Пет месеци не функционираат двата дневни центри за лицата со попреченост во Куманово. Прекинати се секојдневните активности во „вториот дом“, како што често го нарекуваат дневниот центар овие лица, бидејќи во него дневно поминуваа по осум часа. Наместо да се социјализираат и едуцираат, тие повторно се затворени дома, со најблиските.
Дневниот центар „Порака наша“ за лица со интелектуална попреченост над 18 години, како и Дневниот центар за лица со посебни потреби Куманово, се затворени по одлука на Владата од 11-ти март, со цел да се спречи евентуално ширење на коронавирусот кај оваа ризична категорија, која покрај умерена и тешка интелектуална попреченост има и останати придружни заболувања (нарушена респираторна функција, срцеви заболувања, обезност, дијабетес, хипертензија).
Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, која е и родител на лице, корисник на дневен центар, раскажува дека ваквата состојба тешко им паѓа на лицата со попреченост.
„На мојот син му недостига секојдневието, навиките, иако гледаме да биде во присуство на други лица и денот да му биде исполнет. Меѓутоа знам дека секој ја нема таа можност, повеќето дечиња се сами во своите домови и наместо да одат напред, тие се враќаат назад. Долги години ја користеа услугата преку која стекнаа некои навики. Сега тие навики веќе се губат, лицата со попреченост всушност ја забораваат услугата која ја посетувале, бидејќи воопшто не се комуницира со нив, немаше онлајн едукација“ – вели таа.
Од дневниот центар за лица со посебни потреби Куманово, кој е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика, потврдуваат дека состојбата лошо влијае врз корисниците, но и врз нивните родители. Психологот, Ивица Благојевиќ посочува дека изминативе месеци биле во постојан контакт со нив. Стручен тим ги посетувал, при што им давал активности, со цел да се одржи стекнатото знаење. Со корисниците одржувале и телефонски контакт, но и преку социјалните мрежи. Но, тој вели „без физичко присуство, нема никаква едукција и образование“.
„Намалена комуникација, социјализација, самостојност во извршување на сите активности. Знаеме како дома ги извршуваат активностите, тоа го прават родителите наместо нив, не е исто како тука. Кај нив многу тешко се учи, а многу лесно се заборава. Ќе се однесуваат дека не знаат ништо, дека не можат, дека се немоќни. Имавме можност кога за викенд ќе заминат дома, ни беше тешко кога ќе се вратат, а не сега“-нагласува Благојевиќ.
Лицата со попреченост може да станат поранливи
Ваквата состојба со повеќемесечното затворање на дневните центри, може да предизвика и лицата со попреченост да станат поранливи, да се јави чувството на осаменоста, која носи и други последици, сметаат стручните лица.
„Секако дека постои тренд на зголемена анксиозност, параноја, страв, поврзани со она што може да настане и осаменоста и неизвесноста, кои се директно поврзани со социјалното дистанцирање, чувства кои на лицата со попреченост не им се непознати. Како група, историски, тие се социјално изолирани, затоа се уште ги викаме маргинализирани групи “ – вели Мартина Костовска, психолог во Дневен центар „Порака наша“ Куманово.
Таа дополнува дека изминативе месеци, поради прекинатата секојдневна рутина, за време на полицискиот час, се случувало лицата со попреченост, да не сакаат да останат дома и токму тогаш да излезат надвор.
„Сето тоа води кон бихејвиорални проблеми поради научената рутина со која човек се чувствува безбеден и на некој начин го контролира своето секојдневие. Мислам дека по толку време, сите видовме барем малку како тоа влијае врз нас. Уште потешко им паѓа на лица кои цел живот ја учеле таа рутина“ – нагласува Костовска.
Кога ќе профункционираат дневните центри?
Од кумановските дневни центари за лица со попреченост укажуваат дека родителите постојано прашуваат кога ќе почнат со работа, но тие се уште немаат никакви информации. Но, не сите го делат ова мислење, бидејќи Димитровска вели дека не размислува својот син да го пушти во дневен центар, зашто смета дека се уште постои ризик од коронавирусот. Нагласува дека кај оваа категорија е тешко носењето маски, бидејќи на повеќето им пречи поради хроничните болести кои што ги имаат.
„Јас како родител би кажал дека мојот син нема да посетува дневен центар се додека не сме сигурни како семејство дека неговото здравје нема да биде загрозено, бидејќи од некоја слична инфекција или вирус на мала возраст ја има стекнато попреченоста. Знам колку е опасно, знам со што се соочивме и тој и ние низ животот и кога би можеле да избереме би избрале да биде дома, се додека е присутна оваа пандемија“- вели таа.
Од дневниот центар за лица со посебни потреби Куманово информираат дека веќе го добиле протоколот за работа. Просторот активно го уредуваат за да повторно ги примат корисниците. Извршена е дезинфекција, дератизација, а набавени се лични средства за хигиена. Велат она што загрижува се правилата кои предвидуваат социјална дистанца, нешто што е тешко за исполнување кај лицата со попреченост, кои се навикнати на контакт, прегратки.
И од дневниот центар „Порака наша“ посочуваат доколку министерството одлучи да ги отвори вратите на овие сервиси, тие ќе вложат напори да ги спроведат сите мерки согласно протоколот, а и да ги набават неопходните средства за заштита во време на пандемија. Фросина Симоновска, дефектолог во центарот укажа дека имаат надворешен простор, кој е адаптиран и може да се користи при реализација на активностите со корисниците кога временските услови го дозволуваат тоа.
„Според протоколот корисниците во дневните центри ќе бидат поделени во групи и бројот на корисници во една група ќе изнесува максимално 10, а исто така редовно, и во согласност со временските услови ќе се отвораат прозорците, особено во просториите за групна работа“ – истакна Симоновска.
Во дневните центри во Куманово изминативе години секојдневно престојуваа по 20-ина корисници, лица со различна попреченост. За нив се грижеше стручен тим составен од психолози, дефектолози, социолози и социјални работници. Во Куманово, ниту пак на ниво на државата, не се знае точната бројка на лица со попреченост, но согласно истражувањата на Светската здравствена организација дури 15 проценти од населението се со некој вид попреченост.
Автор: Елена Георгиевска
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на текстот е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.