Објава на Реакција на дискусија и Одговор на Реакција

0
221

До нашиот медиум стигна Реакција на двајца уредници на агенцијата МЕТА за дискусијата објавена на ПИНА.мк, насловена ,,Дискусија: Предизвиците на новинарките во земјата“, во која меѓудругото се изнесени и бројни неосновани квалификации за нашиот веб портал и организација. Во прилог ја пренесуваме целата реакција, а потоа следи и одговорот на истата од уредничката на ПИНА.мк – Кристина Озимец.

До Кристина Озимец, уредничка и новинарка во ПИНА.мк

БАРАЊЕ ЗА ОБЈАВА НА ДЕМАНТ И ИСПРАВКА

Почитувани,

На 22 август, на Фејсбук-страницата на ПИНА.мк и на 24 август на веб-страницата на ПИНА.мк е објавено, а на 24 август на Фејсбук-страницата на ПИНА.мк е и ре-објавено видео со наслов „Дискусија: Предизвиците на новинарките во земјата“, во коешто се наведува дека ќе се говори за: „состојбата на жените во медиумската фела во Северна Македонија и за притисоците од бизнис-политичката сфера кон новинарите и обидите некои теми да не излезат во јавноста“, при што меѓу темите за вербални и онлајн напади врз новинарки и новинари е вброена и дискусијата со г-ѓата Југослава Дуковска, поранешна надворешна соработничка на новинската агенција „Мета“.

Непријатно сме изненадени од фактот што Платформата за истражувачко новинарство и анализи ПИНА.мк и новинарката Ивана Настеска, како модераторка на дискусијата, не контактираше со некој од редакцијата на новинската агенција „Мета“ за да побара објаснување засновано на факти, со кои ќе ги спротивстави неоснованите обвинувања изнесени од почитувана г-ѓа Дуковска.

Очекувано е новинарите кои пишуваат за ПИНА.мк како платформа која што се стреми да ја зајакне професионалноста во медиумската средина во земјава, и уште повеќе, да го промовира и зајакнува истражувачкото новинарство, да го почитуваат членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија во кој е категорично е назначено дека:

„Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.

Во овој случај ниту еден новинар или уредник во новинската агенција „Мета“ не беше на каков било начин контактиран од самата новинарка, ниту пак од ПИНА.мк како платформа. Не беа поставени никакви прашања, ниту пак беше побарано објаснување за неоснованите тврдења што ги изнесува г-ѓата Дуковска.

Посочуваме и на членот 16 од Кодексот на новинарите кој вели:

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги“.

Не би сакале да веруваме дека ваквото отсуство на професионален пристап кон изработка на ваквата видео-дискусија е однапред конструиран производ на црна кампања против новинската агенција „Мета“.

Изненадува и врамувањето на овој случај во дебата на тема во која се говори за вербални и онлајн напади од политичари, партии, моќници и одредени компании против новинарките во земјава.

Лесно е проверлив фактот дека новинската агенција „Мета“ без исклучок и без разлика на пол, раса, сексуална ориентација или идеолошки убедувања на жртвите, редовно објавува за сите случаи за кршењето на новинарските права во Македонија, а особено за било какви напади врз новинарите, со медиумски содржини кои речиси секојдневно се објавуваат во нашиот медиум.

Овие теми имаат приоритетно значење во нашата уредувачка политика и оттука сметаме дека е недозволиво да се врамува нашиот новинарски труд и достигнувања на ова поле во изминативе години во една манипулативна видео-дискусија. Ваквиот потег на ПИНА.мк го сметаме како напад врз новинарската слобода на известување. Воедно, тоа е и напад врз неприкосновеното право на уредувачкиот тим на „Мета“ да одлучи со кој новинар, на колкав период и за кои теми ќе соработува во интерес на општественото добро и на развој на граѓанското општество во земјава.

Досегашната соработничка на „Мета“, г-ѓата Дуковска во повеќе наврати изминатиов месец изнесе серија на невистинити тврдења, коишто беа повторени од нејзина страна и во видео-дискусијата објавена на веб-страницата и на Фејсбук-страницата на ПИНА.мк. Поради ова, редакцијата на „Мета“ е приморана повторно да ги демантира изнесените тврдења, за кои и самата г-ѓа Дуковска во своето излагање посочува дека истите не може да ги докаже.

