Почетна Анализи Рудник со антимон во најава, граѓаните на Крива Паланка загрижени за иднината...

Рудник со антимон во најава, граѓаните на Крива Паланка загрижени за иднината на земјоделието

0
56
Илустративна фотографија | Фото: Dominik Vanyi, Unsplash

Планинските села во Крива Паланка со децении се препознаваат по паланечкиот компир, кој не е само земјоделски производ туку и симбол на локалниот идентитет и начин на живот. Во услови кога населението се намалува, а младите сè почесто го напуштаат крајот, секоја најава за инвестиција отвора надеж за економско раздвижување. Таков е случајот и со најавениот рудник за антимон, кој веќе ја отвори дебатата меѓу жителите, стручната јавност и институциите.

Паланечкиот компир како симбол на локалниот идентитет

Рудникот Крстов Дол е затворен пред повеќе од четири децении, но на терен и денес се видливи траги од поранешната експлоатација на реткиот минерал антимон.

Дел од жителите на Крива Паланка гледаат позитивно на можноста за отворање рудник, нагласувајќи дека „добро е што има инвестиција во градот, со оглед дека младите се иселуваат“. За нив, рудникот претставува потенцијална шанса за нови работни места и задржување на населението. Но, истовремено, укажуваат дека цената што може да се плати е висока, особено кога станува збор за здравјето на луѓето.

 „Тоа е работа во која се копа, се вдишува прашина, а тоа има последици“, вели Стојчо Ѓорѓиевски за ПИНА, додавајќи дека работниците најверојатно ќе бидат изложени на ризици кои не се соодветно платени.

Покрај тоа,  вели дека отворањето рудник може да значи постепено напуштање на земјоделието во одредени делови. Иако населението во тие села не е бројно, стравувањата се насочени кон иднината на традиционалниот начин на живот.

„Овде најмногу се сади компир, познати сме по тоа. Ако се отвори рудник, ќе мора да се откажеме од земјоделие“, вели Ѓорѓиевски.

Скепсата кај локалното население се однесува и на примената на современи технологии. Иако постои надеж дека ќе се користат иновации и високи стандарди за заштита, дел од жителите не се убедени дека тие ќе се применуваат доследно. „Тоа се скапи инвестиции и високи стандарди, прашање е дали сето тоа ќе се спроведе како што треба“, коментираат тие, посочувајќи дека работниците ќе бидат „први на удар“ доколку не се обезбеди адекватна заштита.

Од друга страна, академската јавност укажува дека современото рударство значително се разликува од практиките од минатото. Деканот на Факултетот за природни и технички науки, Ѓорги Димов за ПИНА објаснува дека „современото рударство и современата екстракција на минерални суровини не подразбираат неконтролирано испуштање на штетни материи“. Според него, во земјите каде што постои регулирана експлоатација, не се дозволува загадување на животната средина.

Ѓорги Димов, Декан на Факултетот за природни и технички науки

„Зошто би дозволиле ние во Македонија да се случува тоа, кога денес постојат нови регулативи и технологии?“, прашува Димов, додавајќи дека отворањето нови рудници е тренд и во Европа. Тој посочува дека процесот на отворање рудник трае со години и вклучува детални истражувања и проектирање, при што се применуваат технологии кои не влијаат врз загадување на воздухот, водата и почвата.

Димов објаснува дека антимонот најчесто се јавува во форма на минералот стибнит, кој содржи одреден процент на метал.

„Тој процент треба да се извади и да се сконцентрира. Ако имаме 3 до 5 проценти, треба да се добие концентрат од 20 до 30 проценти, кој потоа се носи во топилница“, вели тој.

Во овој процес, додава, клучно прашање е што се случува со преостанатиот материјал, односно јаловишната депонија, која претставува најголем потенцијален извор на загадување.

„Тоа се работи на кои треба многу да се внимава, јаловишните депонии и отпадот се најголемите извори на загадување во рударството“, вели Димов.

