Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА објавува повик за новинарки за изготвување на мобилни, мултимедијални и/или пишани стории/анализи на локално ниво. Повикот е во рамки на Програмата за жени новинарки, која е дел од нашиот проект ,,Жени новинарки за посилно граѓанско општество”.
Целта на проектот е да ги зајакне капацитетите на жените новинарки во земјата во сферата на мобилното и мултимедијалното новинарство преку тренинзи и практична работа на новинарски текстови, како и да придонесе во напредокот на новинарките во медиумската сфера. Како дел од овој повик ќе бидат изработени 5 локални стории кои се однесуваат на важни теми надвор од главниот град Скопје. Изработените продукти од страна на новинарките ќе покриваат актуелни и важни теми на локално ниво.
За таа цел се бара пријавените кандидатки да ги исполнуваат следните услови:
- Да се активни новинари и да имаат интерес за учење и напредок во сферата на медиумите и новинарството.
- Да се стремат да работат според највисоки етички и професионални новинарски стандарди.
- Да се креативни и посветени во работата и создавањето на финалните продукти.
Теми од важност на нашата Програма за жени новинарки се: човековите права, родовите прашања, предизвиците со пандемијата од Ковид 19, владеењето на правото, маргинализираните групи, слобода на медиумите и други теми во договор со ПИНА. Организацијата ПИНА за изработка на сториите ќе обезбеди и техничка опрема доколку тоа е потребно. Има три можности за техничка изработка на сториите – како мобилно видео, како мултимедијална сторија или пак како текст (придружен со фотографии).
За изработка на секоја сторија се предвидени 10.200 денари во бруто износ. Ќе бидат контактирани само оние апликанти кои ќе бидат селектирани. Повикот е отворен до 12 јули, 2020 (недела) до 18:00 часот.
Заинтересираните кандидатки своето CV и предлог теми може да ги достават на info@pina.mk, со назнака ,,Конкурс за новинарки на локално ниво”. Во мејлот треба да испратат предлог тема за обработка и краток опис на темата (два параграфи) за тоа зошто темата е важна за јавниот интерес.
Доколку заинтересираните апликанти имаат и дополнителни прашања за конкурсот, освен на мејлот на ПИНА може да ги испратат и на Програмскиот координатор на проектот, Ивана Петрушевска Митровска, на petrusevska@gmail.com.
Проектот ,,Жени новинарки за посилно граѓанско општество“ е поддржан од програмата Цивика мобилитас, програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) за поддршка на граѓанско општество во Македонија, која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.