Справувањето со меѓуврсничкото насилство бара сеопфатен пристап

0
176

Масакрот што неодамна се случи во соседна Србија, во кој седмооделенецот К.К. уби девет соученици и еден училишен чувар, а тешко повреди уште неколку ученици и еден наставник по историја, ги „крена на нозе“ институциите во Македонија и го вклучи црвениот аларм кај надлежните власти. Министерството за образование и наука организираше низа дебати и прес-конференции на темата булинг во училиштата, на Владина седница се усвоија Препораки, а се отворија и електронски адреси prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk на кои граѓаните можат да пријавуваат вакви случаи до надлежните.

Според информациите на МОН, од отворањето на електронските адреси, заклучно со 07 јуни годинава пристигнале 30 пораки.

„МОН постапува по секоја пријава која е доставена на електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk. Досега доставени се околу 30 пораки, дел од нив се сугестии од наставници и граѓани во насока на спречување врсничко насилство, а дел се пријави од ученици кои претрпеле одредена форма на насилство. Во такви ситуации, постапката е најпрво одржување состанок на претставници на Педагошката служба со раководството и стручната служба (педагози и психолози) на конкретното училиште, а потоа советување и укажување за преземање конкретни мерки“, изјавија од МОН.

Меѓуврсничкото насилство бележи тренд на зголемување

Од година в година меѓуврсничкото насилство бележи тренд на зголемување во основните и средните училишта, покажува статистиката на Министерството за внатрешни работи.

Во 2020 година, земајќи ги в обзир пандемијата со коронавирусот и онлајн наставата, којашто практично започна од крајот на месец март, биле евидентирани 20 случаи на врсничко насилство.

Дванаесет од случаите биле регистрирани во основни училишта, додека останатите осум во средните воспитно-образовни институции. По сектори за внатрешни работи најмногу биле евидентирани на подрачјето на СВР Тетово – девет, потоа СВР Скопје – шест, СВР Велес – три, и по еден на подрачјата на СВР Штип и СВР Битола. Но, само во еден случај, од претходно наведените е поднесена кривична пријава за насилство против пет ученици.

СВР Тетово повторно е на врвот по бројот на случаи на врсничко насилство и во 2021 година, во споредба со 2020 година. Статистиката на полицијата покажува дека во 2021 година вкупно биле регистрирани 27 случаи во училиштата. Овој пат, повеќе несогласувања меѓу децата имало во основните училишта, 17 случаи, а во средните 15.

Регистрирани случаи на врсничко насилство во средните и основните училишта во Македонија

Од сите нив, евидентирано е едно кривично дело – “нанесување тешка телесна повреда“ против едно лице, како и 14 прекршочни пријави против, за исто толку случаи против 26 сторители, а согласно Законот за прекршоци против јавниот ред и мир (ЗППЈРМ).  

Полициските службеници биле со полни раце работа во 2022 година, во која булингот во основните и средни училишта бележи голем пораст, во споредба со претходните години. Алармот се вклучува бидејќи полициските власти регистрирале вкупно 75 настани на насилно однесување меѓу ученици.

Најголем број на тепачки се случиле на подрачјето на СВР Скопје – 26, како и на подрачјето на СВР Тетово – 24.

„Против нарушителите, преземени се мерки и тоа три лица се кривично пријавени за сторени кривични дела “насилство“, а против 68 лица поднесени се 39 барања за поведување прекршочна постапка за сторени прекршоци од ЗППЈРМ, при што од нив најмногу се за сторен прекршок – “физички напад“, изјавија од Министерството за внатрешни работи за преземени мерки против ученици во 2022 година.

Вербални преписки и физички пресметки од почетокот на годината, заклучно со месец април меѓу ученици во основни и средни ученици во Македонија има регистрирано вкупно 38. СВР Скопје и СВР Тетово повторно имале најголем број на случаи на врсничко насилство во првата половина од оваа година.

Тешко се следи состојбата со булингот во училиштата

Европските држави кои бележат ниска стапка на булинг во воспитно-образовните институции имаат напреден систем на следење на ваквите случаи и меѓуинституционална соработка. Екпертите од областа објаснуваат дека за една земја да го следи врсничкото насилство, трендот на неговиот пораст или намалување, потребно е институциите да ги ажурираат податоците и да имаат дата база на податоци за ваквите случаи.

Во Македонија, освен полицијата која води статистика за регистрирани случаи на врсничко насилство во училиштата, ниту една друга инволвирана институција не располага со податоци за овие случаи.