Според него, современите технологии предвидуваат враќање на отпадниот материјал назад во ископот, со што се намалува ризикот од загадување и се подобрува стабилноста на рудникот.

Во однос на институционалниот капацитет, Димов е дециден дека државата има можност да врши контрола.

„Имаме институции и обучени кадри , инспектори, инженери од различни области кои можат да го следат процесот и да реагираат на неправилности“, вели тој, додавајќи дека е клучно правилата да се постават уште на почетокот.

Спротивен акцент става медицинската струка, која го става здравјето во преден план. Професорката на Медицинскиот факултет, Мирјана Димовска, истакнува дека „за здравствените работници здравјето е пред сè, па потенцијалните штетни влијанија од рудниците мора сериозно да се земат предвид“. Таа посочува дека загадувањето на воздухот, водата и почвата може индиректно да влијае и врз храната, преку присуство на тешки метали и други хемикалии.

Димовска укажува и на досегашните искуства во земјата, каде што одредени рудници оставиле последици врз животната средина.

„Потребно е да се направи детална проценка на исплатливост, која ќе ги спореди економските придобивки со здравствените загуби, вклучително и директни и индиректни трошоци“, вели таа.

Според неа, овие трошоци вклучуваат не само лекување, туку и отсуства од работа и намален квалитет на живот.

„Како лекар сум против отворање рудници и сметам дека државата треба да се насочи кон зелени економии и обновливи извори на енергија“, вели Димовска, додавајќи дека здравјето на населението мора да биде приоритет.

Законска рамка и обврски за заштита на животната средина

Правниот аспект на проектот за ПИНА го објаснува адвокатот Александар Димитријевиќ, кој посочува дека законската рамка поставува строги правила за вакви активности.

Александар Димитријевиќ, адвокат

„Секој рудник е должен да обезбеди висок степен на заштита на животната средина и здравјето на луѓето, согласно законот за животна средина“, вели тој.

Објаснува дека пред да започне со работа, рудникот мора да помине низ неколку клучни постапки, меѓу кои добивање концесија, изработка на студија за оцена на влијанието врз животната средина и обезбедување интегрирана еколошка дозвола.

„Овие постапки имаат за цел да ги утврдат и ограничат потенцијалните влијанија уште пред почетокот на експлоатацијата“, додава Димитријевиќ.

Според него, операторот има обврска да применува најдобри достапни техники, да врши континуиран мониторинг и да ги почитува граничните вредности на емисии.

„Начелото ‘загадувачот плаќа’ значи дека рудникот е должен да ги сноси сите трошоци за санација и да ја врати животната средина во првобитна состојба“, нагласува тој.

Дополнително, пред почетокот на експлоатацијата се обезбедува финансиска гаранција за покривање на потенцијалните штети, а во текот на работата се врши редовен инспекциски надзор.

„Инспекторите имаат право да ограничат или забранат работа доколку се утврдат неправилности, како и да изречат високи казни“, вели Димитријевиќ.

Вели дека граѓаните имаат право активно да учествуваат во процесите, преку јавни расправи и поднесување претставки до надлежните институции.

„Постојат и механизми за судска заштита, вклучително и тужби за надомест на штета и кривични пријави доколку се утврди загадување“, додава адвокатот.

Граѓанска иницијатива против законските измени

Во контекст на дебатата за рудникот и законските измени, граѓанската организација „Здрава Котлина“ иницира петиција со која повикува на повлекување на предложените решенија и отворање поширока јавна расправа. Тие предупредуваат дека измените на законите за минерални суровини и концесии можат да го прошират просторот за доделување концесии и отворање нови рудници, со потенцијални последици врз животната средина, приватната сопственост и здравјето на населението. Дополнително, како спорно се посочува и носењето на вакви законски измени по скратена постапка, без доволно вклучување на стручната и пошироката јавност.

Авторка: Маја Терзиова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.