Родовата еднаквост во Македонија се уште се соочува со значајни пречки кои влијаат во општеството и покрај различните иницијативи кои се спроведуваат се со цел да се унапредат условите и да се подобри состојбата во сите општествени области.
Неодамна, истражувачката организација Реактор направи истражување за родовиот јаз во државата, за жените во политиката
Податоците од најновиот попис покажуваат дека вработените жени заработуваат помалку од мажите во сите општини, со исклучок на една, во која просечната плата за жените е незначително поголема од просечната плата на мажите.
Истражувачката Ана Бојчевска Митревска од оваа организација вели дека од ова истражување има три наоди кои се нај застрашувачки.
„Првиот од нив е дека еден од три советници и една од десет советнички донекаде сметаат дека на жените не им е местото во политиката. Вториот клучен наод е дека е поголема веројатноста мажите да добијат безусловна поддршка за кандидатура од партијата, во споредба со жените. Последниот наод кој што беше многу конзистентен во разговорите со градоначалничките е тоа што сите го споделија тоа искуство дека од кога дошле на позицијата градоначалнички, пружеле отпор кон неформалното склучување договори за официјални процеси во општината и кога нивните сопартијци станале свесни за оваа промена во вршењето на работите, почнуваат да ја саботираат нивната работа и сите нивни успеси и ги препишуваат на родот на градоначалничките, односно на тоа што се жени“, вели таа.
Бојчевска Митревска додава дека повеќето од нив се изјасниле дека партијата може да поддржи жена кандидат само во два случаи и тоа: кога нема подобар машки кандидат и кога се сигурни дека ќе ги изгубат изборите во таа општина.
„За причините на овие ставови без дополнително истражување може само да се шпекулира, меѓутоа важно е да се има во предвид колкав удел имаат родовите стереотипи и културолошките ставови, поради коишто на политиката се уште се гледа како на машка професија“, објаснува Бојчевска Митревска.
Таа додава дека многу ретко жените се осмелуваат да го пријават родово базираното насилство, особено ако вршителот е од истата партија, поради страв да се стават во една ранлива позиција и ќе се прикажат во едно слабо светло, па нема да може да им парираат на нивните машки колеги, со што сето тоа може да влијае врз нивните идни политички успеси.
„На последните локални избори квотите беа испочитувани и 45% од кандидатите за совет во општините беа жени, меѓутоа кога ќе се помине тој момент гледаме една друга слика. Од сите носители на листа на територија на цела држава само една третина беа жени. Кога завршија локалните избори и кога беа избрани советите видовме дека жените сочинуваат нешто повеќе од една третина од сите советници. Кога станува збор за претседавање со советот, само еден од пет претседатели на совет се жени. Така што овие проценти укажуваат на една тенденција да се поддржуваат жените и нивното учество во политиката само кога се мора. Иако повеќето политички партии декларативно поддржуваат учество на жените во политиката и се залагаат за родова еднаквост во политиката, во пракса ситуацијата е различна“, децидна е таа.
Во однос на моментот кога жените се одлучувале дали да влезат во политика, Бојчевска Митревска вели дека голем дел од нив изјавиле дека кога решиле да влезат во политика добиле голем број на пораки од најблиската околина од типот добро да ја размислат таа одлука, дека помалку ќе имаат време коешто можат да го посветат на домот и семејството.
„Наши препораки се дека треба да има воведување на квоти за извршните позиции на власта, а за репрезентативните позиции зголемување на квотите на 50%, односно подеднакво учество на мажи и жени на претставнички позиции. Политичките партии да ги вклучат жените во клучните извршни структури во самите партии, како и да создадат внатрепартиски политики и функционални механизми коишто ќе следат и ќе санкционираат случаи на родово базирано насилство во рамки на партијата. Жените кои веќе се успешни во моментов и го обезбедиле своето место на масата да регрутираат повеќе жени во политиката, како и да работат на активно на создавање на безбедна и поддржувачка работна атмосфера. Но и мажите да се вклучат во борбата за еднаквост, бидејќи оваа битка не е само на жените“, објаснува Бојчевска Митревска.
Само десет општини издвоиле средства од општинскиот буџет за родово одговорни политики
Не само што ситуацијата е загрижувачка кога станува збор за учеството на жените во политика, туку родов јаз постои и во поглед на вработувањето, односно разликата меѓу мажите и жените таму, како и разлика во месечната заработувачка.
За овој дел разговаравме со уште една истражувачка од Реактор, Васка Лешоска која рече дека само десет општини издвоиле средства од општинскиот буџет за родово одговорни политики, 33 општини имаат стратешки документи или акциски планови и програми со посебни мерки за родова еднаквост.
„Она што се забележува е дека во мнозинството од случаите, мерките не се поврзуваат со буџетски алокации и крајно се реализиран буџет, што би значело дека може да зборуваме само за декларативни заложби коишто не резултираат со имплементираност. Во однос на индикаторите кој што зборуваат за родови јазови, можеме да зборуваме за еднаквост само во поглед на образованието и така во повеќе од половина од општините всушност бројот на жени со високо образование е поголем од бројот на високо образовани мажи, меѓутоа за жал тоа не се рефлектира во еднакви можности за вработување и се уште имаме јаз во поглед на вработеноста“, вели Лешоска.
Според податоци кои ги имаат добиено од институциите, таа додава дека во просечната општина жените заработуваат само 89% од просечната плата на мажите и 84% од просечната пензија на мажите.
„Морам да напоменам дека ова не се официјални податоци, бидејќи се засноваат на административни извори и наши интерни пресметки, меѓутоа се индикативни за родовите јазови кои презистираат. Исто така морам да напоменам дека просеците во суштина ги прикриваат разликите кои постојат меѓу општините, така што жените во Општина Центар не заработуваат исто колку и мажите во Општина Центар, сепак не може да се направи споредба помеѓу просечната плата и пензија во Општина Центар и Општина Пласница, така што индексот нужно упатува на потребата од интерсекциски пристап во разгледувањето на родовите нееднаквости“, објаснува таа.
Преку индексот тие откриле за поврзаноста односно како достапноста на инфраструктурата за грижа ги детерминира на некој начин (не)еднаквите можности за вработување.
„Можевме да видиме дека во општините каде што има барем една детска градинка, стапката на вработени жени е повисока во просек и јазот помеѓу вработени жени и мажи е помал. Исто така во општините каде што има барем една детска градинка стапката на жени коишто се исклучени од пазарот на труд, заради обврски за грижа или како официјално што се водат во статистиката како домаќинки, е пониска. Иако оваа поврзаност не имплицира каузалност сепак е индикативна и величината на ефектот е голем што јасно упатува на постоењето на структурна нееднаквост на мажите и жените и алармира на поголеми вложувања во достапноста на инфраструктура за грижа, за да се редистрибуира всушност неплатениот труд на грижа кој што е причина за една од најголемите нееднаквости меѓу мажите и жените“, заклучува Лешоска.
Автор: Кристијан Трајчов