Салиу: Секојдневно добиваме претставки за процесот на вадење на лични документи

0
248

Сѐ поголем број граѓани се јавуваат кај Народниот правобранител за да се пожалат за големите гужви за фотографирање, но и за земање на личните документи. Обврската која државата ја презеде со потпишувањето на Преспанскиот договор го загорчи животот на голем дел од граѓаните поради нивните документи со „Република Македонија“.

Заменик народниот правобранител, Сузана Салиу во интервју за ПИНА вели дека претставки од Народниот правобранител пристигнувале уште од минатата година, но оваа година речиси секој ден пристигнува нова претставка.

-Во текот на оваа година, во јануари сме добиле 14 претставки, но секој ден примаме нови претставки со нова содржина. Еве на пример, последната претставка вчера што ја примивме се однесуваше на тоа дека граѓаните однапред се плашат дека им е повредено правото на слободно движење што не можат навреме да извадат патна исправа. Мислам дека ова се многу, многу, многу сериозни наводи. Инаку, граѓаните исто така се жалат и на тешкотии во термините. Имаме случаи кога граѓанинот во октомври се јавил преку телефон, а му е закажано за во мај. Има граѓани кои воопшто не можат да закажуваат. Граѓаните исто така се жалат на ненавремено усогласување на актите на Министерството за внатрешни работи, актите на Владата со Преспанскиот договор зошто Преспанскиот договор е влезен во сила во февруари 2019 година, а граѓаните и после овој период, дури и до 2022 година добивале документи со старото име на државата. Дури некои добивале со важечки рок до 2030 година. И сега тие се прашуваат и се револтирани зошто без нивна вина да се ставаат на дополнителни трошоци и да вадат документи кои веќе им се важечки, вели Салиу.

Граѓаните се жалеле и за нехуман однос од вработените. Пристигнала и претставка за физички и вербален напад врз жена од страна на службено лице.

Автор: Даниел Василев

  • Видеото е изработено во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА