Според податоците на Центарот за рангирање на светски универзитети (ЦРСУ), од неодамна УКИМ е рангиран на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година. ЦРСУ ги оценува универзитетите и колеџите според квалитет на образование, можност за вработување, настава и истражување. Рангирањата покажуваат дека постепено низ годините квалитетот на УКИМ опаѓа, со оглед на тоа што од пред пет години има пад за повеќе од 170 места на листата.
А според Шангајското меѓународно рангирање пак, УКИМ се’ уште не е на листата меѓу најдобрите 1.000 универзитети, иако во Националната програма на Владата за 2020 – 2024 како една од целите беше поставување на механизми за конкурентност и евалуација во високото образование согласно критериумите на Шангајската листа и рангирање на универзитетите со цел зголемување на квалитетот на високото образование.
Центар и Правилник за обезбедување на квалитет
Марија Маневска, генерален секретар на УКИМ вели дека е воспоставен Центар за управување со квалитет, а исто така бил донесен и Правилник.
„Универзитетот донесе Правилник за обезбедување на квалитет во кој се уредуваат стандардите и постапката за обезбедување на систем за квалитет во работењето на Универзитетот и единиците, кој се темели на воспоставување на стандарди и методи за унапредување на квалитет и постигнување на највисоките нивоа на образовната, научно-истражувачка, уметничка и применувачка, односно апликативна дејност, како и во стручните и административните активности на Универзитетот.
Системот за обезбедување на квалитет овозможува континуирано следење на процесите и препораките за унапредување на квалитетот во работата на Универзитетот и единиците, следење на резултатите од активностите поврзани со спроведување на политиките за обезбедување на квалитет и воспоставување механизми за подобрување на работењето на Универзитетот и неговите единици,“ изјави Маневска за ПИНА.мк.
Во насока на подобрување на квалитетот, таа го потенцираше и вмрежувањето на Универзитетот во Алијанса со западно-европски универзитети, каде што ќе имаат мобилност на студенти и наставен кадар, искуства кои ќе послужат за подигнување на квалитетот на образовниот процес.
„Активно се работи на вмрежување на професори на УКИМ со научници и професори од странство, а нашиот наставен кадар е секогаш спремен да ги искористи дадените можности за усовршување и меѓународна соработка, но за да се одржи и подобри нивото на научно-истражувачката работа, потребна е многу поголема заложба на државата со буџетско финансирање во науката и високото образование,“ додава Маневска.
Таа го потенцираше и вложувањето во иновативни студиските програми и нивното усогласување со потребите на пазарот на трудот.
„Квалитетот на единиците на нашиот универзитет е очигледен, со оглед на тоа што наши научници се добитници на многу странски проекти од различни програми, а нашите единици рамноправно учествуваат во меѓународни проекти, заедно со универзитетите од западноевропските земји. Имаме многу квалитетен наставен кадар и на тоа сме навистина горди.
Негуваме вредности на квалитетно високо образование и студентите кои студираат на единиците на Универзитетот може да се стекнат со знаење, практична настава и различни вештини, со цел да се припремат за својата иднина и да ја изградат својата кариера во нашата држава,“ изјави Маневска.
Дигитализацијата и научно-истражувачка дејност ќе го подобрат квалитетот
Иако во Националната програма на Владата за 2020-2024 беше предвидено дигитализација на образовниот систем, студентите и понатаму голем дел од административните обврски при студирање ги завршуваат со физичко присуство.
Од УКИМ велат дека, Универзитетот напорно работи на целосна дигитализација во своето функционирање, а тоа би ги опфатило и административните и техничките аспекти. На УКИМ постои електронски информационен систем за студентски сервиси, подобро познат како iKnow-систем, кој го користат сите единици во состав на Универзитетот.
„Иако посветено работиме во насока на целосна дигитализација, сето тоа зависи од тоа кога регулативата ќе се промени и ќе овозможи исклучиво електронска постапка за определени административни обврски на студентите. Во голем дел административните обврски се завршуваат на електронски начин, а се стремиме нивниот опфат да биде и поголем. Дигитализацијата на образовниот процес е еден од главните сегменти во стратегијата на Универзитетот,“ вели Маневска.
Таа додава дека, освен дигитализацијата, и современите научни истражувања го трасираат патот на наставниот кадар кон напредок и постојано усовршување.
„Научно-истражувачката дејност е во нераскинлива врска со нивото на квалитетот во високото образование. УКИМ вложува максимални напори за субвенционирање на науката, односно обезбедување на финансии за остварување на научноистражувачката дејност. Ние ги стимулираме научниците при објавата на трудови со импакт-фактор, вложуваме во капитални инвестиции на единиците и иако помошта од државата во научноистражувачката сфера е ограничена, нашата научноистражувачка дејност е задоволителна,“ додава таа.
Што велат студентите?
Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание за ПИНА.мк вели дека УКИМ согласно квалитетот кој што го нуди е на највисоко ниво во нашата држава, но реалната интернационална слика е дека е потребен поголем развој. Системските проблеми, квантитет на студиски програми и бројот на универзитети се причините за одлив на квалитет во високото образование.
Тој лично смета дека треба поголем ангажман од страна на институциите кои работат во полето на високото образование за поголеми можности за студентите тука, и во делот на кариерен развој, и во делот на вработување.
„Сметам дека има еден јаз помеѓу завршувањето на високото образование и пронаоѓањето на работа, а тоа повторно ќе кажам е поради квантитетот на услуги кои што се нудат, притоа квалитетот не е на задоволително ниво. Главните цели на УСС кои притоа се истакнати и во Студенскиот манифест се: бесплатно високо образование, квалитет на високото образование, формирање на национално студенско собрание, дигитализација во високото образование, интернационализација, подобрен студентски стандард, кариерен развој на студентите и поголема автономија на универзитетите,“ вели Николовски.
Тој додава дека институциите ветиле исполнување на целите од овој манифест, меѓу кои е и подобрување на квалитетот на високото образование. Николовски смета дека тековно се работат доста документи кои што ќе овозможат подобрен квалитет на високото образование, но на крај сепак се’ зависи од Министерството за образование и наука и Министерството за финасии како ќе постапат по тие барања.
Во однос на застареноста на студиските програми и моделот на предавање, Николовски потенцира дека зависно од факултетите, и зависно од професорите, секој професор има свој начин на предавање.
„Институциите, факултетите и Министерството за образование и наука треба активно да работат на обуки за самите професори како да бидат во тек со времето и технолошките промени за подобро прикажување на потребниот материјал за изучување за да се помине одреден испит,“ додава тој.
АКВО, орган за следење на квалитетот
Агенцијата за квалитет на високото образование е орган регистриран во Центарот за регистар во 2020 година, составен од одбор за евалуација на високото образование и одбор за акредитација на високото образование. Преку АКВО се остварува системот на обезбедување, оценување, развој и унапредување на висoкото образование.
Одборот за евалуација има подготвено Правилник за стандардите и постапката за надворешна евалуација и самоевалуација, но нема информации дали досега е направена евалуација на високообразовните институции.
Од Агенцијата за квалитет на високото образование ги прашавме за квалитетот на високообразовните институции, но од таму не добивме одговор.
Авторка: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА