Непрочистените отпадни води – значаен извор на загадување

0
106
ФОТО: „Разбистри сè!“

Во земјава се уште недоволно се прочистуваат отпадните води, а особено голем проблем претставуваат комуналните отпадни води. Значаен дел од градовите се уште немаат доволно функционални пречистителни станици, што значи дека дел од овие води завршуваат во реките и езерата и се извор на загадување, велат познавачите.

Според анализата на Институтот за комуникациски студии насловена „Евиденција на притисоците врз водните ресурси: Кој ги загадува водите во Македонија?“, институциите не располагаат со комплетни податоци за тоа кој, со што и во колкав обем ги загадува и ги користи водите во Македонија.

,,Податоците за загадувањето кое потекнува од операторите на индустриските постројки се прибираат преку прашалници, а од осумдесетина општински јавни комунални претпријатија, податоци за количината на испуштените води и параметри за загадувањето се добиени само од три (Скопје, Берово и Македонски Брод). Консеквентно, нема точен и релевантен податок за изворот на загадување, за параметрите и степенот на загадувањето на реципиентите со индустриски и комунални отпадни води“, се вели во публикацијата и понатаму се посочува дека е потребен јавно достапен Катастар на загадувачи на води кој ќе ги содржи податоци за активностите и објектите коишто претставуваат или можат да претставуваат ризик за животната средина.

Според оваа анализа и јавните комунални претпријатија испуштаат отпадни води без дозвола. ,,Евидентна е воспоставената практика на државата да ги толерира и да не ги санкционира субјектите кои користат и испуштаат отпадни води без дозвола и на неказнивост на штетните испуштања без прочистување, па оттука секој може да испушта штетни и опасни материи без да поседува дозвола, да загадува и без притоа да плати за репарација на ресурсот или да подлежи на санкција за своето противправно дејствување.

За илустрација, во 12 општини јавните претпријатија немаат обезбедено дозвола за користење вода, а 8 јавни претпријатија воопшто немаат поднесено барање за дозвола. Од вкупно 36 јавни претпријатија коишто вршат услуги за собирање и одведување и/или прочистување на отпадни води, дозвола за испуштање имаат само четирите јавни претпријатија од Струмица, Берово, Македонски Брод и Кочани. Секако, немањето дозвола не ги спречува општините и нивните комунални претпријатија да ја фактурираат услугата за водата која нелегално ја зафаќаат и ја дистрибуираат, односно нелегално вршат испуст и ја загадуваат животната средина“, се вели во публикацијата.

Според друг извештај пак, насловен ,,Статистика на животната средина, 2019“ на Државниот завод за статистика, во 2017 година, од вкупно испуштените непречистени отпадни води од индустријата и рударството, 0.3 % биле испуштени во канализација, a 99.7 % во водотеци. Таа година, во езерата немало испуштање непречистени отпадни води од индустријата и рударството. Како главен реципиент на пречистените отпадни води пак била јавната канализација.

Индустриското испуштање на отпадни води во последниве години е делумно подобрено, дел поради воведувањето на прочистителни станици, а дел поради тоа што дел од индустријата низ годините е затворена, вели професорот од Природно математичкиот факултет, Златко Левков.

,,Најголемите загадувачи, како што се Топилница Велес, Хемиска Индустрија Велес, ОХИС и други се веќе нефункционални со години (децении). Но, и покрај тоа сведоци сме на постојани инциденти во животната средина, со испуштање на непрочистени и често токсични оптадни води. Тоа доведува до масовно изумирање на видовите, особено на осетливите, и на нивно место населување на толерантни видови кои се многу помалобројни. Од друга страна во колку отпадната вода е со изразена токсичност, и популациите на овие толерантни видови се намалуваат.

ФОТО: „Разбистри сè!“

Во случај да се испуштаат води богати со органски материи (од прехрамбена индустрија – за млеко, месо, масло) тогаш во водата се развиваат бактерии и мувли кои го трошат кислородот (неопходен за живот на сите животни) и се појавуваат анаеробни (бескискородни) услови. Во таква средина животните не се во можност да преживеат и или мигрираат (во колку можат) или изумираат.

Типичен пример за ова е река Воденишница во сливното подрачје на река Струмица. Ова остава долгорочни последици по екосистемот и се потребни децении да истиот се врати во нормална состојба“, вели Левков.

