Економските последици од пандемијата веќе се видливи во охридско-струшкиот регион

0
222
dav

Охрид и Струга ја живеат најслабата туристичка сезона изминативе неколку децении. Корона пандемијата силно го погоди туристичкиот сектор во земјата, а последиците на крајот од летото веќе значајно се чувствуваат, велат нашите соговорници.

Од Секторот за Туризам – Охрид велат дека бројот на странски гости во охридско струшкиот регион е намален за околу 83% во однос на лани. Пад има и кај домашните гости особено во месеците април, мај и јуни, каде намалувањето е околу 64%.

„Како бројки барем од оние официјални показатели кои ги имаме  досега заклучно со месец мај  може да се каже дека намалувањето на бројот на туристи како домашни така странски во однсос на остварените ноќевање е големо. Имаме за 76% намален број на туристи од кои кај намалувањето на домашните е 64%,  додека кај странските 83% заклучно со месец мај во кој предничат април и мај.

Иако ги немаме податоците за јуни и јули јас сум сигурен дека барем за јуни ваквиот тренд продолжи,  но  од јули видовме дека барем  кај домашните туристи расте оваа бројка  и имаме повисоки бројки. Генерално кажано ова е тешка туристичка сезона не само кај нас туку и во сите туристички места во земјава и надвор од неа, вели Ѓоко Апостолов раководител на Сектор за туризам Охрид.

Корона пандемијата ги погоди сите чинители во туризмот. Почнувајќи од угостители, хотелиери, туристички агенции,  водичи и пратители, бродари, занаетчии на брендираните автентични охридски сувенири.

Угостителите со намален капацитет и во ек на сезона бележат загуби

За прв пат во историјата, угостителите велат во ек на сезона работат со загуби. Корона пандемијата три месеци првенствено ги стави под клуч сите угостителски објекти на брегот на Охридското езеро. Откако добија дозволи да отпочнат со работа, добија и строги протоколи. Растојание помеѓу масите и ограничен број на гости во кафулињата и рестораните.

„Ако лани во сезона  во ресторанот имавме 15-тина вработени во две смени и меѓусмени, ова лето може да ви кажам дека функционираме само со пет лица.  Верувајте и тие ни се многу. Нема странски гости, нема организирани групи, родендени, крштевки, забави…. Оние кои со години сезонски ги ангажиравме ова лето останаа на улица. Тажно е верувајте. Ако во ек на сезона  не остваруваме профит, ние во зима нема да успееме да работиме. Ќе бидеме прнудени да ги затвориме угостителските објекти , а со тоа голем број граѓани ќе останат на улица, вклучително и самите ние“, вели Зоран Рилковски  угостител од Охрид.

Иста е состојбата и кај други угостители. И оние со помали и оние со поголеми капацитети  се „дават“ во  долгови. Трошоците се огромни, закупнини, урбана опрема, даноци, плати. Сите прогнозираат  тешка  зима  во која ќе следат голем број отпуштања на вработени и затворање на кафулиња и ресторани.

„Бележиме голем пад на приходите. Неизвесноста е голема. Не знаеме дали ќе има втор бран,  дали ќе има нови рестрикции. Надеж е дека нема да не погоди втор есенски, нов бран на корона па некако да ја преживееме зимата“, вели Михаил Мишев, претседател на угостителскиот еснаф. Голем дел од сезонските работници во угостителските објекти ова лето останаа без работа.

Хотелите „живуркаат“ со ваучерите за домашен туризам

Охридско струшките хотели работат само со домашни гости. Странски туристи нема. Најголем дел од македонските туристи користат ваучери за домашен туризам.  Сите договори со  странските гости, кои ги имаше во огромен број до лани,  беа  раскинати. Во градот ова лето има само мал број на туристи од странство  и тоа единствено од Полска.

„Оваа година не гледаме кој колку ќе заработи, туку кој ќе успее да ја преброди кризата. Како ќе ги исплатиме сите трошоци, плати, даноци и да опстанеме. Морам да напоменам дека до лани ни беше проблем да најдеме работници, недостигаа кувари, келнери. За жал оваа сезона голем дел од нив останаа без работа. Следува една голема криза. Надежта е да се стигне брзо да се стигне до вакцина за што поскоро да се вратиме во колосек“, вели Крсте Блажески, претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.

Хотелите бележат исполнетост само на дел од капацитетите, но само од 15 јули до крај на август. Претходно беа три и пол месеци под клуч, без никакви приходи. И во хотелскиот сектор прашањето е кој од објектите ќе остане да работи и преку зима, или ќе бидат затворени како пред децении, а со тоа илјадници вработени во хотелскиот сектор ќе останат без приходи.

Туристичките агенции  бараат помош од државата  за да ги зачуваат работните места

Во секоја економска криза, а во овој случај со пандемијата  најпогоден сектор во економијата е туризмот (туроператори, туристички агенции, хотели, транспорт, угостителство). Туризмот е комплексна гранка од која директно и индиректно трпат штети и трговците и целата економија,  а со тоа и државата.  Доколку државата не помогне, агенциите ќе мора да ги  испуштаат  вработените, стручниот кадар во кој со години инвестирале.

„Во услови кога сите ја очекувавме сезоната 2020 година се случи затварање на целокупната туристичка дејност. Во конкретниов случај затекнати сме сите подеднакво и правиме напор со помош од државата да ги покриеме основните трошкови, како би можеле да ги задржиме вработените. За да изградиме еден одличен туристички работник треба инвестиции во обуки, курсеви, лиценци и тн., а сега се доведуваат во прашање тие инвестиции. Доколку државата и ресорните сектори не излезат во пресрет на нашите барања што се доставени до нив како туристички сектор, за жал ќе бидеме приморани да ги пуштиме работниците дома, а потоа тие ќе бидат на терет на државата. Како и да е сега треба државата да анализира дали ќе не помогне со плати, придонеси, даночни олеснувања, режиските трошоци и издатоци“, вели Олег Маленко сопственик на ТА „Виспој“ Охрид.

Најцрните сценарија се затворање на голем број агенции и отпуштање од работа на голем број стручни вработени, кои доколку останат на улица ќе бидат на товар на државата.

„Корона кризата предизвика криза од големи размери, туристичките агенти во моментов се најпогодени, очекувам голем број на затварања на туристички агенции и намалување на вработените во овој сектор. Спасот го гледам во државата, таа мора да се постави како партнер и да помогне на  туристичките агенти, како би го зачувале овој сектор. Намалувањето на вработени во туризмот во моментов е од големи размери, во светот има намален приход од 320 милјарди евра по основ туристички услуги. Се надевам на што поскоро надминување на корона кризата и отварање на границите за опоравување на туризмот и нормализирање на функционирањето во туристичкото работење. Иако мое мислење е дека далеку сме од тоа и дека туризмот допрва го очекуваат тешки денови“, вели Филип Стефаноски сопственик на „DMC Balkans Travel & Events“ Охрид.

Прашање е колку од туристичките агенции ќе успеат да ги зачуваат вработените оваа зима, со оглед на тоа што главните приходи во туристички Охрид и Струга се остваруваат во пролет и лето, за да се преживее зимата.

Туристичките водичи без ангажмани, занаетчиите исто така погодени

Туристичките водичи и пратители велат дека без странските туристи немаат ниту еден ангажман. Околу 200 едуцирани водичи, кои со години ги претставуваат убавините  пред странските гости , се жалат дека се заборавени од државата. Ако до лани главните приходи ги остварувале од водење групи почнувајќи од март до октомври, годинава поради пандемијата нивните приходи се нула.

„До ден денеска никој не се сети на туристичките водичи. Иако во неколку наврати  конкретно од Македонската асоцијација за туристички водичи и придружници во два два наврати побаравме од Владата од Министерството за економија и финансии, но до ден денеска никаков одговор не е добиен“, вели Климент Наумов, претседател на Здружение на водичи од Охрид.

Распоредите на водичите за оваа сезона им биле полни, но за жал поради пандемијата сите ангажмани им се откажани до март 2021 година.

„Како и кај  сите занаетчии така и кај нас доста тешко ја пребродуваме корона кризата. Кризата ја чувствуваме директно бидејки годинава странски туристи нема, посетеноста којашто е на многу ниско ниво според мене ќе  се одрази дури по завршување на летната сезона. Сметам дека не очекува тешка зима“, вели Елена Белева кожар од Охрид.

Белата флота остана закотвена на градското пристаниште

Охридската бела флота остана закотвена четири месеци. Штетите се огромни. Стотина семејства,  кои својата егсистенција ја обезбедуваат од прошетката  на туристи  се загрозени. Целиот екипаж, капетани, бродари, морнари стравуваат дека оваа сезона нема да можат да ги подмират ниту основните трошоци.

„По воведувањето на вонредните мерки во март, охридските бродари не добија забрана за пловење по Охридското Езеро, но поради немање гости, тие не пловат. Нема интерес за прошетки по eзерото и тоа е единствената причина поради која овие пловни објекти останаа закотвени во сидриштата на брегот. Какви ќе бидат штетите врз бродарството, ќе се знае кога ќе се направат потемелни анализи, но повеќе од јансо е дека штетите се огромни”, вели капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа, Горан Устијаноски.

Познавачите велат дека ќе бидат потребни неколку години за Охрид да се врати туристички ,,во нормала“. Професорот Цветко Андреески од Факултетот за туризам и угостителство–Охрид вели дека сега ги нема странските туристи кои што издвојуваа двојно повеќе средства во однос на домашните туристи, иако остваруваа помал број на ноќевања.

,,Очекувањата се дека за 40 до 50% ќе биде намален приходот од туризам во  нашата држава. Ако лани остваривме некаде околу 400 милиони долари приход оваа година очекуваме во најдобар случај да биде некаде половина од тој износ“, додава тој.

Најдобрата  година за туристичкото стопанство во Охрид била далечната 1987 година, кога на брегот на Охридското езеро имало 4 милиони ноќевања, по неа 2019 година  имаше рекордни 1 187 000 туристи, кои остварија 3 200 000 ноќевања.

Останува отворено прашањето колку од туристичките, хотелските и угостителските капацитети ќе успеат да ја пребродат корона кризата.

Автор: Соња Рилковска

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на текстот е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.