Од подобра искористеност на ЕУ фондовите, добиваат граѓаните

0
59
Фото: ПИНА

Европските фондови кои државата како земја-кандидат за членство во ЕУ има можност да ги користи, се во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните. На располагање на македонските институции, компании, граѓански организации се финансии од ИПА фондови, ИПАРД, Ерасмус плус и многу слични други европски фондови наменети за различни области.

Меѓутоа, дел од овие средства остануваат неискористени, поради неиформираност за можноста за користење, недостаток на добри проекти, како и комплицираната форма за аплицирање.

Kако ќе ја завршиме годината во однос на искористеноста на фондовите, од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) за ПИНА.мк инфомираа дека „официјални податоци се уште нема, истите се сумираат на крајот на јануари, затоа што некои тендерски постапки се се уште во тек.“

Најмногу пари повлечени за регионален развој

Од Министерство за финансии за ПИНА, изјавија дека најмногу пари од овие фондови се повлечени за регионален развој, и тоа во износ од 333,7 милиони евра.

Од таму велат дека вкупната реализација на ИПА1 програмата во периодот од 2011-до 2021 изнесува 505,5 милиони евра. Според нив, најголем фокус во оваа програма после регионалион развој е за зајакнување на капацитетите и транзициска помош со 118,8 милиони евра, 36,9 милиони евра за развој на човечки капацитет и 16 милиони евра за земјоделство.

„Во ИПА 2 програмата, која е во тек на реализација, досега се реализирани 116,6 милиони евра. Фокусот во оваа програма е ставен на транспортот, животната средина и земјоделството,“ изјавија од Министерство за финансии.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски неодамна изјави дека земјава е лидер во регионот по однос на искористени средства од програмата ИПАРД.

Тој истакна дека како лидери во искористеноста на програмата ИПАРД, како држава не вративме ниту едно евро назад во европскиот буџет, како што тоа беше во 2007 и 2015 година, кога 55 милиони евра не беа искористени за модернизација во земјоделството.

Потребни се обуки за пишување на проекти

Нами Исаки, активист и извршен директор на Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) за ПИНА, изјави дека не секогаш ЕУ-фондовите се користат според очекуваното, а една од главните причини е бидејќи организациите не можат да обезбедат моментот на ко-финансирање.

„Иако ова може да предизвика проблеми за многу организации, ние треба да се потрудиме повеќе да ги искористиме овие фондови. Во крајна линија, ние сите губиме доколку парите се враќаат назад и не се искористат за нашата заедница. Затоа, треба да работиме заедно и да се посветиме, за да се обезбедат сите потребни ресурси за успешна реализација на проекти финансирани од Европската унија,“ изјави тој.

Според Исаки, едно од можните решенија за да се зголеми употребата на фондовите од Европска унија е да се организираат обуки за пишување проекти. Тој истакна дека ваквите обуки можат да им помогнат на организациите да се подготват и да напишат успешни апликации за фондови, што пак може да ја зголеми шансата за добивање на финансиска поддршка.

„Исто така, мотивацијата на организациите може да се зголеми со побарување на успешни примери и споделување на искуства со други организации кои веќе имаат успешно аплицирано за фондови. На тој начин ќе се зголеми свесноста на организациите за важноста на аплицирањето за финансиска поддршка и да ги мотивира да учествуваат во понудените можностите,“ додаде Исаки.

Нееднаков пристап до фондовите

Директорот на организација Хоризонт Цивитас, Самет Шабани за ПИНА вели дека што се однесува до европските фондови, Македонија има големи можности од нејзиниот сегашен статус како кандидат за ЕУ.

„Но, како и во многу други сфери во животот, во Северна Македонија продолжува недостатокот на еднаков пристап до можности. Има група многу добро информирана за можностите на европските фондови, а со тоа и нивните корисници, а друга група (кои се мнозинство) тотално неинформирани. Различните платформи за вмрежување на граѓанскиот сектор преку кои имаат најави за различни европски можности за финансирање треба да бидат подостапни за сите граѓански организации во земјата. Соработката на информативните платформи директно со Централниот регистар, може да го зголеми пристапот на граѓанскиот сектор до овие можности и со тоа да обезбеди еднакви услови,“ изјави Шабани.

Тој истакна дека Европските фондови бараат доста посветеност и професионално пишување односно аплицирање. Според него, истото важи и во текот на целосното спроведување, особено при доставување на поврзана документација (извештаи, рамка на резултати, теорија на промена, итн.).

„Мнозинството на граѓанските организации кај нас се соочуваат со предизвици околу овие потреби’’, додаде Шабани.

Независно од европските фондови кои и се на располагање на државата, Европската комисија на 30 јуни го промовираше новиот финансиски пакет за поддршка на 14 водечки инвестициски проекти во областа на транспортот, енергијата, животната средина, човечкиот капитал и поддршката на приватниот сектор во Западен Балкан, во вредност од 2,1 милијарди евра.

Автор: Зенел Мифтари

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА