Почетна Анализи Кој навистина профитира од храната што завршува на трпезата на граѓаните?

Кој навистина профитира од храната што завршува на трпезата на граѓаните?

0
17
Илустративна фотографија | Elaine Casap, Unsplash

Цените на репроматеријалите и енергенсите континуирано растат, додека земјоделците сè повеќе тонат наместо да напредуваат, вели Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати на земјоделски производители во струмичкиот регион и агроном.

Ако се додаде неизвесниот пласман, крајната цена што ја плаќаат потрошувачите е повеќекратно повисока, профитот се губи по должината на трговскиот синџир, оставајќи го земјоделецот на работ на егзистенција, а граѓанинот со сè поскапа кошничка, смета тој.

Ристо Велков

„Најголем товар од ваквата состојба носат и земјоделците и потрошувачите. Владата мора да најде механизам за да се стави ред во трговските маржи. Ако производната цена на килограм зелка е околу 20 денари, а се откупува за 15, тоа е економски неодржливо. Во исто време, истата таа зелка во маркетите ретко може да се најде под 50 денари, што значи дека најголемиот дел од разликата завршува кај трговците, без реален придонес во производството“, вели Велков за ПИНА.

Според него, парадокс е што Македонија увезува храна во вредност од околу една милијарда евра, а извезува само 300 до 400 милиони. Тоа, додава, отвора сериозно прашање за одржливоста и логиката на актуелниот модел. Според Велков, сите влади прават една круцијална грешка.

„Субвенциите треба да се исплаќаат тогаш кога му се најпотребни на земјоделецот за да го почне производството. Градинарскиот сектор почнува со подготовки уште на крајот на претходната година, а субвенциите ги нема. За зелката производството е почнато во ноември, сега веќе завршува, субвенции уште нема, а веќе се сади индустриска пиперка, домат, краставица што според мене укажува на тоа дека тука нема логика во распределбата“, вели Велков.

Вели дека сведочи на континуираниот пад на производството во земјоделството, како и на работната сила во тој сектор. Состојбата ја влошува просечната возраст на земјоделците, меѓу 55 и 60 години, што ќе влијае врз одржливоста, но и рентабилноста на производството.

Според него, ако земјоделците продолжат да се откажуваат, на пазарот ќе има само странски производи и домашните ќе бидат заборавени.

„Во таков случај, трговците ќе диктираат сè. Минатата година ова време, зелката беше 50 денари откупна цена, а сега е 15. Доматот во Струмица се нуди по 150 денари на големо, а на тезга е преку 200. Краставицата падна на 30 денари, ама на тезга е 70-80 денари. Владата мора да го контролира овој режим каде заработката оди кај трговецот“, објаснува Велков.

Без државна помош, нема конкурентни земјоделци

Земјоделецот, логично, бара повисока цена за својот производ, имајќи ги предвид вложените средства, трудот, ангажманот и пожртвуваноста, која најчесто ја носи целото семејство, вели за ПИНА Ленче Николовска, директорка на Агротим, платформа која се занимава со прашања од земјоделството.

Ленче Николовска, директорка на Агротим

„Од друга страна, откупувачите и трговците се водат од пазарната логика, цената ја диктира пазарот на кој тие го пласираат производот и од кој треба да остварат профит. Дополнителен притисок создава и увозот од земји каде производството е силно субвенционирано, што ги прави тие производи поевтини и поконкурентни. Оттука, јасно е дека без сериозна државна поддршка, пред сè преку намалување на производните трошоци и модернизација на земјоделството, домашните производители тешко можат да бидат конкурентни“, изјави Николовска.

Според неа, главниот проблем е во неорганизираноста на земјоделските производители и малата поддршка од државата во споредба со ЕУ, каде  таа изнесува 40% од буџетот.

„Нашите производи треба да бидат конкурентни на пазарите со високо субвенционираните производи на земјите членки на Унијата. Периодов постојано има информации за милиони евра кои ЕУ ги одвојува за земјоделците како дополнителна мерка во кризни ситуации, дали од војни или временски непогоди. Кај нас сè уште има неисплатени субвенции за повеќе мерки“, рече таа.

Николовска смета и дека земјоделците немаат преговарачка моќ бидејќи не се здружени, за што влијание имаат менталитетот, но и, како што вели, негативните искуства од минатото. Често, додава, лидерите на земјоделските здруженија се впуштаат во политички активности, па наместо конкретна поддршка и реални проекти за земјоделците, нивната улога се сведува на формално постоење и поддршка на политиките на актуелната власт.

„Земјоделците тоа го препознаваат и затоа сè почесто се дистанцираат од ваквите организации. Потребно е тоа да се промени, во интерес и на производителите и на целиот агросектор“, објаснува Николовска. Таа смета дека треба да се повлечат неколку потези за итно да се стабилизира секторот.

„Субвенции кои ќе дадат ефект, земјоделци кои ќе се контролираат на што ги трошат парите. Државната поддршка мора да се инвестира во агротехнички мерки и модернизирање на производството. Автомобили, техника и други лични потреби ќе купуваат од профитот кога ќе произведат квалитетна роба која нема проблем со пласманот на странските пазари. Никој не смее да се амнестира од состојбата во која е доведен македонскиот аграр. Помошта од државата мора да се симне до теренот, кај примарното производство. Поддршка на извозот и долгорочна стратегија на дело, а не само на хартија“, вели Николовска.

Институциите уверуваат: Се работи на системски решенија

И покрај реакциите од земјоделците за ниските откупни цени и високите трошоци, надлежните институции за ПИНА уверуваат дека се преземаат конкретни чекори за поддршка на секторот. Од министерството за земјоделство, велат дека веќе се работи на мерки кои треба да донесат поголема стабилност во производството, подобри цени и поголема конкурентност на домашните производи.

„Преку програмата за финансиска поддршка во земјоделството, малите производители добиваат директна помош, додека мерките од програмата за рурален развој овозможуваат модернизација на производството и зголемување на капацитетите, со цел поголемо домашно производство и обезбедување квалитетна храна“, наведуваат од ресорното министерство.

Од таму додаваат дека се преземаат и активности за спречување на одливот на земјоделци, особено меѓу младите.

„Преку националните програми и ИПАРД, се работи на мотивирање на земјоделците за активно учество во секторот – преку едукација, модернизација, учество на саеми, како и здружување во задруги и организации на производители. Посебен акцент се става на младите, кои при аплицирање добиваат дополнителни поени“, посочуваат од министерството.

Во однос на транспарентноста во синџирот „од нива до трпеза“, институциите велат дека веќе се спроведуваат активности за зајакнување на довербата кај потрошувачите.

„Со кампањата ‘Македонско најдобро’ се работи на промоција на домашните производи, нивно означување и информирање на потрошувачите, со цел зголемување на потрошувачката на македонски земјоделски производи и нивни преработки“, додаваат од Министерството.

И додека земјоделците алармираат за огромни разлики меѓу откупните и малопродажните цени, од институциите уверуваат дека пазарот се следи и дека постојат механизми за увид и контрола. Од министерството за економија велат дека државата има систем за следење на цените, но оти тие се формираат слободно, согласно пазарните услови.

„Преку Земјоделскиот пазарен информативен систем се следат откупните, големопродажните и малопродажните цени на земјоделско-прехранбените производи. Податоците се прибираат од терен и од правните субјекти, што овозможува континуирано следење на пазарот“, велат од министерството за економија.

Во однос на тврдењата за екстремно високи маржи, од таму наведуваат дека не располагаат со податоци за толку високи проценти.

„Според нашите информации, бруто профитната маржа во трговијата на големо се движи од 20 до 40 проценти, додека во малопродажбата од 25 до 50 проценти. Оваа маржа треба да ги покрие и оперативните трошоци на компаниите, како што се плати, амортизација и други фиксни трошоци“, објаснуваат од министерството.

Во однос на евентуално ограничување на маржите, институциите се повикуваат на уставните и законските рамки.

„Слободата на пазарот е уставна категорија и може да се ограничи само во исклучителни случаи, како што се природни непогоди, сериозни пореметувања на пазарот или закана по здравјето на граѓаните. Во тие ситуации, со закон може да се воведат посебни услови за трговија, вклучително и ограничување на маржите“, посочуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека ценовната политика во нормални услови ја диктираат понудата и побарувачката, а државата интервенира само кога има сериозни нарушувања.

„Контролата на пазарот се врши преку надлежните институции, а Владата интервенира исклучиво во исклучителни ситуации, утврдени со закон, кога има значителни пореметувања во снабдувањето или функционирањето на пазарот“, велат за ПИНА од министерството за економија.

Авторка: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА