Активистите контра директорката на ,,Лајка“ за функционирањето на претпријатието

0
383

Година и половина по најавите за отворање, сè уште не функционира јавното претпријатие „Лајка“ за хуман третман за животните, кое требаше да го замени дотогашното Вардариште. Според изјавите на градските власти, новото јавно претпријатие требаше да го реши долгогодишниот проблем со зголемениот број бездомни кучиња на јавните градски површини, каде што често ги напаѓаат граѓаните.

Неколку пати во јавноста беа најавени „завршните фази“ на реконструкцијата, со што уште еднаш се отвора прашањето за горливиот проблем на Скопјани. Освен нападите од кучињата, проблем е и довербата во институциите. Овој пат, од општината велат дека одложувањето е поради ситуацијата со корона вирусот.

„Реконструкцијата и доградбата на стационарот е во финална фаза и треба да започне со работа во кратко време (очекуваме првата пололина на септември). За жал, овој процес се одолговлече поради пандемијата на ковид-19. Дополнително, стучните лица од областа на ветеринарството посочија дека во текот на месец август не може да се оперира на кучиња скитници, па оттаму е дополнително одложено отворањето на стационарот“ велат од Град Скопје за ПИНА.

Драгана Велковска, советничка во Град Скопје и воедно активист за заштита на животните е децидна дека изговорите за корона вирусот кој ја забави целата работа околу „Лајка“ се неосновани и шупливи.

„И јас постојам и работам во време на истата пандемија и ниту ми е намалена динамиката на работа ниту ми е намалена продуктивноста. Чекањето на донации за да се изгради стационарот, па и уште прикажувањето на тој начин на финансирање на клучна инфраструктура за скопјани како некаков спектакуларен успех, покажува колку на актуелното градско раководство му е неважно конечното решавање на ова прашање. Приоритетите на едно раководство се гледаат во проектирањето на буџетот, во одвојувањето јавни пари. Реализацијата на проекти од донирани средства, како што имавме прилика да се увериме од прва рака – значи зависење од нечија добра волја, одолговлекување на процесот и година и пол изминати без ниту една стерилизација/кастрација на улично животно што е непростливо“ изјави Велковска.

Активистите против сегашната директорка на ,,Лајка“

Активистите за заштита на животните сметаат дека бројот на бездомните животни во Скопје нема да се стави под контрола сѐ додека долгогодишни активисти-волонтери не почнат да управуваат со стационарот. Деновиве, својот револт го искажаа на социјалните мрежи.

„В.д. директорката и Град Скопје за овие година и пол не стерилизираа/кастрираа ниедно куче. Ваквата состојба е резултат на целосното исклучување на активистите од сите процеси поврзани со третманот на бездомните животни во Град Скопје“ тврдат активистите, повикувајќи на нејзина смена од функцијата.

Тие на социјалните мрежи ги споделија своите искуства и ставови за директорката. Од Daisy Family Rescue велат дека поради односот на директорката Петрушевска кон нив, тие ќе покренат и постапка. Преку Фејсбук објава го појаснуваат целиот случај и обвинуваат за притисоци од страна на директорката кон нив.

Директорката на „Лајка“, Тина Петрушевска, во изјава ПИНА вели дека претпријатието е во очекување на потребните дозволи за работа.

„Постојат законски прописи кои мораме да ги испочитуваме и не може да се очекува од мене противправно да дејствувам“ изјави Петрушевска.

„Мора да се прави дистинкција меѓу мојот професионален ангажман и моите права како граѓанин. Се работи за судски спор каде што имам право да си ги остварам своите права како и сите други граѓани и тоа не треба да биде предмет на интерес на јавноста и да се меша со вршењето на мојата должност“ коментира Петрушевска.

Во врска со споделувањето на фотографија на Твитер каде што се коментираат финансиите на претпријатието, побаравме потврда од Петрушевска за што станува збор. Таа вели дека фотографијата која што се споделува е дел од инвестициската програма за 2020 година на претпријатието каде што таа е вршител на должност и истата е изгласана од управниот одбор на претпријатието и од Советот на Град Скопје уште минатата 2019 година.

„Симптоматично е што со овие информации и се пласираат на јавноста непосредно пред отварањето на прифатилиштето како некаква сензација. Инвестициската програма како и многу други акти кои се информации од јавен карактер ќе бидат прикачени на нашата веб страна кога ќе добиеме одлука за тоа од управниот одбор кој ја контролира мојата работа“ изјави директорката на „Лајка“.

Од Град Скопје за ПИНА велат дека фотографијата не преставува финансиски извештај, туку се работи за објава на само мал дел  од инвестициската програма за 2020 година на ЈП Лајка.

„Истата е изгласана од Управниот Одбор на претпријатието и од Советот на Град Скопје уште минатата 2019 година и како таква е јавен документ и основа за буџетските планирања за 2020 година. Од инвестиционата програма до сега не се користени средства, но за тоа најдобро би било да контактирате со менаџментот  на ЈП Лајка“ посочуваат од општината.

Велковска: Правата на животните за одредени советници се материјали за виц

Советничка во Град Скопје, Драгана Велковска пак, вели дека по долгогодишните апели околу прашањата за заштита на животните кои од страна на градските власти остануваат игнорирани, на активистите не им преостанува ништо друго освен сериозно да ја разгледаат можноста и се организираат за настапување со сопствена, независна, листа на следните локални избори.

„Сите останати други опции се повеќепати испробани и докажано не довеле до решение на овој повеќедецениски проблем. Самостојното настапување на наредните локални избори е единствениот механизам што ни е преостанат и кој сме убедени дека ќе значи наметнување на целосно нов пристап кон деликатни прашања, како што е третманот на бездомните животни во Град Скопје“ вели таа.

Како што посочува советничката, одговорот што го добива на седниците по однос на прашањата за заштита на животните најчесто е во форма на потсмев и „паланечка“ ароганција.

„На прашањето не му се пристапува нималку сериозно, камоли посветено. Правата на животните за најголем дел од советниците во Град Скопје се само материјал за виц и ништо повеќе. Ако прашувате што јас како дел од активистите сум добила како одговор од градското раководство – игнорирање, лаги, патолошки лаги, вознемирувачка презентација на хронично непознавање на сите аспекти од процесите за хумано и трајно справување со бројот на бездомните животни“ појаснува таа.

Велковска како долгогодишен активист за заштита на животните, вели дека заедно со другите активисти во државата секојдневно комуницираат и со активисти од целиот свет кои еднакво посветено работат на заштита и благосостојба на животните во нивните земји. Таа смета дека вистинската стратегија залови-стерилизирај-вакцинирај-врати е единствената ефективна хумана стратегија, економски најисплатлива која многу брзо дава резултати и придонесува за трајно решавање на состојбата со бездомните животни. Но и во комбинација со други мерки и на локално и на национално ниво, како што е субвенционирањето стерилизации и кастрации на вдомени улични животни, високи неселективни казни за неодговорно сопствеништво и строга контрола и даночење на размножување животни.

„Македонските институции многу сакаат да повторуваат „ние не сме Швајцарија, ние не сме Германија“. Холандија неодамна беше прогласена за прва земја во светот во која нема бездомни животни. Како? Преку ригорозна примена на стратегијата залови-стерилизирај-вакцинирај-врати која Светската агенција за заштита на животните ја оценува како најефективен начин за трајна и хумана контрола на популацијата бездомни кучиња. Зад оваа стратегија стои наука. Ако се стремиме кон Европа, македонските институции мора тоа не само декларативно, туку и во практика да го покажат низ политиките и пристапот кон ваквите прашања“, потенцира советничката.

Автор: Бјанка Станковиќ

Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на текстот е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.