Почитуваната г-ѓа Дуковска никогаш не била вработена во Мета.мк и не е отпуштена. Таа беше хонорарно ангажирана со договор на дело кој имаше ограничена должина и заврши. Секоја новинска организација има право без надворешни влијанија и независно да го одбере тимот на новинари со кој ќе соработува, особено затоа што сме во процес на интерна реорганизација за прилагодување на новонастанатите услови поради пандемијата и недостаток на ресурси. Мешањето во ваквите процеси од надворешни страни го сметаме за директен притисок врз слободата на медиумот.

Меѓу другото, во спорните тврдења изнесени во вашата видео-дискусија, г-ѓата Дуковска вели:

„Низ работата, нормално како секој новинар, ќе видиш дека тоа е многу тесна рамка за работа. Излегуваа едноставно теми коишто не можеа да се игнорираат, како кога си новинар, едноставно не можеш да игнорираш нешто, значи тука беше дивоградбите на Матка, па евергрин темата за Охридското езеро и неговото уништување на крајбрежјето и судирот со интереси урбана мафија итн., тоа беа малите хидроцентрали коишто јас како планинар на терен ги гледав како уништуваат природа, како најубавите предели во Македонија ги снемува во цевки на тие хидроцентрали, коишто не произведуваат повеќе него за десетина сијалици струја, но уништуваат цел еден екосистем. И тоа беа теми коишто едноставно кога ги предлагав, ти држи се до она што го договоривме, и не можеме сега, ќе видиме за понатаму. Значи, така останаа тие две години, тие теми ги допирав само странично и не успевав да се наметнам. Жал ми е што еве после тие две години ангажман, којшто престана нагло, само јас бев таа на која што ѝ беше кренат телефон и ѝ беше кажано дека нема повеќе да се соработува со тебе, не успеав да отворам толку многу теми, толку многу работи коишто болат во земјава, а се однесуваат на уништување на нашата животна средина. А престанокот беше така, само со кревање на телефон и не можеме да соработуваме повеќе со тебе. А четири-пет дена претходно ми најавија дека со моја тема, истражувачка сторија ќе се конкурира, значи сама „Мета“ ќе конкурира со моја истражувачка сторија. Кога прашав, добро што е сега со конкурсов, со конкурирањето со моја тема, па добро можеш сама да си конкурираш. Значи, не добив до денешниот ден никакво објаснување зошто е прекината мојата соработка со нив, што ми е многу жал пошто до пред неколку месеци беше одлична, потоа почна да шкрипи, но не би за деталите, имаше промена на уредништвото, симптоматично беше дека во тоа време кога веројатно се преломуваа копјата нели јас да си заминам од Мета, добивав телефонски повици од одамна заборавени пријателчиња, нели под наводници од ДУИ, што не мора да значи, јас морам да кажам, дека не сум сигурна дека тоа има некаква улога, ама мене ми е симптоматично. Активист и новинар којшто чепка некои теми, за коишто знам дека болат бидејќи на терен слушам реакции за тоа дека не треба да се отвораат тие работи и наеднаш се јавуваат некои пријатели и прашуваат што ти толку имаш против ДУИ. Зошто толку ги напаѓаш? Можеби чудно совпаѓање, можеби има некаква врска, не можам да го докажам тоа, но за мене беше крајно непријатно, бидејќи соработката се прекина без јас некоја вина да видам во себе“.

Потенцираме дека при нашата комуникација со Југослава секогаш сме се стремеле кон обработување на актуелни теми од јавен интерес кои ќе привлечат интерес кај јавноста и кои ќе доведат до позитивни промени во заштита на животната средина во земјава. Доказ дека темите за кои г-ѓа Дуковска тврди дека само површно ги опфатила, се објавените содржини на новинската агенција „Мета“. Многу лесно може да се провери и да се утврди дека на веб-страницата на „Мета“ редовно се објавуваат содржини кои се однесуваат на наведените теми – дивоградбите на Матка, Охридското крајбрежје, малите хидроцентрали, како за време, така и по престанокот на соработката со г-ѓа Дуковска.

Меѓу другите горенаведени спорни тврдења на г-ѓата Југослава Дуковска изнесени во видео-дискусијата на ПИНА.мк е, сакаме да ја информираме јавноста дека:

· Ниту на г-ѓа Дуковска како надворешен соработник, ниту на кој било друг новинар соработник на „Мета“ никогаш не им е одбиен текст или необјавен текст на темите: „дивоградбите на Матка, охридското крајбрежје и мали хидроцентрали “.

