, затоа барам нова работа, а интервјуто ми го договори Мрежата„, вели таа.

Се подготвува национална Програма за реинтеграција на жени жртви на насилство низ целата држава

Моделот на поддржано домување е дел од Предлог модел за реинтеграција и рехабилитација на жени жртви на насилство кој Националната мрежа го изработи во 2019 година.

„Врз основа овој предлог модел новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство (2021) за првпат во националното законодавство, предвидува Член 99 – реинтеграција на жени жртви на насилство каде се вклучени привремено домување, психолошко советување со ментроство, помош при вработување и финансиска помош за жртвите.

Согласно овој член од Законот, во тек е подготовка на националната Програма за реинтеграција на жени жртви на насилство, која треба да овозможи воспоставување на вакви или слични модели на поддржано домување низ целата држава“, вели Балша.

Автор: Петре Димитров