Рамноправноста на жената и нејзината улога во општеството станува се поважна тема. Кога се зборува за оваа борба, не може, а да не се спомне името на Савка Тодоровска, активист и лидер за женски права.
Таа долги години се бори за подобрување на статусот на жените на сите нивоа и за надминување на стереотипната улога на жените која е вековна и со традиционално размислување, дека жената е столб на секоја фамилија, но како што вели таа, едно семејство не може да биде цврсто ако е само на еден столб, туку треба и мажите и жените подеднакво да придонесуваат во семејството.
Тодоровска неодамна го доби и признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ кое го доделува Претседателот, за огромниот придонес за унапредување на родовата еднаквост.
„Повелбата која што ја добив беше предлог на бројни невладини женски организации, други граѓански организации и поединци од секторот, и за мене тоа што од нивна страна бев предложена е многу поважно од самата Повелба. Ова е задоволство и обврска повеќе за исполнување на она за што сум се определила животно да го работам, а тоа се правата и обврските на жените“, објаснува Тодоровска за ПИНА.
За статусот на жената во нашето општество, Тодоровска објаснува дека во законите, жените секаде имаат еднакви права, но имплементацијата на тие закони е несоодветна и никој не е казнет за тоа што не се применуваат.
„Жените стереотипно ја прифаќаат заостанатата улога на жената и како самите да не сакаат да го тргнат тоа време на стереотип, дека обврските дома се проблем само за неа, а во меѓувреме жената ја превзема и улогата на модерното време со образованието, со работните места и едноставно товарот станува потежок и пообемен и оттука, жените се оптоварени на сите полиња. Затоа и доаѓаат конфликтите во семејството од една едноставна причина, а тоа е дека немаат време за посветување на самите себе. Во последните години, имаме ситуација каде во високото образование студираат помалку жени, но почесто жени завршуваат високо образование што покажува дека се истрајни и одговорни“, додава Тодоровска.
Во однос на тоа како би можеле да се променат тие стереотипи, за ПИНА таа вели дека првично самите жени треба да ја осознаат суштината на својот пол, да знаат дека тие се рамноправни со мажите и оттука и работодавачите да ја сфатат суштински рамноправноста, а за тоа најмногу можат да влијаат, како што вели, институциите на државата и единиците на локалните самоуправи.
Исто така, Тодоровска се осврна и на жените жртви на семејно насилство. Првично, таа сметала дека заради сите стереотипи, жените немаат храброст да го пријават насилството, бидејќи како што додаде, тоа го кријат и од своите најблиски.
„Морам да кажам дека жените почнаа да се охрабруваат и да го пријавуваат насилството. Постои СОС бесплатна линија за жените жртви на насилство која што е 24/7 отворена каде можат таквите случаеви да се пријавуваат, а бројот е 141700. Потоа, ќе добијат упатство каде и како ќе можат да излезат од тој кошмар. Она што тие треба да го знаат е дека и за нивниот проблем има решение, но треба да го пријават случајот и да се охрабрат. Иако институциите кои се задолжени за овие случаи во глобала се со вработени стручни кадри, обучени и сензибилизирани, за жал, некогаш и некаде се случува меѓу нив да има некое лице кое е недоволно стручно и кое нема доволно волја да помогне. Низ различни дискусии институциите дадоа ветување и се обврзаа дека ќе ги подобрат политиките и дека жените жртви на семејно насилство ќе бидат повеќе заштитени“, тврди Тодоровска.
Таа смета дека она што е позитивно е дека се повеќе јавноста ја прифаќа содржината за тоа дека рамноправноста на жената е важно прашање.
„Само би им рекла дека најнапред треба да се ценат и вреднуваат самите себе, да ги ставаат своите способности на места каде што можат да бидат вреднувани и да ги знаат нивните права, но најважно од се, себе вреднувајќи се за она за кое всушност се поставени“, децидна е Тодоровска.
Автор: Кристијан Трајчов