Квалитетот на воздухот во Македонија се мери со недоследности

0
323

Автор: Катерина Топалова

Тригодишната Ема четврти пат оваа зима прави инхалации во домашни услови. Нејзините кревки белодробни крила не го издржуваат загадениот воздух. Сконцетрирани и јаки лекови и помагаат да ги полни градите и полесно да дише. Mајка и, Александра, вели дека трета година, нејзиното семејство ја мери загаденоста на воздухот по здравствената состојба на Ема.

„Нема мерна станица што е порелевантна од нејзиниот нос. Прво се затнува носот, потоа почнува непрекинато кашлање, па болка во градите“, вели 32 годишната скопјанка. „Оваа зима сум среќна,  болницата во Козле уште успешно ја избегнуваме. Лани бевме чести гости таму“, раскажува Александра.

Ова семејство не верува во ветувањата на властите за борба против аерозагадувањето.

„Не можете да очекувате одлуки и трајни решенија од политичари кои не се залагаат да ги поправат мерните станици за да имаме точен податок за загадувањето, а не па да се заложат за нешто конкретно што ќе го расчисти воздухот“, вели Александра.

Тие живеат во Гази Баба,една од најзагедените скопски општини, а како што вели Александра, мерната станица таму постојано е расипана и не покажува податоци за загадениот воздух.

Во Македонија има 18 апарати за мерење на квалитетот на воздухот. Една третина од вкупниот број или вкупно 6 се во Скопје, останатите 12 се распоредени низ земјата. Од Министерството за животна средина велат дека тоа е доволен број и го исполнува барањето на директивата на Европската Унија (CAFÉ-Clean Air for Europe Programme).

Од кога Македонија го мери квалитетот на воздухот?

Пред 11 години, со помош на јапонската Агенција за Меѓународна соработка, е дизајниран Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот. Со помош на студијата која што била изработена во 1997 година, направен е детален план за воспоставување на мониторинг систем.

Во следните неколку години, пак со помош на странски донации од околу 4.2 милиони евра, Македонија ја комплетира мрежата на инструменти кои го мерат квалитетот на амбиенталниот воздух.

Во последните неколку години постојано сме сведоци дека мерните станици се расипуваат и во клучен период од годината не покажуваат никакви резултати. Од Министерството за животна средина велат дека внимаваат да има најмалку два инструмента што функционираат во главниот град. Објаснуваат дека тоа е доволен минимум за да се соберат резултати за следење и превземање мерки, бидејќи, како што велат оттаму, воздухот е флуиден и ако на едно место е загадено, тогаш логично е цел град да е загаден.

Ели Пешева од О2 коалиција не се согласува со ова. Апелира властите да бидат многу поангажирани околу ова сериозно прашање.

„ Нас константно ни недостасуваат информации. Поквалитетно мерење не значи квалитетно мерење, значи за нијанса подобрено, но далеку од доволно. Секој град во Македонија кој што се соочува со проблемот на аерозагадувањето има свој различен извор кој што е доминантен во загадувањето. И во Скопје, различните општини имаат различни проценти на учество во загадувањето. Кај некои доминантјна е индустријата, некаде сообраќајот, некаде греењето на домовите, некаде интензивното градење, некаде дивите депонии, значи проблемот е различен на различни делови и од градот и од државата “, истакнува Пешева.

Со донации до скап систем за мерење на квалитет на воздухот

Мерната станица во Македонија има шест мерачи. Еден инструмент со шест мерачи чини 150 илјади евра. Рокот на траење на секој од нив е 10 години. Со помош на странски донации до сега се сменети само неколку. Државата за прв пат, со буџетски пари набавува инструменти. Од министерството за животна средина велат дека во септември минатата година бил набавен автоматски анализатор за мерење на суспендирани честички PM10 како и на систем за прибирање и обработка на податоци. Вкупно се потрошени 1.839.620 денари од буџетот. Велат дека инструментот е веќе поправен во мониторинг станицата во Гази Баба и е функционална.

Во декември, Министерството набави уште 5 анализатори за мерење суспендирани честички PM10 и систем за прибирање податоци. Набавката чинеше 6.537.200 денари. Инвестирањето во мерната станица беше дел и од стратешката програма на владата.

Сепак, граѓанскиот сектор обвинува дека континуираната негрижа за мерната станица ја забележале и странците-донатори. Ели Пешева од О2 коалиција истакнува оти сите чинители мораат да се освестат.

„Со додавање на пар мерни инструменти во пар мерни станици не го решаваме проблемот. И да го покриваме мерењето на ПМ10 честичките не го покриваме и на останатите полутенти. Не се мери секаде ПМ 2,5 кој што е клучен по загадувањето и по последиците на здравјето на луѓето. Не се мери олово, никел, арсен, останатите диоксини, значи нас и понатаму ќе ни недостасуваат клучните информации, а без клучни информации не може да се направи здрава стратегија која што ќе има резултати на подолг рок. Мора да се земат предвид сите причинители на загадувањето и да се делува на сите истовремено,“ вели Пешева од О2 коалиција.

Пешева потенцира дека земјава немала да дојде до ова ниво да постоела грижа од институциите сите овие години.

„Самите донатори со години по донацијата го одржувале сервисирањето и калибрирањето на мерните станици, значи државата никогаш ништо не инвестирала во нив. Донаторите гледајќи ја институционалната негрижа се повлекоа од понатамошно учество и во овој момент државата мора да покаже барем минимална загриженост за загадувањето односно за наоѓање на причинителите. Буквално, во секој час треба да се мери за да се открие причината за проблемот и да се работи на превенција. Без точни податоци не може никако да се работи на стратегија“, вели Пешева.

Таа потенцира дека клучно во целиот проблем е што Македонија нема референтна лабораторија која ќе проверува што и како влегува во државата.

„Доколку имаме индикации за загадување, инспекторите одат на терен, но нашата лабораторија се уште не е акредитирана иако постои во министерството за животна средина,“ завршува Пешева.

Мерната станица е од огромно значење бидејќи тоа е единствениот веродостоен мерач за квалитетот на воздухот. Благодарение на бројките кои ги покажуваат овие инструменти, во земјава се прават анализи и се кројат стратегии за борба против загадувањето.

Македонија со години се наоѓа на врвот на светските листи на најзагадени земји во светот. Бројките на болни чии причинител е загадениот воздух се постојано во пораст. „О2 Иницијатива“ објави шокантни бројки на починати во нашата земја како последица од загадениот воздух. Повикувајќи се на извештаите за квалитетот на воздухот во Европа на Европската агенција за животна средина (2015 – 2019), од „О2 Иницијатива“ пресметале дека во Македонија за 5 години починале 16.960 лица од аерозагадување.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.