Од Министерството за труд и социјална политика, велат дека согласно своите надлежности не воделе посебна статистика за врсничкото насилство, поточно овие деца, како што изјавија, влегувале во категоријата на деца – жртви. Па оттаму, иако побаравме статистика за пријавени случаи на т.н. булинг од 2020 година до првите шест месеци на 2023 година, добивме податоци од 2019 до 2021 година според категорија деца – жртви на насилство. Ова покажува дека ресорното министерство ги нема ажурирани ни податоците за вкупната бројка децата жртви на насилство од 2022 година, ниту пак за првата половина од оваа година.

Министерството за образование и наука се правда дека оваа надлежност припаѓа на Државниот просветен испекторат, од каде пак си признаа дека не водат статистика по основ на булинг меѓу ученици.

„Посебна статистика во однос на вакви појави во училиштата не водиме, односно секој случај се третира поединечно според спецификите на истиот“, изјавија од ДПИ.

Ниту Јавното обвинителство не располага со посебни статистички податоци на темата, за тоа колку предмети се во тек, завршени или пак за нивните исходи од 2020 година до денеска.

„Темата која ве интересира не е во исклучива надлежност на кривично-правната регулатива и постапувањето на Јавното обвинителство, особено доколку се има предвид целосното исклучување од кривично гонење за деца до 13 години и посебната постапка  за одговорност на повозрасни малолетници предвидена во Законот за правда на децата. Со оглед на тоа што не постои посебно кривично дело “врсничко насилство”, кога станува збор за кривично-правни настани, Јавното обвинителство не води посебна статистика на предметите кои опфаќаат акти на насилство врз основа на возраста на напаѓачите или жртвите“, појаснуваат од ЈО.

За разлика од институциите, ситуацијата во училиштата е поинаква. Психологот во ООУ „Васил Главинов“ во Велес, Асен Прличков, потенцира дека е особено важно да се бележи секој разговор што стручните служби го имаат со децата и нивните родители, бидејќи подоцна овие записници може да послужат како документи.

„Немањето на статистика за булинг се однесува на ажурноста на институциите. Кај нас, во нашето училиште, сите ученици кои се повикани на разговор, во најголем број на случаи поради несогласувања, нема да речам конкретно булинг, од сите имаме записници од разговорите со тие ученици, доколку е викнат родителот, потпишан е и тој на изготвените записници. Записниците остануваат во училиштето, а ако има потреба, служат како документ. Пример ако донесеме одлука за префрлање во друго училиште“, потенцира психологот Прличков.

Според него, новите Препораки кои ги усвои Владата, а предложени од МОН по масакрот во соседството, заедно со средбите кои ги реализирале со психолозите и експертската јавност, не донеле ништо ново.

„Иницијатива, којашто ја спроведе Министерството за образование и наука, што ги повика психолозите и стручните служби да им укажат на тоа како да се работи оваа тема, ние ја работиме веќе со години. Тие ништо ново не ни кажаа на средбите што ги реализираа. Не измислија никаква „топла вода“. На овие средби задолжително мораа да присуствуваат психолозите, бидејќи сиот овој товар паѓа на психологот. Целата јавност зборува што прави психологот, никој не вели што прави педагогот или дефектологот. Надлежните ништо со оваа иницијатива не направија, туку да се покаже пред јавноста само дека каква-таква иницијатива се направила“, изјави Прличков.

Најпрецизниот документ којшто е донесен од МОН е објавен во август 2020 година и произлегува од Законот за основно образование кој е донесен во 2019 година, кој го носи називот „Упатство за постапка за пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување“. Во овој документ на околу 50 страници детално е објаснето како одредено училиште да постапува кога ќе се појави булинг, но во пракса основните училиштата ретко и да го имаат вметнато во своите меморандуми.

Психолозите оптоварени со бирократија

Психологот Прличков, исто така го потенцираше големиот проблем со кој се соочувале психолозите во основните и средните училишта, а тоа се големите административни обврски кои ги имаат во самите училишта. Прличков објаснува дека доколку се намалат бирократските обврски кои ги имаат стручните служби, конечно ќе можат повеќе да се посветат на нивната работа, поконкретно, решавањето на проблематични ситуации меѓу учениците, нивните вербални напади, конфликти и меѓусебни физички пресметки.

„Да им се даде поголем простор на психолозите да си ја вршат работата за којашто учеле. Институциите што помалку да ги теретат и оптоваруваат психолозите со папирологија. На овој начин ќе имаме повеќе време да работиме со учениците. Јас ако имам проблем со еден ученик, морам барем пет до шестпати во текот на месецот да работам со него. Барем двапати неделно, да го викнам на разговор кај мене, за да можам да ги следам промените. Треба да разговарам со класниот раководител и останатите наставници да проверам како се однесува, да посетам час и слично.  Ако се случува некоја промена кај детето од аспект на булинг, освен класниот раководител, најголема улога имаат родителите. Промената на однесување на сопственото дете, мора да ја согледаат родителите. Се повлекува во себе, тешко комуницира, станува нервозно, аксиозносст се јавува и страв“, додаде Прличков.

Мерки за меѓусебна грижа и поддршка на децата

И статистиката на Првата детска амбасада во светот Меѓаши од година в година бележи пораст на пријавите за меѓуврсничко насилство. Согласно нивните информации, во изминатите 10 години меѓуврсничкото насилство е честа дојава. На „Ало Бушавко“ – телефонската линија за деца и млади, во изминатата деценија имале околу 70-тина дојави со овој проблем.

Зависно од годината, бројот се зголемува, односно намалува, за две до три деца на годишно ниво, со исклучок на 2022 година, каде статистиката бележи енормно зголемен број на пријави на булинг.

Од Меѓаши велат дека пред неколку години како организација биле вклучени во регионален проект посветен на резилиентни училишта, но не и во донесувањето на новите Правилници во училиштата.

„Сметаме дека од исклучителна важност е училиштата во Македонија, да ги практикуваат ресторативниот и резилиентниот пристап во справување со насилството. Затоа апелираме до надлежните органи при носење на новите правилници за училиштата наместо казнени мерки и политики да се создаваат правилници кои се посветени на меѓусебна грижа и поддршка, зајакнување и градење на отпорноста, социјалната поврзаност и здрава и поттикнувачка средина за раст и развој на децата, воспитување и учење“, изјавија од Првата детска амбасада Меѓаши.

„Трансферот меѓу класови во училиште се покажало како успешна пракса“, констатира директорот на ООУ Васил Главинов во Велес, Драги Коцевски, објаснувајќи ги начините за превенција и справување со булингот во основното образование.

Превенирањето на булингот во нашето училиште оди како и претходно, вели директорот Коцевски, со одредени предавања, со одредени советувања со учениците, поаѓајќи од класните раководители.

„Имаме советувања и со родителите, за начини како да ги воспитуваат децата, бидејќи некогаш и самите тие имаат прашалници за одредени прашања, некогаш самите се во недвоумица за тоа како да постапат со нивното дете. Досега имало одредени инциденти, случаи меѓу ученици, доколку ситацијата се пролонгира, сме имале некои разместувања во рамки на самото училиште. Донекаде да, се покажало како успешна пракса трансферот на ученици меѓу класови. Сепак, тоа е горе-долу слична или иста средина. Би рекол дека ова е успешна постапка, бидејќи после разместувањето, овие инциденти прекинале, школувањето продолжило понатаму во нормални услови“, објаснува директорот Коцевски.

Од Меѓаши пак препорачуваат дека за превенција од сите форми на насилство потребен е сериозен и темелен пристап од страна на Министерството за образование и наука и вклучување на целото општество.

„Сите ние како останати чинители во општеството (пошироко и потесно семејство, НВО, активисти, граѓани, врсници) потребно е да дадеме свој придонес во/со зголемување на свесноста за постоењето на меѓуврсничко насилство. Навремената пријава од страна на учениците и наставниот кадар, како и итната реакција од надлежните институции може да помогне во решавање на проблемот“, велат од Меѓаши.

Оттаму забележуваат дека поголемо внимание треба да се посвети и на децата сведоци, кои не реагираат кога ќе забележат каква било форма на насилство.

„Поголемо внимание треба да се посвети и на пасивно – агресивните деца (децата сведоци), кои не реагираат кога ќе забележат каква било форма на насилство помеѓу соучениците во своето одделение, или пак во училишниот двор. Секако, тука не се исклучува потребата да се работи со децата агресори, а особено задолжителна е и поддршката за децата жртви. Во фокусот на стручните служби да е менталното здравје на децата, бидејќи траумите кои децата ги доживеале за време на детството, како жртви на врсничкото насилство се рефлектираат врз нивниот понатамошен психо-социјален равој“, потенцираа од Меѓаши.

Како експертите, така и инспекторите ја објаснуваат важноста на редовните надзори во училиштата. „Согласно нашата годишна програма во текот на месец декември, планиран е редовен надзор во училиштата по однос на активностите – почитување на законската одредба „Советување на родители – родителска школа“, велат од Државниот просветен испекторат.

Оттаму објаснуваат дека согласно законот за основното образование директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон.

Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на било која од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт – упатство, предложен од БРО, а донесен од министерот.

Со Упатството се уредуваат видовите на насилство, начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата. Составен дел од Упатството се Формулар за евиденција на насилството и Формулар за план за заштита на жртвата од насилство, додека стручната служба во училиштата е должна да постапува и да го заштити интересот на ученикот.

Авторка: Габриела Лескова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА