Златева: Надлежните институции делуваат поединечно, наместо заеднички за проблемите на лицата со попреченост

0
308

За видливоста на лицата со попреченост во Македонија, нивните проблеми, односот на институциите и општеството кон нив и начините за решавање на проблемите, ПИНА разговараше со Далиборка Златева, претседател на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес.

Зошто не ги гледаме доволно лицата со попреченост на улица, на концерт, во супермаркет… и тие ги имаат истите потреби, како и останатите граѓани.

-Непристапноста и постоењето на архитектонските бариери е најголемата причина за невидливоста на лицата со телесна попреченост. Во нашата држава постојат толку многу бариери кои се од архитектонска природа, како скали, не адаптирани влезови, непристапни тротоари и сл.

Овие препреки ги имаме во сите јавни установи и приватни објекти.

За лицата со оштетен вид не постојат специјализирани тротоари по кои можат да се движат, а за лицата со оштетен слух најголемите препреки се во однос на вербална комуникација и употребата на знаковниот јазик.

Токму од овие причини лицата со попреченост во нашата држава не се видливи и не можеме да ги видиме во секојдневниот живот.

Дали може да се каже дека генерално македонското општество е нетолерантно кога се во прашање лицата со попреченост?

-Во минатото многу малку се говореше на тема лица со попреченост, дури родителите на лица со попреченост не говореа за своите деца и нивните потреби.

Денес оваа ситуација е сменета и можам слободно да кажам дека јавното говорење на оваа тема е во нагорна линија, се почесто лицата со попреченост и ниивните родители истапуваат и говорат за своите проблеми и потреби и остварување на права.

Кога станува збор за образование, социјални сервисни услуги, вработување на лицата со попреченост, постојано се случуваат промени кои се во нагорна линија.

Имено во образованието се воведни образовни асистенти за основното образование, додека за средно се уште не се обезбедени.

Во образованието, основно и средно, потребно е воведување и на лични асистенти.

Во рамки на социјалните сервисни услуги во последните неколку години по донесувањето на новиот Закон за социјална заштита на териториија на нашата држава се поинтензивно се формираат локални социјални сервисни услуги со кои се олеснува животот на лицата со попреченост и делуваат на нивната самостојност и инклузија во општественото живеење.

Општеството не ни е целосно нетолерантно во поглед на лицата со попреченост.

Институциите прават прогрес кој се движи бавно, а додека граѓаните мислам дека најголемиот дел имаат толерантен однос и немаат негативен став кон оваа популација. Доколку станува збор за нетолератност тоа се поединци кои најчесто се осудувани за својот однос и став.

Колку надлежните институции се успешни во решавањето на вистинските проблеми на овие лица. Дали се се сведува на декларативни и популистички изјави единствено на денови кога се обележува одредена човечка попреченост?

-Генерален проблем на институциите во решавање на проблемите на лицата со попреченост најчесто е немањето на доволно финансии за реализација на активности и пасивност во превземање на чекори.

Најчесто не постои поврзаност и заедничко делување на институциите, сите поединечно делуваат, ова доведува до непотребно трошење на време и ресурси.

Невладиниот сектор кој делува во областа на попреченост има јасна визија за правецот во кој треба да се развива нашата држава во одннос на унапредување на правата на лицата со попреченост и нивната инклузија, но самостојно без поддршка на институциите, не е во можност многу да менува и прилагодува.

Не треба да се одбележува и празнува само на 3-ти Декември – Меѓународниот дена на лицата со попреченост, туку напротив, секој ден од годината треба да биде значаен и посветен кон подобри услови за живот и остварени парава на лицата со попреченост, за тие да се чувствуваат еднакви со останатите граѓани од нашата држава.

Имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и создавање на еднакви можности за сите.

Каква Ви е соработката со надлежните институции и дали можете да се надевате и на финансиска помош?

-Нашата организација во зависност од активнстите кои ги реализира на годишно ниво постојано е во соработка со Локалната самоуправа на Општина Велес и останатите општини од Вардарскиот плански регион, каде непосредно делуваме.

Со проширувањето на активностите и развивање на социјални сервисни услуги непосредно соработуваме со Министерството за труд и социјална политика и Завод за социјални дејности.

Очекуваме за прв пат од 2023 година потпишување на управни договори за реализација на социјалните сервисни услуги: „Живеење со поддршка“ и „Помош и нега во домот“. Ова значи поддршка на организацијата во испорачување на услугите до корисниците за кои се наменети.

Колку бизнис секторот сака да им помогне на овие лица?

-Нашата организација постои веќе 25 години и активно е поддржана од бизнис секторот во сите изминати години. Без поддршката на општествено одговорни компании немаше да опстоиме и да се развиеме до ова ниво.

За понатамошно делување и развивање на социјалните услуги и во иднина од суштинско значење ќе биде поддршката од бизнис секторот.

Сакам да им заблагодарам на сите кои години наназад не поддржуваат и бодрат да истраеме и да ја оствариме мисијата на „Свет без бариери со еднакви можности за сите“.

На кои се активности работи Вашето здружение?

-Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес делува на територија на Општина Велес, а со дел од своите активности делува регионално во рамки на Вардарски плански регион.

Нашата организација оваа година одбележа 25 години од своето основање.

Во невладината организација членуваат деца и лица со различна попреченост и на различна старосна возраст.

Организацијата има 60-на постојани членови.

Во минатото работевме на градење на Локални стратегии за прашањето попреченост во општините Велес, Кавадарци, Градско и Чашка.

Работевме на отстранување на архитектонски бариери и создавање на услови за пристапност до сите институции.

Работевме и на проектот „Летна рекреација и рехабилитација на лица со попреченост“ во Црна Гора, во период од 2012 до 2021 година, каде беа опфатени над 600 лица со пошреченост од нашата земја. Оваа активност ја реализиравме во соработка и со поддршка на невладината организација „Хуманитарна фамилија“ од Бар – Црна Гора.

Од минатата година нашата организација започна развивање на четири многу значајни програми: Развивање на социјални сервисни услуги „Живеење со поддршка“ и „Помош и нега во домот“ наменети за лица со попреченост, Социјална инклузија и работно ангажирање на лица со попреченост преку одгледување на лековити билки и создавање на производи од истите, Инклузивен туризам на езеро „Младост“ преку делување на „Паркот на срцата“ и пристапна плажа која вклучува адаптирани реквизити за во вода, Родова рамноправност на жени и девојки со попреченост и економско јакнење на жената преку вклучување на пазарот на труд.

Автор: Петре Димитров