Со хаосот околу личните документи, на граѓаните им се загрозени основни права

0
200
Фото: pina.mk

Голготата со личните документи во државата допрва ќе трае. Возачките дозволи ќе важат за внатрешна употреба до крајот на годината, личните карти ќе продолжат да важат за внатрешна употреба, а оние граѓани кои до 12-ти февруари не зедоа пасоши со новото уставно име, веќе имаат неважечки пасоши со што се спречени да патуваат. Не може да патуваат ниту граѓаните кои имаат сообраќајни дозволи каде не стои Република Северна Македонија и немаат налепници на регистрациите НМК.

ПИНА.мк разговараше со адвокатот Јанаки Митровски кој рече дека целата ситуација со возачките дозволи и пасошите настана поради неодговорноста на политичарите и на власта која што за пет години не успеа да ја реши целата ситуација.

„Тие сигурно можеа да претпостават дека ќе се случи ваков хаос, во корелација со нашиот менталитет, се да се прави во „5 до 12“, но примарната вина ја гледам кај извршната власт бидејќи и покрај тоа што против волјата на народот е потпишан еден погубен и штетен договор, кога веќе се потпиша, можеше оваа ситуација да се преговара. Кога веќе трпиме културна, емоционална и духовна штета, да не трпиме барем финансиски штети, односно можеше да се стави клаузула во договорот важечките документи да бидат валидни додека се важечки и со тоа овој хаос ќе беше избегнат“, вели Митровски.

Тој објаснува дека Уставот пропишува дека движењето внатре во државата, но и излегувањето и влегувањето слободно во неа е уставно загарантирано право.

„Тука станува збор за дискриминација по етничка и политичка основа, како второ, задира во правото на слободно движење и трето е непотребен финансиски товар. За четиричлено семејство да ги промени сите лични документи, потребни се околу 300 евра. До пред извесно време се издаваа лични документи со старото име. Можеби требаше да го предвидат ова и на пример до февруари 2023 да биде со старото име, а една година пред крајниот рок сите документи да се издаваат со новото име на кој никој не му се допаѓа. Дури 90 проценти од граѓаните не можат да го издржат овој финансиски терет“, додава тој.

Проблем е и недостатокот на обрасци за изработка на документите, што многу веројатно дека уште повеќе ќе ги пролонгира роковите за вадење нови документи.

Во интервју за ПИНА.мк заменик-народниот правобранител, Сузана Салиу рече дека минатата година добиле околу 60 претставки од граѓани кои се однесуваат со правата на вадење на лични документи.

„Добивме и претставка за тоа дека граѓаните однапред се плашат дека им е повредено правото на слободно движење бидејќи не можат навремено да вадат патна исправа. Граѓани во месец октомври се јавиле телефонски за да закажат термин, а им бил закажан терминот дури во мај“, објасни таа.

Салиу додаде дека се надеваат дека до крајот на годината би требало да се заокружи овој проблем, но со добар однос на институциите кон граѓаните и со мобилизација на капацитетите.

Народниот правобранител Насер Зибери неодамна изјави дека граѓаните кои ќе претрпат финансиски последици како и последици од работен однос, можат да се упатат до судовите каде можат да ја тужат државата, односно, доколку низ судска постапка биде докажано дека е пропуштен рокот за враќање на работно место или пропаднал одреден бизнис договор може да се бара материјален надоместок за претрпената штета како резултат на не обезбедување на документи од страна на државата.

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска деновиве информираше дека до Уставниот суд се доставени пет иницијативи за личните карти, возачките дозволи и пасошите и вкупно толку предмети досега се веќе оформени. Иницијативите се однесуваат на периодот на издавањето на овие лични документи, односно на нивното времетраење, зашто некои се уште се со важност, како и за слободата на движење, која е ограничена.

Но, она што Кацарска го потенцираше во изјавата е дека граѓаните треба да знаат дека слободата на движењето не е надлежност на Уставниот суд.

