Иако изградбата на плоштадот „Скендербег“ во Скопје започна пред скоро една деценија, сè уште не е завршена. Според авторите, се очекува проектот да продолжи, за да добие значење во третата фаза, а не е исклучена и можноста да продолжи понатаму и во иднина.
Крајниот рок за завршување на проектот Плоштад „Скендербег“ беше 2014 година. Покрај првата верзија, проектот претрпел неколку измени кои се видливи во самата структура на плоштадот. Првенствено беше предвидена изградба на плоштад во права линија со површината на трговскиот центар „Мавровка“, додека булеварот Гоце Делчев би поминувал под него. Проектот се смени подоцна и плоштадот се подигна еден кат над постојниот пат, во форма на тераса, во близина на бистата на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег.
Изградбата требаше да се одвива во три фази. Првата фаза, која вклучува работи во територијата која и припаѓа на Општина Чаир, завршила во 2013 година. Втората фаза, каде се вклучени главно изградбата на надвозникот на Булеварот „Гоце Делчев“, започна во тек на 2016 година, додека плоштадот конечно се инаугурираше во август 2017 год. Реализацијата на третата фаза се уште не започнала.
Овие измени, како и други правни пречки направија да работите се одолговлечат. Еден од идејните автори вели дека политизираната бирократија и ограничените финансии била клучните проблеми во овој проект.
„Наметнатиот политички карактер и политизираната бирократија (во главно на национална база) беа клучните пречки при конципирање на проектот. За изведбата на истиот, веруваме дека главни пречки биле парадоксалните финансиски рамки кои влијаеле врз времетраењето на градбата, како и на сегашното непотполно функционирање“, вели Бетим Зеќири, архитект на планот на Плоштадот „Скендербег“.
Првично, овој проект е предвидено да чини над 10 милиони евра, но конечната вредност изгледа ќе биде неколку пати повисока. Се обративме до Општина Чаир преку Барање за пристап до информации од јавен карактер, од каде ги обезбедивме договорите за изградба на проектот.
Договорот потпишан со „Интернешенал Инвестмент Груп“ за изградбата на првата фаза, според документот обезбеден од Општина Чаир, е со вредност од 153.015.662 денари, или приближно 2.5 милиони евра.
За втората фаза, Општината имала договор со „Бауер БГ ДОО“ со вредност од 663.964.093 денари, или 10.8 милиони евра.
Од Општината информираат дека за третата фаза сè уште нема договор за изведба, туку само договор за проектирање.
Третата фаза на изградба на Плоштадот „Скендербег“ сè уште не започнала
Работите за третата фаза на проектот уште не започнале. Во оваа фаза, во главно е предвидена изградбата на подземниот паркинг, со што би се проширило шеталиштето од бистата на „Ѓерѓ Кастриоти Скендербег“ во правец на Трговскиот центар „Мавровка“. Актуелниот градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу, на претходните локални избори, во неговиот план за локална самоуправа насловен „Договор 2017-2021“, ветил завршување на оваа фаза во тек на четиригодишниот мандат, за што се предвидуваше буџет од 786.169.857 денари, или околу 12.8 милиони евра.
„Со оваа програма се предвидува изградба на подземна гаража на катови во рамките на плоштадот „Скендербег“, трета фаза, со обезбедување на 380 паркинг места со регулирање на плоштадот“, се наведува во програмата на Демократската Унија за Интеграција „Договор 2017-2021 година
Од општина Чаир велат дека деталниот проект за оваа фаза е готов, но дека работите не се започнати. Ни ветија дека ќе бидеме информирани за причините поради кои работите не започнале, но сепак тие информации не се доставени до нас.
Според проектантите, доколку се надминат тендерските пречки и со соодветни претприемачи, оваа фаза може да се заврши во временски рок од околу една и пол година.
„За изградба на третата фаза на плоштадот Скендербег се потребни 12 до 18 месеци. Тоа во голема мера зависи од техничката подготовка на претприемачот што ќе гради и секако и од начинот на наддавање. Ако главниот критериум на овој тендер би била најповолната понуда, тогаш времето за изградба би можело да се удвои“, истакна Бекир Адеми, еден од проектантите на плоштадот „Скендербег“.
Одржувањето на Плоштадот „Скендербег“, неуспешна мисија
Плоштадот претрпел големи штети, не работат лифтовите што го поврзуваат приземјето со терасата, како и електричните скали. Лифтовите никогаш не функционирале, а електричните скали работеа само неколку дена откако беа пуштени во употреба. Просторите за лифтови се претворени во корпи за отпадоци. Клупите и зелените површини се оштетени. Мозаикот, како и неколку бетонски плочи имаат пукнатини.
Архитектот Бесиан Мехмеди вели дека проектантите немале пристап до надзор над работите, за да го потврдат квалитетот на изградбата.
“Користените материјали за изградба на Плоштадот Скендербег во Скопје се главно тие што се предвидени со проектната документација. За нивниот квалитет не можеме да дадеме мислење бидејќи не сме имале пристап до соодветни докази за квалитет“, вели Бесиан Мехмеди, проектант на плоштадот „Скендербег“.
Проектантите велат дека моменталната состојба на плоштадот е релативно добра и покрај минималната грижа. Од друга страна, додаваат дека би било добро во иднина да се вклучи во разни културни и уметнички проекти.
Од Општина Чаир побаравме конкретни информации за годишните трошоци за одржување на Плоштадот „Скендербег“, но не добивме одговор.
Граѓаните имаат различни мислења за изгледот на плоштадот. Некои од нив бараат брза реализација на првичната идеја за истиот.
„Со сегашната состојба на овој проект, јас не би ја именувал оваа зона како плоштад, поради недоволната интеграција со јавната површина околу Чаршијата и зоната по булеварот „Гоце Делчев“, поврзување кое не е ни многу природно, особено во смисла на промена на нивоа. Ова може да се забележи и од начинот како и колку граѓаните го користат овој простор“, вели В.Ф., граѓанка.
„Претставува инженерско и естетско достигнување. Меѓутоа, се надевам дека ќе се најде административен начин да се реализира првичната идеја на овој проект, да се поврзе со јавната површина надвор по Булеварот „Гоце Делчев“, што ќе и даде смисла и вредност на оваа интервенција“, вели А.Х.
„Дефинитивно не личи на плоштад, не ни знаев дека е наречен плоштад. Изгледа како напуштено место, недостасуваат зелени површини, дрвја и нешто друго за да изгледа поприродно и да може граѓаните да го чувствуваат како плоштад. Како што изгледа сега, со целата оваа бучава од автомобилите, не ми паѓа на памет да го сметам за плоштад“, рече И.К.
Бидејќи нема никакво објаснување од општината, кога точно овој плоштад ќе се смета за завршен, сè уште не е познато. Исто така, не е познато колкава е веројатноста проектот повторно да претрпи измени, како што тоа се случи неколку пати од првичната идеја.
Автори: Арта Сефадини, Валон Мани
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.