Две девојчиња на 17-годишна возраст и едно на 14, малтретирале шестоодделенка понижувајќи ја и гасејќи цигари од нејзиното тело во скопската општина Ѓорче Петров. Насилството отишло дотаму што ја принудиле тинејџерката да јаде и кучешки измет. Ова е еден од неколкуте случаи на врсничко насилство кое ја згрози домашната јавност и ја отвори дебатата за одговорноста не само на родителите и системот, туку и на самите деца.
Жртвата доби стручна помош, а за оние кои ја малтретираа, Обвинителството поднесе барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје. За нивните родители пак, следуваа кривични пријави од полицијата.
Ваквиот исход ја поттикна адвокатката, Маја Ристова да поднесе кривични пријави против родителите на неколку девојчиња од Штип кои лани три месеци тепале девојче на повеќе локации во Штип. Ристова објави и видео од насилството, за кое МВР поднело кривична пријава против малолетничките, без да биде побарана одговорност од нивните родители.
Дента кога медиумите објавија за случајот во Ѓорче Петров, скопјанката Викторија Аврамовска Мадиќ им предложила на останатите родители, да дискутираат за темата – насилство. Вознемирена, таа побарала ова прашање да се најде на дневен ред на Советот на родители, но како одговор само била прашана „зошто ни е сега важна оваа тема“.
Аврамовска Мадиќ вели дека родителите биле позаинтересирани да дискутираат за екскурзиите и за термините на часовите по англиски.
„Утре ваков проблем и нам може да ни се случи. Ние сме поминале кражби, но ваков проблем сме немале“, додава таа.
Преку овој пример, Аврамовска Мадиќ доловува дека се потребни нови мерки и методи за да се привлече вниманието на родителите, бидејќи според неа, никој не го гледа проблемот што произлегува од дома.
„Кај нас, доколку нешто не наложиш или забраниш, нема да може да го применат родителите. Мора да има законско решение, ако Сејф сити нѐ научи да возиме со 45 км на час, може да се научиме редовно да одиме на родителски средби и да научиме како да го препознаеме семејното насилство“, смета Аврамовска Мадиќ.
Врсничкото насилство не е обично задевање
Токму начинот на кој функционира семејството е еден од факторите кои влијаат на тоа ученикот да стане насилен – вели Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука.
Но, додека во некои семејства се случува насилство, други го препознаваат и пријавуваат она што се случува во училишните средини. Така, до електронската адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk лани пристигнале 49 пријави, од кои 41 се успешно решени.
Ивановска нагласува дека смелоста да се пријави, значи и свест оти општеството мора да реагира.
„Насилството не е обично ученичко задевање. Она што прераснува и ги надминува границите на нормално задевање станува сериозно насилство. Децата ако имаат побезбедна средина ќе имаат и поголеми достигнувања во училиштето“, посочува Ивановска.
Таа укажува на потребата од подобра соработка меѓу училиштата и центрите за социјална работа.
„Ако станува збор за потежок вид на насилство и центарот за социјални работа излезе на терен и почне да работи со семејствата, училиштата не ги добиваат повратните информации што се работи со тоа дете, со тоа семејство затоа што детето мора да се врати во училиште. Стручните служби мора да знаат што е сработено и кои чекори ги презел центарот“, додава Ивановска.
Од друга страна, и училиштата треба да ги координираат телата во кои се вклучени учениците, за да заживеат мерките за ученичко учество. Тие од образовните власти може да добијат и финансиски стимул за да направат специјални програми не само за спречување на насилството туку и за превенција од дрога. Сепак, Ивановска забележува дека е „запрепастувачки колку училишта се јавиле на ваквиот повик“.
Важноста на ученичките тела со активности надвор од редовната настава таа ја аргументира со можноста преку нив, да се види дека она што се случува надвор од училиштето, се случува и внатре во него.
„Мора да бидат координирани телата во кои се вклучени учениците, да дебатираат и да дискутираат. Така ги учиме да бидат одговорни демократски граѓани понатаму во животот. Апелирам до сите училишта да ги формираат телата, да им дадат ученички простор на децата каде ќе се почувствуваат слободно за време на одморот, некое катче каде ќе може да се насмеат или да свират на гитара. Повеќе воннаставни активности каде децата ќе зборуваат за општествена работа, за храброст, дете кога ќе види дека друго дете е нападнато, тоа не е причина за потсмев. Да го сузбиеме стравот, да не го оставиме детето само“, апелира Ивановска.
Безбедноста како чувство, а не само протокол
Во едно такво ученичко тело, членува матурантката Ива Додевска од Куманово. Таа стои на чело на ученичкиот совет во Гимназијата „Гоце Делчев“ чии училници ќе ги напушти, за да се запише на Медицинскиот факултет во Скопје, бидејќи како што вели „медицината е нејзин повик за да им помага на луѓето“.
Водена од таа желба, активно се бори против врсничкото насилство иако, како што вели, никогаш не била изложена на некоја негова ригорозна форма.

„Меѓутоа, имам примено критика на моја сметка, шега на моја сметка, некој коментар којшто ме повредил и слично. Сето тоа успевам да го надминам и сето тоа на некој начин, ме челичи“, споделува таа за ПИНА.
За овие нејзини активности, ни сподели дека ѝ даваат чувство оти придонесува за својата заедница. За средношколските денови вели дека се „сончевина во нејзините сеќавања“, во кои сепак „провејува“ и впечатокот дека стручните служби во училиштата се претставени во погрешно светло.
Во изјава за ПИНА, Ива посочува дека потребна е поголема блискост меѓу нив и учениците бидејќи тие ги доживуваат како некој кој само казнува или намалува поведенија. Односно според неа, „доброто се подразбира, а лошото се казнува“ без да се гледа меката страна на стручните служби.
„Мислам дека механизмите не се доволно соодветни затоа што на пример, доколку некој ученик направи некој прекршок, отстапка или пројави некое деликвентно однесување тој е повикуван во службата на разговор и најчесто во нашите умови, службата служи за тоа. Но, доколку ученикот на пример, освои некоја награда или доколку иницира нешто во својата заедница, се вклучи во некој проект со што заслужил поклон и признание, тој не е повикан во службата“.
Како пример за тоа, на кој начин би можела да се смени ваквата перцепција, 18-годишната ученичка вели дека на разговор со стручните служби треба да се охрабрат и учениците кои одат по натпревари за подобро да го изменаџираат стресот.
„Навистина многу значи афирмацијата на нашиот труд и тоа не треба да се сведе на објава на социјалните мрежи каде што лајковите ќе ни бидат единствената потврда за нашиот успех. Доколку тоа го дозволиме тогаш навистина правиме еден колапс во системот на награда и казна, а и мислам дека лајковите треба да бидат последното мерило, а не првото“, вели Ива која за крај на кусиот, но инспиративен разговор за ПИНА, заклучува дека колку општеството вложува во младите, толку вложува и во иднината.
„Воспитанието треба да дојде пред образованието, да се направи разлика меѓу послушност и вкалапување, каде почнува односот личност кон личност. Безбедноста не е само протокол туку и чувство, но постои голема дисфункционалност во домовите. Самата успешност на еден образовен систем се мери преку неговиот однос кон најслабите чинители“, заклучува оваа средношколка.
Новото време бара адаптација на студиските програми за идните наставници
Но, колку идните кадри кои треба да ги образуваат децата, имаат вештини и способност да се прилагодат на современиот начин на живеење? Професорот Деан Илиев, вели дека системот е крут и институциите се трансформираат поспоро одошто тоа го бара времето.
„Токму вакви прашања бараат брза реакција, адаптација на дел од студиските програми за да може да се излезе во пресрет и на компетенциите на наставниците за тие да се збогатат, да се оплеменат, да добијат нова форма, димензија и потоа тие секундарно да ги практикуваат во работа со децата“, вели професорот Илиев од Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Тој додава дека факултетите имаат академска слобода да променат 30 отсто од структурата на предметите. Всушност, ова е начинот на кој може да се следат иновациите и новитетите во научните дисциплини за идните наставници да постигнат подобри резултати.
Кога ќе дипломираат и ќе се вработат како наставници, тие изработуваат личен план за професионален развој. Врз основа на ваквите планови, директорите и стручните служби, објаснува професорот Илиев, прават план во кој ги наведуваат чекорите за развој на училиштето.
„Самите училишта планираат каде ќе бидат вклучени наставниците, од што ќе учат, дали ќе имаат обуки, на кои теми ќе бидат обуките, како ќе се дизајнираат обуките, кои ќе бидат автори на обуките, односно обучувачи или провајдери, зависи во која форма тоа се реализира. Се анализира и што може училиштето да покрие со свои средства или дали ќе побара дел од Бирото за развој на образованието. Така се заокружува системот на професионалниот развој на наставниците“, вели професорот Илиев.
Го прашавме и како безбедноста во училишните средини е поврзана со успехот на учениците, на што тој посочува дека секое дете сака да учи во пријатна средина.
„Детето сака да учи во средина во којашто ќе ужива во своите сетила и тогаш тоа се отвара на промената. Детето едноставно ја прима секоја позитивна дразба којашто ќе дојде до неговите сетила и тогаш имаме успешност на учењето, имаме успешност на процесот на поучување и едноставно успешност на воспитно-образовниот систем во целина“, појаснува нашиот соговорник.
Реакции од граѓанскиот сектор
Искуството на граѓанските организации покажува дека покрај физичкото и психичкото, дигиталното насилство зема сѐ поголем замав. Според невладиниот сектор, училиштата и родителите си ја префрлаат вината, додека младите прекумерно консумираат насилни содржини на интернет, а тоа директно им ја намалува емпатијата.
„Насилството не може да се припише само на една страна. Секој чинител како училишта, наставници, стручни служби, родители и ученици има незаменлива одговорност. Само преку вистинска соработка, превенција, навремена интервенција и личен пример на возрасните можеме да создадеме безбедна, емпатична и одговорна училишна средина. Децата најмногу учат од нашите постапки, а не од зборовите“, истакнува претседателот на Првата детска амбасада Меѓаши, Драги Змијанац.
Извршниот директор на Коалиција СЕГА, Зоран Илиески потенцира дека тешките случаи на врсничко насилство кои се случија изминатите недели, потсетуваат оти безбедноста на децата во училиштата „не смее да биде ад-хок реакција“.
„Таа мора да биде системски, секојдневен и превентивен процес. Токму тоа го градиме три години во 50 училишта преку пристап кој ги обединува наставниците, стручните соработници, родителите и пред сè самите ученици во една заедничка култура на ненасилна комуникација, рана детекција и активно ученичко учество“, вели тој.
Меѓу случаите на врсничко насилство кои ја „разгореа“ ваквата дебата, освен насилствата во Ѓорче Петров и Штип, е и случајот од Ченто во кој 15-годишен средношколец со нож повреди ученик од деветто одделение од Основното училиште „25 Мај“. По нападот кој се случил во училишниот тоалет, детето беше оперирано на скопските клиники.
Што ќе преземат надлежните?
Два дена подоцна, Локалниот совет за превенција во Општина Гази Баба, одржа седница на која донесе 13 заклучоци и мерки за подобрување на безбедноста во општинските училишта.
Инцидентите ги мобилизираа институциите, а ресорната министерка Весна Јаневска најави лиценцирање на училишните психолози за да детектираат разни видови проблеми во училиштата и да преземат мерки. Потоа, таа информираше дека преку законски измени ќе се воведат санкции за родителите на децата кои прават насилни дела. Глобата ќе биде 250 евра за секое сторено насилно дело на детето.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски рече дека ќе почне да функционира бесплатна психолошка поддршка во средните училишта, што ќе биде соработка на надворешен оператор со Град Скопје.
„Коренот треба да го бараме во семејствата и најпрвин таму да се посвети внимание, да видиме од каде потекнува агресијата и девијантното однесување на поединец или на група, паралелно да се работи со семејствата и со професорите, но многу треба да се работи со децата, и во основните и во средните училишта“, вели Ѓорѓиевски.
Предлог мерки од опозицијата
Но, ова не е доволно за опозицијата која повикува на одговорност од Јаневска, како и на смена на директорите на училиштата.
Претседателот на Комисијата за образование и наука на СДСМ, Јованче Манасков изјави дека секојдневните сведоштва за физички пресметки, закани и насилство меѓу ученици покажуваат дека системот за превенција потфрла, а Министерството за образование и наука не презема доволно мерки.
СДСМ бара вонреден инспекциски надзор во училиштата и ученичките домови, ревизија на безбедносните протоколи и редовно објавување јавни податоци за булингот, насилството и преземените мерки. Партијата предлага и унифициран протокол за постапување при насилство, закани и внесување оружје во основните и средните училишта, како и законска обврска институциите да реагираат во рок од 24 часа по секоја пријава.
Авторка: Вања Мицевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





