Додевска: Се надевам дека нема да остане само на осуда, туку ќе има и разрешница

0
386

Со пцовки и навреди се соочила новинарката Катерина Додевска која деновиве, вршејќи ја својата работа, побарала изјава од директорот на топланата Скопје, Север Куштрим Рамадани. Порталот во кој работи Додевска, МКД.мк денеска објави дека Рамадани во телефонски разговор бил консултиран и му бил побаран коментар за изјава дека топланата Скопје Север работи на мазут, иако нема дозвола, а место коментар, тој се обратил со висок тон, пцовки и закани кон новинарката.

За ПИНА, Додевска вели дека однесувањето и начинот на комуникација нема да го коментира, бидејќи, како што вели „веќе прочитавте и вие и целата јавност“.

„Само сакам да укажам дека ако некој со вас се однесува професионално и ви се обраќа со ‘господине’ и покрај што вие сте вулгарен, треба да ви даде правец дека ве поттикнува на некој начин да ја разбудите културата. Директорската функција не ви бара диплома за општа култура, тоа или го имате или го немате. Меѓутоа кога сте јавен функционер, тогаш имате обврска да давате изјави пред јавноста“, вели Додевска.

Таа објаснува дека новинарите се линк на граѓаните со институциите и обврска им е да не молчат доколку откријат нешто, додека обврската на функционерите е тие да споделуваат одговори кои се од јавен интерес, со взаемна почит меѓу двете страни.

„Господинот Рамадани очигледно сакаше да ме понижи, бидејќи ми укажуваше дека тој немал обврска да комуницира со медиумите, ниту со мене, во смисла дека треба да му бидеме благодарни дека ни одговорил на телефонскиот повик и ме праша со тон на потценување, ќе цитирам ‘Кој сте вие бе? Абе кој сте вие бе?’. Ме опцу еднаш, си реков ајде не си слушнала убаво, па потоа уште еднаш, па уште еднаш, веројатно за да го чујам убаво. Според мене една пцовка можеби, иако не оправдувам, но можеби е грешка и избрзаност, но три вулгарни реченици по ред и повеќе од две минути викање на вознемирувачки тон е избор на директорот на топланата Скопје Север, односно тој веројатно се јавил и со таква намера“, вели Додевска за ПИНА.

Истовремено, таа објаснува дека нејзиниот избор била да остане професионална и смирена до крај, и како што вели, да се обиде да му појаси и покрај притисокот и викањето.

„Бев вознемирена, но стравот не треба да биде одраз на нашата професија. Почекавме два дена пред да го објавиме текстот да му дадеме простор тој да реагира или да се извини. Тоа не се случи, напротив кога мојот уредник Александар Дамовски го побара да го праша на што личи такво однесување. Не пцуеше кога чу машки глас, но праша од каде знае и додаде дека може да правиме што сакаме. Денес одлучивме да објавиме бидејќи се работи за поддршка на нашата професија“, вели Додевска.

Новинарката е децидна дека е недозволиво на секој чекор „да се удираат боксови“ на медиумските работници, да се понижуваат новинарите и да бидат навредуваат од луѓе на функција, бидејќи вели „денес сум јас, утре може да е било кој друг“.

Додевска се надева дека овој случај нема да остане само на осуда, туку дека ќе има и негова разрешница.

МКД.мк претходно објави дека Скопје Север без одобрување работеле со мазут, а дека а дека од Секторот за животна средина на Град Скопје била изречена забрана. Директорот Рамадани пак изјавил дека забраната дошла поради притисокот од јавноста.

Додевска пак, за ПИНА вели дека „стои“ зад сториите за Скопје Север и дека тие се проверени со факти.

„Исто како што стојам зад секој мој напис од изминатите 13 години работно искуство како новинарка. Денес имаме уште една сторија за работењето на топланата Скопје Север која покажува дека нашите претходни објави се издржани“, вели Додевска.

Новинарските организации со осуда и барање за оставка од Рамадани

Информацијата која ја објави МКД.мк покрена големи реакции во јавноста, вклучително и на новинарските организации во земјава.

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) алармираат дека ваквиот однос кон новинарите и медиумските работници од одговорните лица е недозволив и непримерен. Според нив, личната пресметка со новинарите и медиумските работници во ниту еден случај не може да се оправда, и посочуваат дека ваквиот однос може да води кон самоцензура.

„Ваквиот однос претставува и притисок на слободата на информирањето на јавноста и загрозување на јавниот интерес. Директорот Рамадани исто така, според разговорот објавен на МКД.мк, се заканува со тужба на новинарката Додевска без никаква основана причина што дополнително говори за нискиот капацитет за професионална комуникација. ЗНМ стои на располагање на колешката Додевска за бесплатна правна помош и за застапување на суд во врска со овој случај“, велат оттаму.

Во меѓувреме, од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека се згрозени од вокабуларот и односот на директорот Рамадани кој непримеро се однесувал кон новинарката Додевска, додека таа ја вршела својата работа.

„Го потсетуваме Рамадани дека е јавен функционер и неговиот однос е недозволив“, децидни се од ССНМ.

Новинарките на „мета“ за својата работа

Неодамнешното истражување на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје покажа дека над 81 % од 103 анкетирани новинарки во земјава се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа.

Според анкетираните новинарки, мотивот за вознемирувањето најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ – 56.6%, во 43.4% од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, додека 36.1% поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија.

ПИНА: Над 81% од 103 анкетирани новинарки се соочиле со онлајн вознемирување

По објавата на истражувањето, реагираа и од Европската федерација на новинари (ЕФН) кои посочија дека се загрижени од резултатите од публикацијата, за која велат дека открива сериозни проблеми во заштитата и гонењето на онлајн вознемирувањето на новинарките во земјава.

Автор: Мартин Колоски