Министерството за образование и наука тврди дека ревизијата на учебниците е континуиран процес во кој се работи на исправање на дискриминаторските содржини во учебниците во основното и средното образование. Но во реалноста, родителите се оставени на децата да им објаснуваат спорни, погрешни или стереотипни содржини. Децата пак, дури и кога е повлечен учебникот повторно учат од спорните содржини, но преку тетратка.
Родителите се жалат дека и повлечените учебници се уште се присутни во образованието, бидејќи од нив им се диктира во тетратка на учениците. Дури, делови од учебникот се копираат и се делат како „наставни ливчиња“.
Маја Ивановска, родител на ученик во основно образование за учебникот по Општество за четврто одделение за кој МОН вели дека е повлечен за ПИНА вели дека точно е дека учебникот е повлечен но реалноста е малку поинаква.
,,Ако под повлекување на учебник подразбираме дека истиот не им се дели на учениците, тогаш да, повлечен е. Но се уште се учат истите содржини само се диктирани во тетратка“, вели таа.
Ваквиот несеопфатен и несериозен пристап во ревизијата на учебниците оди во прилог на аргументите дека надлежните институции сакаат да направат илузија дека се прави ревизија на спорните содржини во учебниците. ПИНА пишуваше за дискриминаторските содржини кои тешко ги напуштаат учебниците и од МОН токму за овој учебник ни кажаа дека е повлечен од употреба, но на негово место се уште нема нов учебник. Вториот за кој прашавме Етика за 3-та година во средното образование, се уште се користи во наставата, велат оттаму. МОН вели дека ревизијата на учебниците е континуиран процес и се спроведува и од страна на Бирото за развој на образованието и од страна на Центарот за средно стручно образование и обука, како надлежни институции за носење на новите планови и програми.
Сериозни пропусти кога станува збор за жените и родот
Учебниците, особено оние пишувани и публикувани во Македонија, имаат сериозни пропусти кога станува збор за родовата еднаквост, вели Ирена Цветковиќ од коалиција Маргини, чија ќерка се се соочила со учебниците со проблематични содржини.
Кога дознала дека во учебникот по Општество за четврто одделение има таква лекција во која се бара децата да одговараат на прашања за нивните родители, да даваат информации за венчавка во црква и донесат фотографија од венчавка, решила веднаш да покрене иницијатива за повлекување на учебникот. Искористила ФБ група за сингл мајки за да ги покани останатите мајки заедно да поднесат претставка. Дури 40 мајки се вклучиле и тогаш Народниот Правобранител, а и тогашната Министерка за образование потврдиле дека учебникот ќе се повлече и измени.
„Две години после таа одлука мојата ќерка стигна да оди во четврто одделение и за жал повторно се соочи со истиот материјал според кој семејство се единствено маж, жена и нивните деца кои живеат заедно. Јас лично, но и останатите мајки се чувствуваме изневерени и излажани од институциите на системот“, вели таа за ПИНА.
Исто како и Ивановска и таа вели дека учебникот е повлечен, но и после неколку години се` уште не е заменет со друг учебник. Наместо децата да учат од учебник, наставниците им предаваат според програма од спорниот учебник, по што запишуваат во тетратка и оттаму после учат.
Во рамки на Министерството за труд и социјална политика формирана е работна група за анализа на учебниците од родов аспект, која започнала со работа во 2018 година за содржините на наставните програми и учебниците во основно и средно образование од аспект на унапредување на еднаквите можности на жените и мажите.
„Во текот на 2019 година, Бирото за развој на образованието изготви и Концепција за воннаставни активности, истата е во постапка на одобрување од страна на министерот за образование и наука и се базира на неколку начела меѓу кои е и начелотото дека воннаставните активности се инклузивни и недискриминативни, односно дека тие се организираат во училиштето и треба да бидат достапни за сите ученици, без оглед на полот/родот, етничката припадност, способностите, социо-економскиот статус, здравствената состојба и училишниот успех, велат од МТСП.
Изработена е и нацрт верзија на нова концепција за учебник и Методологија за вреднување на учебникот, каде се укажува на тоа дека ниту еден учебник не смее да содржи стереотипи за различни социјални групи и не смее да поттикнува предрасуди по било кој основ, вклучувајќи го овде меѓу другите и родовиот. Во содржините треба да имаме текстови и илустрации каде подеднакво би биле застапени и третирани и жените и мажите“, велат од МТСП.
Народниот правобранител препорачува да се отстранат текстови со дискриминаторска содржина
Од Канцеларијата на Народниот правобранител годинава постапувале по два предмети меѓу кои се наводи за постоење на текстови со кои се врши дискриминација врз основа на род, сексуална ориентација, семеен и брачен статус, здравствен статус, припадност на маргинализирана заедница во областа на образовниот процес во учебникот „Социологија” за втора година средно образование, каде тие доставиле соодветна препорака до надлежното министерство која е прифатена.
Тие велат дека постапувале по повеќе претставки кои се поднесени од страна на невладиниот сектор за несоодветна содржина во учебниците од основно, средно и високо образование, како и дека отворале постапки по сопствена иницијатива. Во однос на прашањето зошто Народниот правобранител не дава препорака за отстранување на спорните содржини во учебниците и нивна замена во образованието, оттаму велат дека за ова прашање е безпредметно да даваат одговор поради тоа што од нивните одговори „може да се констатира дека НП дејствува согласно постојната законска рамка која му дава одредени надлежности за дејствување“.
Без квалитетни и современи учебници, има лоши резултати во образованието
Учениците од земјава лани повторно се најдоа на дното во Европа според студијата на ОЕЦД. Тестот ПИСА кој се прави во три категории – читање, природни науки и математика покажа дека очигледно постојат огромни проблеми во нашиот образовен систем и учениците значајно заостануваат зад нивните врсници во другите земји. Проблемот со дискриминаторските содржини во учебниците и неговото провлекување низ образованиот систем со години, несериозниот и неадекватен пристап на надлежните институции кон негово решавање, како и немањето интерес и волја за создавање сеопфатна стратегија за добивање современи и квалитетни учебници е само еден дел од сложувалката зошто земјава има такви резултати на меѓународните мерења на знаењата. Подобрувањето на лошите резултати во образованието бара радикални реформи, сеопфатна стратегија за образованието но и визија, лидерство и транспарентност во Министерството за образование и наука.
Линк до Дискриминаторските содржини тешко ги напуштаат учебниците