[Интервју] Психолог Ивана Маринчек: Од кризата може да се извлечат и големи лекции

0
1181

Пред овој вирус сите сме еднакви, независно од нашата социјална, религиска, етничка или национална припадност. За него границите не постојат, вели во интервју за ПИНА лиценцираниот психолог и психотерапевт Ивана Маринчек, член на Европската Асоцијација за Психотерапија, дел од здружението за психологија и психотерапија Психотерапика.

Ковид 19 го изненади светот и речиси преку ноќ стана најголема закана во последните 100 години за човештвото. Освен што ја нарушува здравствената состојба со фатални последици, тој влијае и на психолошкото здравје на луѓето. Како овој шок влијае на психолошкото здравје на луѓето?

– Промената беше исклучително нагла бидејки прво се се случи многу брзо, второ таа опфати глобални пропорции како ништо друго до сега, и трето истата ги афектира сите области на човековото живеење. Ова е исклучително голем шок и природно очекувани се сите реакции кој истиот ги носи. Дел од вообичаените реакции на шок се:

  • Силен немир и потреба нешто да се направи брзо, како би се избегнала опасноста. Често пати луѓето немаат јасна идеа што всушност сакаат да направат или што е паметно да направат, па водени од немирот и силната потреба да направат нешто влегуваат во непромислени и импулсивни однесувања, кои можат во дадената ситуација да бидат ризични и потенцијално опасни.
  • Чувство на нереалност и дезориентираност, како сето ова што
    се случува да не е реално, т.е. како да е лош сон од кој чекаме да се разбудиме.
  • Емотивна преплавеност. Во ваквите состојби на стрес многумина се чувствуваат како полна чаша на која и фали само една капка за да прсне или да се прелее.
  • Телесна отсеченост. Преголемата преплавеност од новонастанатата ситуација и емоциите поврзани со истата можат да доведат до намалување на свесноста за сопствената телесна присутност. Делови од телото можат да бидат исклучително згрчени, а ние да не бидеме свесни за тоа се додека згрченоста не почне да се манифестира како болка.
  • Притисок во градите и отежнато дишење. Ова го акцентирам посебно, бидејки во актуелната ситуација е исклучително важно. Една од вообичаените реакции на шок и силен стрес е грчење на грбните и градните мускули. Овој грч може да остане неприметен и да се доживее како притисок во градите и отежнато дишење. Во ситуација кога се соочуваме со закана чиј симптом е отежнатото дишење оваа реакција на стрес кај многумина може да доведе до непотребна паника, дополнително зголемување на стресот и уште поголем грч во градниот кош, кој уште повеќе ќе го отежнува дишењето. Во ваквите ситуации кога некој се соочува само со отежнато дишење и нема никакви други симптоми на болест, блага масажа на градинот кош, топла купка и длабоко дишење можат да помогнат да се опуштиме и да го избегнеме непотребното панично одење на лекар.

 

Голем дел од луѓето делуваат дезориентирано, збунето и не се снаоѓаат во новите услови. Кои се вашите главни совети за тоа како да се преброди овој период и како на долг рок да се зачува психичкото здравје но и да се одржи социјалното дистанцирање како една од главните мерки во борбата со Ковид19?

– Дезориентираноста е дел од реакциите на наглата промена. Елизабет Кублер Рос во шеесеттите години на минатиот век ги поставила основите на она што денеска го познаваме како “крива на промени” која опфаќа 5 фази низ кои личноста поминува во ситуации на нагли и неочекувани промени. Според оваа теорија првата фаза е фаза на шок и неверување. На луѓето им е тешко да ја прифатат новата реалност, имаат отпор, се обидуваат истата да ја минимализираат, не ја сфаќаат сериозно и се обидуваат да си продолжат со вообичаениот начин на живот и вообичаените рутини. Токму поради оваа човечка реакција сведоци сме колку беше големо непочитувањето на мерките на предпазливост не само кај нас, туку и глобално низ целот свет. Луѓето не можеа, и некои од нив сеуште не можат, да ја прифатат новонастанатата реалност. Првата реакција е да продолжиме со се како што било, но кога ќе се соочиме со фактот дека тоа повеќе е невозможно, тогаш настапува дезориентираноста. Не можеме назад, а не знаеме како напред и остануваме заробени во средината, дезориентирани и збунети.

Следната фаза е фаза на силна емотивна реакција. Ова е фаза во која емоциите стануваат преплавувачки. Може да не обземе лутина, страв, тага, загриженост, гадење… Водени од силните емоции луѓето во оваа фаза начесто реагираат мошне импулсивно. Тоа можевме да го посведочиме и преку импулсивното купување кое масовно се случуваше и кај нас, но и насекаде во светот.

Кога првичниот емотивен набој кој го предизвикува наглата промена малку ќе стивне започнува следната фаза, а тоа е фазата на преговарање, т.е. “пазарење”. Неможејки се уште комплетно да се прилагодат на новонастанатата ситуација луѓето почнуваат да се “пазарат” и на тој начин се обидуваат да ја одложат или дозираат настанатата промена и своето прифаќање и прилагодување на истата. Во таа смисла почнува “пазарењето” од типот на: “препораката е дека не треба да излегувам од дома, но дали можам да одам на кратка прошетка”, “препораката е дека треба да бидам во самоизолација, ама јас отидов да се видам со пријателите бидејки не бевме повеќе од петмина” и сл. Истовремено ова може да биде и многу креативна фаза во која личноста може да дојде до добри и прифатливи решенија и нови обрасци на однесување кои ќе му помогнат полесно да се прилагоди на новонастанатите услови. Пример за ова е кога утринското кафе со колегите и пријателите одлучуваме да го пиеме на скајп.

Во ситуации кога наглата промена не е комплетно иреверзибилна, креативните решенија изнајдени во оваа фаза во голема мера помагаат во адаптирањето на новата реалност и во голема мера можат да го ублажат падот во следната фаза, која е фазата на депресија, т.е. фазата на деенергизираност. Во оваа фаза се чувствуваме наполно преплавени и струшени од сето она што се случува околу нас.  Ова може да биде особено силно доколку лично сме погодени од некоја лична иреверзибилна промена предизвикана од глобалната промена, како на пример: сме загубиле некоја драга и блиска особа, или сме ја загубиле работата, домот или слично. Ова за многумина може да изгледа како најниската точка во животот, без перспектива или идеа како да се продолжи понатаму. Вообичаени реакции се тага, намалена енергија, комплетна демотивираност, губење на верба во себе и животот, рамнодушност, апатија, изолација и слично. Она што е важно да се има на ум е дека во ваквите ситуации на силен шок и вознемиреност, кога емоциите се силно преплавувачки, а системите на поддршка од другите се ограничени, паѓаат и одбрамбените механизми на личноста, т.е. нејзината способност да се справи со ситуацијата. Затоа ми е важно да потенцирам дека не е ниту страшно, ниту срамно во ваквите ситуации да се побара стручна помош од страна на обучен професионалец кој ќе ни помогне да го пребродиме периодот и да изнајдеме излез од лавиринтот.

Процесот завршува со фазата на помирување и прифаќање во текот на која се помируваме со промената, ја прифаќаме и се обидуваме да се адаптираме на истата преку изнаоѓање на креативни решенија како да се носиме со истата. Секој човек поминува низ овие фази со различна брзина. Некои повеќе ќе се задржат во една фаза, а некои во друга. Важно е да бидеме свесни дека сите овие фази се нормални фази од процесот на прилагодување кон новонастанатата реалност и да се поддржиме себе си и другите да бидеме креативни и да изнаоѓаме индивидуални начини како што побрзо и што подобро да се адаптираме на промената.

Во овој период полн со предизвици драго ми е што гледам дека доста колеги психолози се мошне активни во споделувањето на своите знаења и ресурси во насока на помош и поддршка за зачувување на менталното здравје и добросостојба на луѓето. Како поддршка на граѓаните што полесно да се справат со сопствените реакции предизвикани од шокот, како и што побрзо и полесно да се адаптираат на новонастанатите услови, јас и моите колешки од здружението Психотерапика ја започнавме кампањата #МенталноЗдравјеПоДома во рамките на која неколку пати неделно на нашата фејсбук страна споделуваме техники и адаптирани психолошки интервенции за самопомош кои сите заитересирани лица можат да ги изведуваат во овие услови на изолација.

Нашата земја во изминатите неколку декади поминувала низ безброј кризи, се чини дека одредени периоди влегувавме од една во друга криза во политичка и општествена смисла, па така, за жал граѓаните имаат различни искуства како да пребродат кризни ситуации. Дали овие претходни случувања, може да бидат од помош во пребродувањето и на оваа криза? Колку ќе ни биде потребно да ја надминеме оваа состојба?

-За жал не постои универзално решение кон кое доколку се придржуваме ќе ни гарантира излез од секоја криза. Секоја од овие кризи кои ги наведовте е различна по својата природа и согласно на тоа бара различен приод и начин на справување со истата. За да обезбедиме соодветен одговор на новонастанатата ситуација прво е неопходно да застанеме, во целост да ја согледаме и изанализираме ситуацијата. Да ги согледаме потенцијалните ризици и опасности и да искреираме нови решенија кои ќе ни помогнат истите што повеќе да ги минимализираме.

Искуството со минатите кризи, кои биле поразлични по својата природа од оваа со која се соочуваме сега, не само што нема да ни е многу од корист, туку напротив може да биде и потенцијално опасно. Од она што го видов првата реакција на голем број на луѓето беше складирање на храна од типот на брашно, шекер, сол, масло и конзервирана храна. Ваквата реакција соодведствува на кризна реакција во ситуација на елементарна непогода или вооружен конфликт. Ваквата реакција ни обезбедува чувство на безбедност на тој начин што ни пружа сигурност дека ќе имаме доволно храна за да го пребродиме периодот на криза. Но за жал, во ситуација кога непријателот е вирус многу поважно е да обезбедиме доволно поддршка за сопствениот имунолошки систем, поддршка која брашното и маслото не можат да ни ја пружат. Она што јас го посведочив деновиве во маркетите беа празните рафтови во оделот за масло, шекер, брашно, конзервирана храна и тоалетна хартија, додека рафтовите за здрава храна и суплементи кои го зајакнуваат имуниот систем беа скоро недопрени.

Од друга страна гужвите и турканиците кои настанаа при инпулсивното купување беа во целост спротивни на препораките да се почитува личниот простор и луѓето да не се приближуваат непотребно едни до други. Залихите од основни намирници кои беа креирани сметам дека во никој случај не можат да го оправдаат ризикот на кој луѓето се изложија преку ваквото однесување. Набавените намирници нема да ни помогнат многу дололку следните неколку недели ги поминеме на болница врзани за респиратор.

Го споменавте масовното купување како дел од последиците со кои се соочуваме деновиве. Дали на тој начин луѓето за момент сметаат дека имаат барем мала контрола врз ситуацијата и се чувствуваат посигурно доколку складираат намирници?

– Масовното купување на огромни залихи на храна и хигиенски средства од маркетите сметам дека беше придвижено од потребата за сигурност, безбедност и обезбедување на личниот опстанок. Според Абрахам Маслов, познатиот психолог кој ја поставил пирамидата на мотивација, тоа е второто скалило во хиерархијата на потреби. Првото скалило е потребата од храна, вода, сон и секс. Во ситуација во која се соочуваме со потенцијална егзистенцијална закана ова второ скалило е нарушено. Прекумерното трупање на залихи од храна го гледам како обид да се компензира ова второ скалило преку презасилување на првото. Обид да креираме чувство на егзистенцијална сигурност преку обезбедување на залихи на храна која ќе ни обезбеди физички опстанок.

Исто така купувањето на се и сешто “за не дај Боже, да се најде” е однесување кое ни дава привидно чувство на безбедност, опременост и спремност да се соочиме со тоа што доаѓа. Чувство кое на луѓето во моменти кога се соочени со голема животозагрозувачка неизвесност им е многу потребно.

Вонредната состојба не значи запирање на животот. Верувате ли дека емпатијата и разумот ќе ја надминат секоја ситуација и дека до израз ќе дојде човечката и меѓудржавна солидарност?

-Искрено се надевам дека ќе бидеме доволно мудри за сето ова со кое деновиве сме соочени да го согледаме како една голема лекција од која можеме многу да научиме. Оваа закана не приморува да запреме, да забавиме и да се повлечеме. Соочени со егзистенцијалната опасност неминовно е да погледнеме во сите егзистенцијални прашања кои сме ги поттурнувале “под тепихот” многу долго време.  Во ситуација кога не можеме да избегаме од себе и од овие прашања во обврските и брзаницата на секојдневниот живот почнуваме да се соочуваме со сите нешта кои претходно не сме сакале да ги погледнеме или во кои сме се плашеле да погледнеме. Соочувањето со овие нешта е исклучително тешко, особено во ситуација на глобална тензија и несигурност. Но, истовремено тоа може да биде исклучително моќен катализатор на раст и созревање.

Пред овој вирус сите сме еднакви, независно од нашата социјална, религиска, етничка или национална припадност. За него границите не постојат. Деновиве многу појасно отколку било кога предходно согледуваме колку светот навистина е едно глобално село. Оваа ситуација е истовремено и закана, но и можност за развој на секој од нас, како индивидуално, така и глобално.

Автор: Ивана Митровска

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.