Лошо справување со комуналните отпадни води

Професорот Левков вели дека состојбата со комуналните отпадни води е доста лоша особено поради тоа што според него значен дел од поголемите градови немаат функционални пречистителни станици.

,,Комуналните води се со комплексен хемиски и биолошки состав и во себе содржат најразчни органски материи (детергенти, масла, алкалоиди, јаглеводороди…) и тешки метали. Тоа доведува до драстична измена во живиот свет со целосно исчезнување на типичните видови и населување на многу мал број изразено толерантни видови.

Единственото нешто што може и под итно мора да се превземе е да се изградат и пред се правилно функционираат пречистелни станици. Ова второто е особено битно кај нас, зошто сме сведоци дека истите ќе се изградат, но по извесно време или не функционираат или делумно функционираат и тоа поради нашата необразованост и несвесност“, додава тој.

Како особено загрижувачка ја издвојува состојбата во Охрид, бидејќи се уште има делови кои не се приклучени на канализациските системи.

,,Меѓународните институции се многу позагрижени од нас. Причината е главно двојна: негрижа на власта, односно заради профитот на неколку луѓе се уништува најголемото биолошко богатство во Европа. Сведоци сме дека на најбитните локалитети кои треба да бидат најстого заштитени, се градат хотели, викенд куќи, па и цели населби.

Дел од нив и не се приклучени на канализација туку своите отпадни води ги испуштаат во септички јами – постапка од пред неколку века. Очигледно е дека овие јами се во директен контакт со езерската вода и оптадните води се вливаат во езерото. Страшно е да се каже дека дел од населбите на брегот немаат канализација во 21 век“, вели Левков.

Негативно влијание врз животната средина

Невена Георгиевска од „О2 Иницијативата“ вели дека испуштањето на непрочистени отпадни води во водотеците има повеќекратно  негативно влијание врз животната средина, не само врз водниот свет од реките и околината тука врз почвата која се полева со таа вода.

,,Сите тие хемиски елементи, токсични и во најголем број случаи канцерогени потоа се внесуваат во исхраната кај човекот и стоката. Друга штета е што целата таа појава е толку вообичаена, што треба да се случи штета од огромни размери, помор или менување боја на водата па да се реагира, а и во тој случај санкционирањето оди многу тешко, спогодби, жалби, отфрлање тужби заради смешни технички пропусти, така да и доколку се реализира казната, таа е неспоредливо мала во однос на предизвиканата штета, па никако не се стимулира решение со имплементирање и редовно санирање на испуст на индустриски води“, додава Георгиевска.

МЖС: Индустриските капацитети подлежат на дозволи со услови како се третираат отпадните води

Од Министерството за животна средина за ПИНА велат дека кога станува збор за отпадните води од индустријата апсолутно не може да се каже дека се испуштаат во јавна канализација бидејќи индустриските капацитети подлежат на дозволи, во кои се точно пропишани условите за испуштање и третирање на отпадните води.

,,Големите индустриски капацитети полежат под А Интегрирани еколошки довзвоили што ги издава МЖСПП а ги контролира Државниот инспекторат за животна средина, а помалите под Б Интегрирани еколошки доволи што ги издаваат ЕЛС а ги контролираат локалните инспекциски служби.

Во однос на комуналните води со кои управуваат Јавните комунални претпријатија,  исто така подлежат под соодветна дозвола за испуштање на вода во реципиент и истите се задолжени да ги почитуваат пропишаните услови“, велат оттаму.

Тие информираат дека министерството преку Секторот за води и согласно Национaлнaта стратегија за води има направено листа за приоретизација на пречистителни станици во која влегуваат агломерации поголеми од 10.000 е.ж.

,,Изградени пречистителни станици од ИПА1 програмата (2007-2013) се Прилеп, Радовиш, Струмица и Кичево, додека од ИПА 2 планирани за изградба се Битола и Тетово, а во рамки на ИПА 3 во фаза на проектирање се пречистелни станици за Велес и Штип и колекторски ситем за Виница и поврзување на пречистителната станица во Кочани“, велат од министерството.

Автор: Кристина Озимец

„Со оваа сторија, ПИНА се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“