Кој колку билборди доби во предизборието – помалите партии со значајно помалку реклама

0
257

Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат најголем колач од билбордите за политички маркетинг за изборите. Помалите партии се жалат дека рекламирањето на партиите не е фер, како и дека – ,,големите партии си ги земале подобрите локации за себе“. Бројката со која треба да бидат застапени политичките партии е веќе решена со Изборниот законик, каде е регулирано дека помалите партии одат со 10% застапеност, а поголемите (власт и опозиција) со по 40%, велат познавачите.

СДСМ добила најмалку 286 и ВМРО ДПМНЕ најмалку 276 билборди низ целата држава за време на последните избори, а следна е ДУИ со 54 паноа за рекламирање на својата предизборна агенда.

Од организацијата Импетус – која го следи мапирањето на билбордите за политички маркетинг ги добивме податоците од бројот на билборди на партиите кои тие ги мапирале низ државата, кои може да го погледнете во продолжение.

ПАРТИЈА БРОЈ %
СДСМ 286 38.2
ВМРО-ДПМНЕ 276 36.8
ДУИ 54 7.2
ЛЕВИЦА 32 4.3
ЕДИНСТВЕНА МКД 30 4.0
ИНТЕГРА 19 2.5
ДПА 14 1.9
ГДУ 12 1.6
МК КОНЦЕПТ 12 1.6
АЛИЈАНСА & АЛТЕРНАТИВА 8 1.1
ГЛАС ЗА МКД 6 0.8
ВКУПНО 749 100

 

Помалите партии незадоволни од рекламирањето

Помалите партии сметаат дека се ставени во значајно понеповолна ситуација за видливоста во јавниот простор. Од Левица сметаат дека на изборите воопшто немало фер рекламирање меѓу партиите, како и дека ,,големите партии си ги земале подобрите локации за себе“.

,,СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ си ги поделија најубавите локации за билборди, а остатокот го фрлија на „помалите“ партии за што пак требаше да има и жрепка за локации“, велат од оваа партија.

Според податоците на Импетус, Левица на изборите имала 32 билборди со содржини во Битола, Куманово, Гостивар, Охрид, итн.

Флакрон Беџети, портпаролот на Алијансата за Албанците за ПИНА вели дека треба да се најде некое решение кое ќе биде помалку дискриминациско кон помалите партии кога се работи за рекламирањето. Тие според податоците на Импетус, имале 8 билборди во предизборието.

,,Секако дека не може на исто ниво да бидат малите партии со големите, но сметаме дека има простор да се даде повеќе и тоа не само за билбордите, туку треба да се даде повеќе простор и во медиумите и ние би поддржале такви промени“, смета Беџети.

Како функционира поделбата?

Лилјана Пецова Илиеска, проектен менаџер во Импетус вели дека процентот, односно бројката со која треба да бидат застапени политичките партии е веќе решена со Изборниот законик, каде е регулирано дека помалите партии одат со 10% застапеност, а поголемите (позиција и опозиција) со по 40%.

,,На тој начин, помалите партии немаат еднаков пристап кон медиумите со надворешно рекламирање (билборди), додава таа. Според неа, потребна е транспарентна јавна дебата и заеднички договор меѓу учесниците во изборниот процес за наоѓање решение за промена на Изборниот законик во делот на распределбата на рекламните паноа и билбордите со цел да нема преголемо фаворизирање на најголемите политички партии.

Политичките партии имаат право на закуп за политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди и тоа – 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови; 40% од вкупниот број се достапни на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови; 10% од вкупниот број се на парламентарните партии кои немаат пратенички групи во Собранието и 10% од вкупниот број се достапни на вонпарламентарните партии и независни кандидати.

Општините, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни локациите кои се нудат за политичко рекламирање да ги распоредат по пат на ждрепка. Ждрепката ја спроведува Државната изборна комисија. Доколку некоја политичка партија, коалиција или независен кандидат не го искористи вкупниот процент за закуп на рекламни паноа и билборди или извлечените локации, останатите политички партии и независни кандидати имаат право на закуп на истите.

Од граѓанскиот сектор кој ги следи процесите велат дека иако навидум ваквото решение изгледа нерамноправно, истото сепак обезбедуваоптимална видливост на политичките актери на изборите и ги штити од преголема фрагментација.

,,Ако се појават 50 партии на политичката сцена, тогаш решението штити од преголема фрагментација. Сепак, маргината за најголемите партии можеби треба да се намали за да не бидат фаворизирани“, вели за ПИНА Марко Трошановски од Социетас Цивилис.

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.