Концертите ќе се одржуваат под посебни услови, маските ќе бидат задолжителни

0
137
Средба на Здружението на културни промотери со министерот за здравство, Венко Филипче. ФОТО: Здружение на културни промотери

Одобрен е протокол за организирање на јавни настани врз основа на предлозите што здруженијата за организирање на културни и јавни настани ги доставија до Комисијата за заразни болести.

По разгледување на предлозите, Комисијата денеска и официјално одобри протокол за одржување на јавен настан, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.

Заштитните маски ќе бидат задолжителни, а капацитетот кадешто се одржува настанот не смее да биде исполнет над 50 проценти.

Министерот Филипче истакна дека предложениот протокол е солиден зашто предвидува контролиран влез на настанот, а картите ќе се продаваат електронски за да не се прават редици и метеж.

„Мислам дека е одличен протоколот. Здруженијата земаат и обврска самите да го контролираат спроведувањето на превентивните мерки на местата каде што ќе има настани, што е апсолутно за пофалба таквиот нивни професионален пристап“, рече Филипче.

Од „Авалон продукција“, велат дека со оваа одлука се враќаат и концертите, а публиката ќе може да ужива на отворено.

„Успеавме да се договориме со Министерството за здравство концертите да се вратат во Македонија под повеќе од достоинствени услови за публиката да може да ужива, а сепак по протоколи (заштитни маски и скратени капацитети) за безбедно одржување! ‘Авалон’ се враќа со одлична концертна понуда за август и во септември“, се вели во соопштението на продукцијата.

Од Асоцијацијата „Ивент индустрија“ (ИВАП) повеќе од два месеци бараа од владата да ги земе предвид и нивните барања, бидејќи како што велат први престанаа со работа, а последни ќе почнат.

„Оваа одлука е резултат на повеќемесечно залагање и преговарање на Асоцијацијата ИВАП, а во последните недели и неформалните здруженија Културни промотери и Музика сега. Ние остануваме одговорни компании кои се грижат за јавното здравје и ве уверуваме дека нашите настани можат да бидат безбедни за сите посетители, секако само ако сите сме одговорни и ги почитуваме протоколите. Наскоро ќе ги објавиме и условите под кои ќе се одвиваат настаните“, велат од Асоцијацијата „Ивент“.

Протоколот според кој ќе се одржуваат јавните настани, меѓу кои и концертите, ќе биде наскоро достапен за јавноста.