„Мора да се разграничи дека согласно членот 110 алинеа 3 од Уставот, што е надлежност на Уставниот суд. Токму тука би нагласила дека сега политичарите, се надевам, ќе разберат зошто 2,5 години бев силен поддржувач на воведувањето на уставната тужба. Ако ние имавме уставна тужба, тогаш граѓаните ќе можеа да се обратат до Уставниот суд за секое нивно барање, за секоја слобода и право што им е загарантирано со Уставот. Се надевам дека сега ќе разберат без да ме критикуваат зошто барав измена на Уставот, односно проширување на неговата надлежност. Во Уставот е наведено за кој вид дискриминација можеме ние да работиме – по однос на пол, раса, вера, политилка припадност,“ изјави Кацарска.

Професорот од правниот факултет „Јустинијан Први“ Денис Прешова во своето гостување во емисијата Топ Тема на ТВ Телма рече дека власта во Македонија треба да го смени законот за патни исправи, како што го смени законот за безбедност во сообраќајот, за да се стави крај на агонијата на граѓаните со вадење на нови документи на кои ќе го има новото име на државата.

„Уште утре треба да се смени законот за патни исправи бидејќи одредбата од Преспанскиот договор се однесува и на едните и на другите документи. Никој не излезе со образложение. Ние до ден денеска не слушнавме кое е оправдувањето за тоа да не се пристапи кон законот за патни исправи во овој дел особено. Член 27 од Уставот го гарантира правото на слободно движење. Државата сама се доведе во ситуација да мора да бира и таа го одбра почитувањето на овој договор пред граѓаните. За 2.4 милиони граѓани се потребни четири години за таа операција да се заврши по претпоставка дека во секој момент ќе има обрасци и ќе биде искористен достапниот капацитет. Планирањето требало да биде уште пред 2022 година“, вели Прешова.

Тој има чувство дека властите наши недоволно се плашат од граѓаните и дека тие повеќе се исплашени од странците отколку од граѓаните.

„И во оваа ситуација одбрале повеќе да ги заштитат тие интереси, во однос ете на меѓународните обврски, отколку правата на граѓаните. Ако утре се распишат избори од кого ќе ги бараат гласовите? Од граѓаните или од странците? Ние исто така како граѓани треба да размислуваме и во таа насока и не треба да бидеме дури волку толерантни, колку што сме“, додаде тој.

Ако не се пронајде законско или друго решение за да излезе од ситуацијата со невалидноста на патните исправи, може да има сериозни финансиски импликации за државата.

Граѓаните во странство кои ќе патуваат со патен лист издаден од дипломатските и конзуларните претставништва треба да знаат дека тој документ им важи само еднократно, односно тие можат непречено да дојдат во земјата, но нема да можат да ја напуштат државата, односно, нема да можат да патуваат надвор од државата сѐ додека не извадат нова патна исправа.

Со одлуката на властите, исто така во „5 до 12“ замената на сообраќајните дозволи и возачките да се прави бесплатно, се врши неправда кон оние граѓани кои за истите платиле.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) сметаат дека се прави нееднаков третман кон граѓаните кои промениле важечки документи со новото име на државата и за истите платиле и ги повикаа институциите да преземат мерки за обезбедување на еднаков третман на сите граѓани во постапките на промена на важечките документи со новото име на државата, а таквиот став доаѓа откако Владата донесе одлука за бесплатно вадење на возачки дозволи и сообраќајни дозволи.

Граѓаните во странство кои ќе патуваат со патен лист издаден од дипломатските и конзуларните претставништва треба да знаат дека тој документ им важи само еднократно, односно тие можат непречено да дојдат во земјата, но нема да можат да ја напуштат државата, односно, нема да можат да патуваат надвор од државата сѐ додека не извадат нова патна исправа.

Граѓаните се револтирани од неодговорноста на властите што, и во рокот за промена на името на државата, документите се издавани со старото име.

Вадиш пасош во 2021 и ти го издава со старото име, а името на државата сменето во 2019 година,“ вели една граѓанка за ПИНА.мк, која е една од многумината кои се соочуваат со проблемот двојно да платат не по нивна вина, да се борат за да дојдат до термин, да трпат гужви и малтретирање додека се сликаат и додека го подигнат документот.

Со Уставниот закон од 2019 година, државата презеде обврска постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, да се усогласат со новото име на државата најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила, односно 12 февруари 2024 година.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА