Во последните неколку години се погласно се зборува за менструацијата како дел од секојдневието на женската популација, менструалната сиромаштија и предизвиците во македонското општество. Иако живееме во ерата на 21-от век, голем процент од женската популација во Македонија не може да си ги дозволи основните средства за одржување на менструална хигиена, што доведува до дополителна дискриминација и стигма. Се прават нови инцијативи и се менуваат закони, но се тоа се чини дека се одвива споро.
Со цел да се овозможи пристап до бесплатни менструални производи, Факултетското собрание (ФСС) на Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) покрена иницијатива која наиде на воодушевување во јавноста. Таму, самите студент(к)и поставија кутија со бесплатни менструални производи.
Претседателката на ФСС-ФЕИТ Анастасија Марковска за ПИНА вели дека нешто повеќе од 50% од студентското тело се жени и за нив менструалниот циклус е секојдневен физиолошки процес.
Таа дополнува дека земајќи предвид дека голем дел од денот го поминуваат во факултетските простории, потребата за менструални производи е основна колку и таа за тоалетна хартија, сапун и средство за дезинфекција.
„Идејата ја предложив пред ланскиот состав на Комисијата за образование и наука при ФСС-ФЕИТ, по што разговаравме со деканот проф. д-р Димитар Ташковски, кој веднаш ја поддржа, оставајќи ја реализацијата во наши раце. Покрај отвореноста на Деканатот, друга олеснителна околност беше отворањето на лабораторијата за производство ‘ФЕИТ ФабЛаб’, каде што мојот колега Владимир Китановски ги дизајнираше и печатеше пластичните диспензери“, објаснува Марковска.
Иницијативата е потполно финансирана од факултетот, истакнува претседателката на ФСС-ФЕИТ.
„Воопшто не помисливме на спонзори, од две причини. Прво, менструални влошки и неколку килограми пластика за диспензерите се евтина работа, особено за една сериозна образовна институција. Второ, со самото тоа што поминуваме голем дел од денот во установа кому плаќаме партиципација, најмалку што може да бараме од неа е обезбедување на основни хигиенски средства“, вели Марковска.
Менструалното отсуство е уште една од темите на разговор во оваа област.
Според Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ во последните неколку години и во Македонија се актуелизирала темата за овозможување менструално отсуство.
Ова, според нив, доаѓа особено по веќе изгласаниот закон во Шпанија како прва земја во Европа која овозможи жените кои искусуваат болна менстуација, со одобрение од лекар, да имаат право на платено отсуство кое трае од 3 до 5 дена.
„Донесување на ваков закон во нашата земја во скоро време се чини далеку од фактичката ситуација, дури и преамбициозно, но ние стремиме кон тоа активно и стабилно да стигнеме и до таа точка на овозможување на достоинствено менструирање на жените во Македонија“, велат тие.
Она што во овој момент се чини дека е можно, како што велат, е креирање на средина каде прво ќе се детабуизира разговорот за менструацијата.
Тие, истовремено, сметаат дека треба да се разгледа и можноста за добивање на бесплатни менструални производи, а за да се случи тоа, како што велат, треба да се покрене јавната свест, да се креираат повеќе граѓански иницијативи за таа кауза, да се сменат јавните политики, но и да се преземат и индивидуални акции.
Истражувањето „Менструална правда“ кое го подготви „Тиииит! Инк.“ во соработка со Реактор во 2021 година покажа дека секоја четврта жена, односно девојка морала да отсуствува од работа поради менструални болки.
Истовремено пак, скоро половина од ученичките морале да отсуствуваат од училиште, а исто така половина од испитаничките посочиле дека искусуваат силна или многу силна болка кога менструираат.
Доколку се воведе во пракса, менструалното отсуство би требало да биде достапно за сите девојки и жени кои искусуваат болна менструација и поради тоа се спречени да ги извршуваат секојдневните работи.
Од граѓанската организација „Стела“ сметаат дека прашањето за менструално отсуство е доста комплексно и опфаќа повеќе аспекти на процесот на менструција, како биолошкиот, така и социјалниот аспект.
Пред да се покрене прашањето за менструално отсуство, тие сметаат дека треба да се адресираат јавните тоалети, бесплатните менструални производи и генерално сеопфатната инфраструктура за еден тоалет да ги исполнува стандардите за управување со менструалното здравје.
„Ова е важно затоа што отсуството од училиште/работа има повеќе причини – дали е тоа несоодветна инфраструктура, недостапни производи или пак менструални болки; решението не може да биде донесување на еднодимензионална политика која ќе ги игнорира останатите проблеми. Понатаму во имплементирање на менструалното отсуство, директно влијае и постоењето на менструална стигма и отвореното зборување на темата. Ние може да имаме многу добри пракси и политики, но доколку паралелно не се работи на едукација и дестигмасизација на менструацијата – тие понатаму ќе претставуваат бариери во имплементирање на какви иницијативи”, додаваат од СТЕЛА.
Инаку, една од најавените иницијативи неодамна беше исполнета. Собранието во септември, по 10 месеци од најавата, конечно ги изгласа измените на Законот за данокот на додадена вредност кој предвидува намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со менструални производи. Со ова се очекува да се намалат цените на менструалните производи.
Засега неостварена остана иницијативата со која беа предвидени бесплатни менструални производи за средношколките од Скопје. Обезбедувањето средства за менструална хигиена беше иницијатива на советничката на ЛДП Теодора Радончиќ, но иако веќе две години се обезбедуваат средства за оваа намена, средношколките не добиваат бесплатни менструални производи.
Авторка: Сара Танаскоска