· Ниту на г-ѓа Дуковска како надворешен соработник, ниту на кој било друг новинар соработник на „Мета“ никогаш не им е одбиен текст или необјавен текст чија содржина е на каков било начин поврзана со која било политичка партија.

Воедно, во однос на конкурирањето со нејзина истражувачка сторија за новинарска награда, точно е дека уредничкиот тим на „Мета“ на г-ѓата Дуковска ѝ предочи дека избрал еден од нејзините текстови како релевантни за конкурирање за новинарска награда. Треба да истакнеме дека ова не е единствениот текст што беше избран за посочениот конкурс, а идентично како и со другиот новинар, како и со слични случаи во минатото, на г-ѓа Дуковска ѝ беше посочено дека таа лично треба да одлучи и да ја пополни пријавата за учество на конкурсот со текст објавен на веб-страницата meta.mk. Ова впрочем е уште еден доказ дека секогаш сме ја вреднувале нејзината работа, но и истовремено посочуваме дека евентуално добиената новинарска награда во секој случај би била на име на г-ѓа Дуковска.

Уште еднаш сакаме да потенцираме дека со објавувањето на сите горенаведени невистинити тврдења се нанесува голема штета на угледот на новинската агенција Мета и на сите новинари кои таму работат. Воедно уште еднаш посочуваме дека тоа што договорот на надворешната хонорарна соработничка, г-ѓа Дуковска, не е продолжен, во никој случај не значи дека медиумот не продолжува етички и професионално да објавува текстови за клучните еколошки теми во земјата.

Оттука, бараме согласно член 14 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како и според членот 3 од Кодексот на новинари на Македонија во целост да го објавите овој демант на видео-дискусијата објавена на 22 август, на Фејсбук-страницата на ПИНА.мк, како и на 24 август на веб-страницата на ПИНА.мк и на Фејсбук-страницата на ПИНА.мк со наслов „Дискусија: Предизвиците на новинарките во земјата“. Бараме демантот да се објави на истото место и на ист начин како што е објавена содржината со наведените клевети.

Со почит, во име на новинска агенција Мета,

Горан Ризаов, главен уредник

Бојан Блажевски, заменик-главен уредник

Скопје , 27.08.2020 г.

ОДГОВОР НА РЕАКЦИЈА:

Почитувани,

Најпрвин да биде јасно за читателите, како што и самите препознавате на ПИНА.мк е објавена дискусија со наслов „Дискусија: Предизвиците на новинарките во земјата“ во која се разговара за генералната состојба на новинарките во земјата и предизвиците со кои се соочуваат.

Од страна на ПИНА.мк, во ниту еден момент или дел во насловот и воведот (описот) на дискусијата, не е спомената новинската агенција „Мета“ на ниту еден начин. Од страна на ПИНА. Мк во ниту еден момент од новинарката која ја води дебатата не е дадена било каква квалификација за споменатиот медиум.

Целта на дискусијата беше отворено да се разговара за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат новинарките во општеството, преку давање простор и можност за да ги кажат своите ставови три долгогодишни новинарки од фелата. Новинарки кои придонеле значајно за развој на новинарството и демократијата во земјата. Сите тие, меѓу кои и колешката Дуковска, искажаа свои ставови за предизвиците со кои се соочувале во изминатиот период во работата како новинарки.

ПИНА.мк не правеше текст, сторија или анализа во кој изнесува било какви свои наводи или сознанија за споменатата тема за да ја бара ,,втората страна“, туку организираше дебата на која секој учесник може да даде свои мислења и ставови за своите искуства во новинарството, без страв од закани за тужби или други притисоци. Тоа секако е така во една слободна и демократска земја, со слободни медиуми кои имаат слободни и професионални, но и разновидни и родово рамноправни уредништва.

Во дебатата беа споменати и други личности и медиуми од страна на самите соговорнички кои не беа присутни, во зависност од нивното лично искуство и мислење и ние секако дека не мораме сите да ги вклучиме во дискусијата.

Демант на цела дебата досега не сме виделе како пракса да постои во новинарството и затоа погрешно насловеното ,,БАРАЊЕ ЗА ОБЈАВА НА ДЕМАНТ И ИСПРАВКА“ на двајцата автори, единствено може да биде објавено како РЕАКЦИЈА на дебатата објавена на нашиот веб сајт, во која се демантираат ставови на еден говорник. Секако, бидејќи ние вистински веруваме и се бориме за слободата на изразување, ваквата реакција и покрај тоа што непотребно содржи квалификации кон медиумот, ќе ја објавиме на нашиот портал – Пина.мк, на Фејсбук страницата на pina.mk, како и на нашиот Твитер профил. Исто така, истата ќе ја објавиме и во објавата на дискусијата со линк кој води до Реакцијата.

Новинарите на ПИНА секогаш се трудат да го почитуваат Кодексот на новинарите, но и многу повеќе од тоа, се водат според новинарски стандарди кои се повисоки и посовремени од домашните.

Двајцата автори на испратениот допис до нас (кој патем не содржи ниту службен печат или потпис) – Горан Ризаов и Бојан Блажевски неправилно користат цитати од Кодексот на новинарите кои се однесуваат на новинарските текстови, изгледа дека го пропуштиле членот 13 од Кодексот кој гласи:

,,Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.“

Всушност домашниот Кодекс одамна треба да се осовремени и надгради за да ја вклучи и реалноста на новинарството во 2020 година, но тоа е друга тема. Авторите на дописот исто така треба да знаат дека во моментов може да ги уредуваат содржините единствено на медиумите во кои работат, а не и на други медиуми или пак да диригираат кои гости ќе ги викнеме во нашите дебати, какви агли ќе имаме на темата во јавните дискусии и како истите ќе бидат најавени.

Особено вознемирува реченицата во нивниот ,,допис“ која се однесува на изборот на гостите во дебатата посветена на состојбата на новинарките во земјата, која гласи:

,,Ваквиот потег на ПИНА.мк го сметаме како напад врз новинарската слобода на известување.“

Тоа што сме се осмелиле да ја поканиме новинарката Југослава Дуковска во дискусија посветена на состојбата на новинарките во земјата и да и дадеме простор да го каже нејзиното искуство и мислење е напад врз новинарската слобода и известување?!

Она што е недозволиво за едно слободно и демократско општество се токму ваквите квалификации за нашата организација и непрофитен медиум, кои со минимални ресурси се борат да придонесат во демократијата и слободата на изразување во нашето општество.

Авторите на овој допис испратен на нашиот службен мејл можат во секое време да ја демантираат новинарката Југослава Дуковска за нејзините ставови и ние тоа секако ќе го пренесеме. Но она што не можат да го прават е да ни испраќаат квалификации за нашиот медиум, невистинити и целосно незаслужени етикети и да ја омаловажуваат нашата работа.

Авторите на овој допис изгледа се уште не се до крај запознаени со одредени процеси на промени кои одамна се почнати во медиумската сфера во земјата и во граѓанскиот сектор. ПИНА.МК имала, има и ќе има одлична соработка со новинарите во МЕТА.

Квалификациите пак кои авторите ги изнеле за нашата дебата и нас како организација и нашиот медиум, оставаме да стојат како потсетник за демократскиот капацитет за критика, дебата и слобода на изразување во медиумите во оваа земја. Во ПИНА.МК овие квалификациии и етикети упатени до нас како и целокупниот однос со Барање да објавиме Демант на дебата (не на текст) и притоа манипулирање со Кодексот на новинарите и Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда – ние го сметаме за притисок врз нашиот медиум, нашата организација и нашата Програма за жени новинарки во чии рамки се одржа оваа дискусија.

За овие случувања ПИНА.МК сега е приморана да ја информира јавноста, нашите поддржувачи но и меѓународните организации кои работат на слободата на медиумите и развојот на граѓанското општество.

ПИНА продолжува со професионалната новинарска работа, со работа на унапредување на слободата на изразување и медиумската сфера, со придонесот во дебатата и различното мислење, како и со борбата за еднаквост на новинарките во уредништвата и менаџментот на медиумите, каде се уште доминираат мажите уредници, сопственици и менаџери. Освен тоа, продолжуваме да создаваме независен простор за новинарство, за слободна дискусија и мисла која неретко недостасува во мејнстрим медиумите. И понатаму остануваме отворени за соработка со сите медиуми и организации кои работат на подобрување на слободата на медиумите која за жал се уште не е на добро ниво, како што тоа го покажува атмосферата на терен но и извештаите на меѓународните организации кои ги следат притисоците со кои секојдневно се соочуваат новинарите.

Со почит,

Кристина Озимец – новинар и уредник на ПИНА.мк