Градењето на диво, го уништува биодиверзитетот на Шар Планина

0
115
Фото: ПИНА.мк

Шар Планина е еден од најзначајните симболи и најпознати топоними кога станува збор за Македонија. По долгогодишните битки и обиди да се зачува целосната флора и фауна со сиот свој раскош, конечно во 2021 година, Шар Планина беше прогласена за Национален парк.

Планинскиот венец, распространет на тромеѓата помеѓу Македонија, Албанија и Косово нуди прекрасни пејзажи, шуми, водопади, биодиверзитет и е дом на многу уникатни видови на флора и фауна.

Но, во последните години, веројатно токму поради убавините кои ги нуди, регионот се соочува со сериозни предизвици поради неконтролираното градење на дивоградби. Оваа појава која стана чест декор во секоја општина во земјава, несомнено се очекува да го земе „данокот“ и на Шара, бидејќи претставува голема закана за природната средина, екосистемите и туристичкиот потенцијал кој го нуди регионот.

769 дивоградби вон населени места на територија на Националниот парк

Дивоградбите по се изгледа тешко кој може да ги контролира во тетовскиот крај. Во планинските села, поранешни бачила, ливади, шумско земјиште и ниви преку ноќ стануваат викендици и домови за живеење кои најчесто се креваат и до два или три спрата. Сето тоа би било во ред, доколку имале дозвола, но, поради тоа што Шар Планина веќе трета година функционира како Национален парк, овие појави би требало, барем на хартија, да бидат недозволени.

Многу од дивоградбите се резултат на неефикасното спроведување на законот и регулациите, а недостатокот на координација помеѓу локалните и државните власти, како и немањето на некој поголем интерес за решавање на овој проблем, дополнително го усложнува целиот процес.

Како релативно млада и нова институција, НП „Шар Планина“ има ограничени ресурси и вработени за да може брзо и ефективно да реагира на терен. Но и покрај тоа, со помош на сателитски снимки, во комбинација со редовни теренски патролирања на ренџерската служба, минатата година вработените од оваа институција евидентирале вкупно 769 дивоградби вон населени места на територија на Националниот парк.

Според поделбата на дивоградби по општини, предничи Општина Тетово, на чија територија се изградени дури 462 дивоградби, потоа следува Теарце со 115, Боговиње со 74, Врапчиште – 61, Јегуновце – 28 и Гостивар и Маврово-Ростуше со 24, односно 5 објекти.

Фото: ПИНА.мк

Од Националниот парк за ПИНА.мк велат дека почетни разговори за идентификување на статусот на овие објекти со дел од општините има, но соработката оди бавно, додека пак со најкритичната општина – Општината Тетово, разговорите не се ниту започнати.

„Сите општини се информирани дека во територија на НП според законот за Заштита на природата и Законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк имаат обврска да за секој објект бараат мислење од Јавната Установа Национален парк Шар Планнина. Се што имаме евидентирано до сега или во иднина ќе затекнеме како градба, а се наоѓа надвор од населените места и за истата нема соодветна документација ние ја третираме како дивоградба“, велат од Национален парк „Шар Планина“.

И покрај неажурноста на дел од општините и навидум немањето на волја за решавање на дел од проблемите, јавното претпријатие НП „Шар Планина“ веќе поднела неколку кривични пријави за узурпација на недвижности и бесправно градење на државен и приватен имот. Од вкупно 13 пријави, дури десет се за градење на државно земјиште.

„Во овој број пријави се вклучени и подготвителните работи за градба, како ископ и поставени огради. Јавната установа има реагирано во рана фаза но за жал поради бавната реакција на другите институции во системот овие градби успеваат да бидат завршени додека се процесираат. Наведените пријави по основ Бесправно градење и/ или Узурпација на недвижности се адресирани до СВР ТЕТОВО и ОЈО Тетово, дел од тие се процесирани, доколку за другите немаме добиена информација за текот на постапката“, велат оттаму.

Еко-активистите на иста линија со тврдењата на Националниот парк

Дека проблемот треба итно да се адресира и да се постапува кон негово решавање, сметаат и од платформата „Пријатели на Шара“. Еко активистот Метин Муареми за ПИНА.мк вели дека кога станува збор за постапување со дивоградбите, процедурите и работите се движат со споро темпо, а овој проблем е еден од најприоритетните со кој се соочуваат сите жители на овој предел, заедно со угостителските субјекти кои дејстуваат во регионот.

„Според нашите информации, но и последните форуми со граѓаните, ова проблематика е од по комплексните, бидејќи бара заедничко дејствување на самата институција, општините, значи локалните власти се до надлежните министерства. Токму затоа бараме од сите институции, да во иднина имаат многу поголема координиација, со цел да граѓаните разберат дека дивите градби имаат негативно влијание врз заштитените подрачја, уништувајќи ги природните живеалишта, загадувајќи ја околината, фрагментирајќи ги екосистемите и предизвикувајќи социо- економски проблеми, а прогласувањето на заштитено подрачје има токму спротивна цел“, вели Муареми.

Тој вели дека во моментов активно работат на промовирање и почитување на планот за управување со Националниот парк кој според него е единствениот документ со кој се уредува менаџирањето и справувањето со сите нелегални градби на пределот на Шар Планина, но за жал, како што вели, се уште има некоординираност помеѓу сите засегнати страни и како резултат на тоа, многу луѓе кои сакаат да профитираат, честопати градат на диво.

Но, вели Муареми, светла точка во мракот е тоа што процентот на изградба на Шара во споредба со минатото е намалена до речиси минимален степен, што пак дава надеж дека мотивираноста на вработените во институцијата Национален парк ќе вроди со плод во иднина.

„Дивите градби директно, но и многу често индиректно влијаат на еко-системот, флората и фауната на Шар Планина. Директното влијание се манифестира преку уништување на природните живеалишта на многу ендемични и заштитени видови, што доведува до намалување на биодиверзитетот не само во регионот на Шара туку и пошироко. Индиректните влијанија вклучуваат загадување на водните ресурси и почвите со градежен отпад и хемикалии, како и фрагментација на екосистемите која ги попречува миграционите патишта на животните. Овие промени создаваат неповолни услови за опстанок на многу видови и го нарушуваат природниот баланс на Шар Планина“, заклучи Муареми.

Што со општините што не постапуваат по барањата?

Една од главните пречки во борбата против дивото градење на Шар Планина е недостатокот на волја и акција од страна на одредени општини за целосно решавање на проблемот. Токму нивната неактивност, доведува до влошување на ситуацијата и појава на нови дивоградби и затоа оваа ситуација бара сериозно внимание и преземање на одговорност од сите засегнати страни.

Постојат повеќе решенија и начини за општините да се поттикнат да започнат да го спроведуваат Законот, како на пример воведување на финансиски казни за општините кои не го спроведуваат законот за диво изградени објекти, вклучување на централната власт во решавањето на проблемите во општините каде што има системски недостаток и воведување на специјални надзорни тела кои ќе го мониторираат и оценуваат работењето на општините во делот на дивоградбите.

Фото: ПИНА.мк

Вакви примери имаме во некои од земјите во регионот како Хрватска, каде неодамна беше воведена национална кампања за справување со дивоградбите која подразбира тесна соработка меѓу локалните и централните власти, што резултираше со значително намалување на бројот на нови дивоградби и успешна легализација на веќе постоечките.

Заштитата на Шар Планина од дивото и неконтролирано градење не е локален, туку национален проблем кој бара соодветна реакција од сите засегнати страни. Со засилено спроведување на законите, зголемувањето на јавната свест и инвестирање во одржливи решенија за домување и инфраструктура би можело доколку не се запре во целост, барем да се намали негативната појава на дивоградби и да се зачува природниот предел за генерациите кои доаѓаат, бидејќи Шар Планина со сета своја убавина и природа има потенцијал да стане една од највредните природни, но и туристички ресурси на Македонија.

Шар Планина е прогласена за Национален парк поради значајната биолошка вредност, знаат честопати да кажат вљубениците на природата и вработените во Националниот парк. Но, за жал досега никој не размислувал на зачувување на природата, оти градбите на шумско земјиште и узурпацијата на државните шуми, како и градењата на објекти во приватни имоти кои бесправно ја менуваат категоријата на земјиштето, придонесуваат да цврстиот и течниот отпад кој произлегува од нив, долгорочно да ги контаминира почвите, реките, флората и фауната. Сето ова велат од јавното претпријатие, на долгорочни стази и кумулативно доведува до загуба на биодиверзитетот и деградација на националните богатства.

Автор: Михаил Милошевски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА